Ќе се менува законот за клевета и навреда

Од професионалните здруженија на медиумските работници сѐ уште не знаат во кои насоки ќе бидат измените и велат дека се задоволни и со актуелниот закон.

Министерството за правда најави дека ќе се менува Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета за да се отстранат одредени слабости и недостатоци, а текстот на нацрт-измените се очекува да биде познат до крајот на годината. Од професионалните здруженија на медиумските работници сѐ уште не знаат во кои насоки ќе бидат измените и велат дека се задоволни и со актуелниот закон, кој беше донесен во 2012 година и со кој, по декриминализацијата на клеветата, се намали притисокот од политичарите врз новинарите.

Според Министерството за правда, законот од 2012 година покажал недостатоци што треба да се надминат со законски измени. За таа цел бил ангажиран домашен експерт кој изработил анализа на судската практика во Македонија во која ги детектирал прашањата што треба да бидат доуредени, но таа анализа сè уште не е готова.

Од ЗНМ велат дека според нивните проценки Законот за граѓанска одговорност од клевета и навреда треба да има минимални измени во делот кој се однесува на работата на новинарите и медиумските работници.

– Овој закон, но и самото декриминализирање на делата клевета и навреда што во 2011 година беа иницирани од ЗНМ, се покажаа генерално корисни во поглед на намалување на притисокот кон новинарите. Според нашите анализи, годишно има помеѓу 30 до 40 случаи на клевета и навреда против новинари, а дел од тие случаи биле и новинар против новинар. За споредба, во периодот кога овие дела беа дел од Кривичниот закон, нивниот број изнесуваше над 300 и имаше голем број случаи  во кои политичари тужеа новинари, кои траеја долго. Со тоа клеветата и навредата беа алатки за наметнување на (само)цензура и за заплашување на критичните новинари – велат од ЗНМ.

Директорката на Советот за етика во медиумите Марина Тунева вели дека биле консултирани за законските измени и укажале дека немаат посуштински забелешки.

– Ревидирањето на законодавството во оваа сфера беше една од клучните препораки во Извештајот на Прибе и дел од итните реформски приоритети поврзани со медиумите и слободата на изразување. Особено ни е значајно со примената на Законот да не се предизвика ефектот на самоцензура во медиумите во обид да ги избегнат правните импликации, зашто последицата од тоа би биле рестрикции во критичкото новинарство и слободата на изразување – вели Тунева за „Слободен печат“.

Овие законски измени веќе требаше да бидат донесени, но разговорите беа одложувани поради кризата со коронавирусот. Од Правда неодамна соопштија дека законот ќе се усогласи со меѓународните стандарди и дека со измените ќе се вградат препораките од експертските анализи и од оценувачките мисии.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот