ЌЕ СЕ ИСПОЛНИ СОНОТ НА МЛАДИОТ ИВАНОВ: Владата ќе му помогне да студира на „Џулијард“

На следната седница на Владата, МОН ќе предложи да се направат Измени и дополнувања на Програмата за остварување и развој на дејноста во студентскиот стандард за 2019 година.

Овие промени се со цел да се овозможи доделување стипендии на талентираните државајни на Македонија, од областа на уметноста, да го продолжуваат своето школување во врвни школи низ светот.

По донесувањето на измените, можност за стипендија ќе добие младиот Александар Иванов, кој е примен на студии во најпрестижната музичка школа во светот, „Џулијард“.

„На конкурсот кој ќе биде објавен по усвојување на измената и дополнувањето, можност за аплицирање за стипендија ќе има и студентот од нашата земја кој е примен на ‘The Julliard School’ во Њујорк, САД, а кој е дел од низа написи во медиумите во минатите неколку денови“, се вели во соопштението на Министерството за образование и наука.

Александар Иванов (18) е најмладиот добитник на наградата „Виртуози” во категоријата „Млад музички уметник” за 2015 година, манифестација во организација на Македонската опера и балет, Македонската филхармонија и Сојузот на композиторите на Македонија.

Од 2015 година Александар Иванов работи со светски реномираниот виолинист Светлин Русев, професор на Парискиот конзерваториум и концерт-мајстор на оркестарот на Радио Франс и Женевската филхармонија.

Иванов минатата година е примен и на „Ројал колеџ оф мјузик“ во Лондон за учебната 2018 година, но од финансиски причини мораше да паузира една година, а сега иако е примен и на „Џулиард“ се сретнува со истите проблеми, финансии.

Во текот на своето школување посетувa голем број мастер класови кај еминентни светски виолинисти: Ноа Џелер, Луис Каплан, Кшиштов Венџин, Леонид Кербел, Светлин Русев, Вадим Репин, Надја Невелович, Веско Пантелеев – Ешкенази, Стефан Миленковиќ…

За него, неговите пријатели отворија и „Go Fund Me“ страница, со цел да се соберат средства за неговото натамошно школување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот