Ќе се градат нови и ќе се реконструираат старите патеки на Водно и на Матка

Наскоро се започнува со изведба на надолна „флоу“ планинарска велосипедска патека на падините на Водно, со што ќе се заокружи првата целина на планински велосипедски патеки по кои велосипедистите ќе можат да пристигнат до Средно Водно и повторно, по друга планинска патека да се спуштат до Скопје.

Со покачување на температурите, скопјани, но и голем број граѓани од внатрешноста на земјата, како и странски туристи, ладовина бараат искачувајќи се на Водно или посетувајќи ја Матка. Покрај рекреативни посети, овие две туристички места во Скопскиот регион се исклучително привлечни и за вљубениците во спортот кои најчесто со велосипед се искачуваат на Водно или пак ја посетуваат Матка и на тој начин од поблиску уживаат во природните убавини. Сепак, многумина од велосипедистите им забележуваат на надлежните дека е потребно дополнително да се инвестира во изградба на патеки за пешаци, но и за велосипедисти, и на тој начин овие две локации во непосредна близина на Скопје да станат уште попосетени.

Сѐ со цел мотивирање на скопјани, но и на посетителите што иако не возат професионално велосипед, со ова еколошко превозно средство да можат да ги  посетат Матка и Водно, градските власти најавуваат многубројни проекти.

– Наскоро се започнува со изведба на надолна „флоу“ планинарска велосипедска патека на падините на Водно, со што ќе се заокружи првата целина на планински велосипедски патеки по кои велосипедистите ќе можат да пристигнат до Средно Водно и повторно, по друга планинска патека да се спуштат до градот Скопје. Надолната „флоу“ патека скопјани веќе подолго ја очекуваат, бидејќи станува збор за патека со многу ниска надолна косина и прецизно изведени кривини и наклони. Исто така, преку друга јавна набавка, избран е економски оператор кој ќе ги одржува новите планински велосипедски патеки на Водно во текот на целата сезона. На овој начин, планинските велосипедски патеки ќе бидат постојано одржувани и во најдобра форма – информираат од Град Скопје.

Во врска со планината Водно и содржините, од Град Скопје информираат дека е обезбедена проектна документација за парк за развој на детска моторика, а започната е и административната постапка за набавка на проектна документација за други содржините од студијата за туристичко-рекреативниот центар Водно.

– Овие проекти предвидуваат детски игралишта, летниковци, панорамско шеталиште на јужниот дел на сртот и полетувалишта за параглајдинг – објаснуваат од Град Скопје.

За кањонот Матка, пак, распишана е јавна набавка за реконструкција на пешачките патеки на локалитетот Матка, по што ќе следи и реконструкција на патеките и урбаната опрема од Св. Андреа (од клинот) до Висок Рид (наспроти пештерата Врело) и патеката од пештерата Врело до пештерата Убава.

– Во врска со локалитетот Матка и подводната пештера Врело за која се предвидува дека е најдлабоката подводна пештера во Европа, а која досега ја имаат посетено неколку реномирани светски нуркачки екипи, предвидени се средства за проектна документација за реконструкција на опремата во оваа пештера. Веруваме дека овие две јавни набавки ќе се реализираат до крајот на годината, а преку нив првиот дел на подводната пештера Врело, односно каналот од 150 метри и просечна длабочина од 10 до 15 метри, кој води од влезот во пештерата до салата Пеони, со помош на обучени водичи за подводно нуркање ќе биде достапен и за комерцијално нуркање – велат од Град Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот