Ќе се набавуваат „паметни“ столбови за „паметно“ Скопје

Систем за паметно осветлување, систем за паметно паркирање, систем за мониторинг на квалитетот на воздухот, систем за јавно мислење и задоволство на граѓаните, систем за паметно мерење на потрошувачка на вода и изработка на градски портал. Ова се активностите што ќе бидат реализирани во рамките на проектот „Смарт сити“.

За таа цел, Град Скопје воспостави меѓуопштинска соработка со општините Аеродром, Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош, Кисела Вода, Сарај, Центар, Чаир и Шуто Оризари, за имплементирање систем за паметно осветлување и платформа за дигитален град – „Смарт сити“.

Како што информираат од Град Скопје, со воспоставената соработка се утврдува начинот, условите, финансирањето и другите прашања за заедничка цел и интерес за финансиско учество за имплементирање систем за паметно осветлување и платформа за дигитален град на јавни површини, паркови, плоштади, основни и средни училишта, културни институции и јавни институции на подрачјето на општините во градот Скопје.

– Средствата неопходни за реализација на оваа одлука се обезбедени од Буџетот на Град Скопје за 2021, 2022 и за 2023 година. За реализација на оваа одлука, градоначалникот на Град Скопје ќе склучи договор со градоначалниците на општините во Градот Скопје, во форма и содржина пропишана со Законот за меѓуопштинска соработка, меѓу кои ќе се определат локациите на кои ќе се постават паметните столбови – стои во предлог-одлуката за воспоставување меѓуопштинска соработка, која беше разгледувана на последната седница на Советот на Град Скопје.

Како што наведуваат од Град Скопје, одлуката за воспоставување меѓуопштинска соработка е заради остварување заеднички интереси и вршење заеднички работи од надлежност на општините.

– Град Скопје има потреба од набавка на паметни столбови за инсталацијa на јавни површини, паркови, плоштади, основни и средни училишта, културни институции и јавни институции. Доколку со идејното решение се утврди дека одредени предлог-локации се во надлежност на општините на Град Скопје, односно се на нивно подрачје, градоначалникот на Скопје треба да склучи договор со надлежната општина преку соодветна постапка.  Овие паметни столбови ќе се користат за идни проекти околу концептот на паметен град, како на пример бесплатна интернет-конекција, ви-фи и сл. Столбовите ќе овозможат едноставно инсталирање комуникациска инфраструктура, сензори, конектори, ви-фи опрема и сѐ друго што во понатамошниот развој на градот ќе биде дел од концептот на паметен град – стои во образложението.

Во рамките на реализацијата на проектот за „Смарт сити“ е и имплементацијата на т.н. паметно јавно осветлување во Скопје, со чијашто имплементација се очекува за околу 70 отсто да се намали потрошувачката на електрична енергија за јавно осветлување. Овој проект е еден од капиталните проекти кои градските власти го најавуваат за следната година, а е дел од Развојниот план за изградба и одржување на паметното јавно осветлување на улици во надлежност на Град Скопје и платформа за паметен град на подрачјето на Скопје за период од 2021 до 2023 година.

Оттаму велат дека имплементацијата на системот за паметно осветлување предвидува набавка и инсталацијата на околу 10.000 нови ЛЕД-светилки на сообраќајниците, на плоштадите и на јавните површини во надлежност на Градот, а со тоа значително ќе го модернизира постојниот систем и ќе ја унапреди енергетската ефикасност на Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот