Ќе се формира берза на струја

струја

Во Македонија наскоро треба да се формира берза за електрична енергија. Компанијата што треба да ја организира берзата веќе е формирана и се очекува Регулаторната комисија за енергетика да ѝ даде лиценца. Оваа нова компанија, под името Оператор на пазарот на електрична енергија (МЕМО), е формирана од државната компанија МЕПСО, која го прави преносот на струјата низ високонапонската мрежа.

Значењето на формирањето на берзата на струја е да може транспарентно да се види понудата и побарувачката на електричната енергија, како и цените на „играчите“ на берзата. Прво, идејата е таа да функционира на домашниот пазар, но потоа и да се поврзе и со берзи од регионот.

Претставниците на три берзи од регионот: БСП од Словенија, ИБЕКС од Бугарија и ХеПекс од Грција вчера дојдоа во Скопје за да ги споделат своите искуства во рамките на семинарот „Што е ново на пазарите на електрична енергија во земјите на Југоисточна Европа“, организиран од реномираната новинска агенција специјализирана за енергетика „Енергетика.нет“ од Словенија.

Генералната директорка МЕПСО, Ева Шуклева, нагласи дека сега влегуваме во крајниот процес од реформите во енергетика што имаат за цел цената на електричната енергија да ја трансформираат од социјална во пазарна категорија.

– Сега на нашиот пазар на електрична енергија своето место го најдоа десетина активни снабдувачи, педесетина трговци и неколку стотини учесници – во најголем број потрошувачи. Лани обемот на електрична енергија тргувана по пазарни цени е 50 отсто од целата пренесена електрична енергија консумирана од националниот систем. Стрпливо низ годините создадовме солиден квантум на материјал за тргување, имаме искусни учесници на пазар и сега е вистинскиот момент и да почне организираниот пазар на принципот „тргување ден однапред“. Токму за оваа последната фаза, сакам да истакнам, без лажна скромност, дека работевме напорно и во период од две години во целост го подготвивме амбиентот за создавање организиран пазар или популарно наречената берза за електрична енергија – рече Шуклева.

Инаку, идејата за формирање берза на електрична енергија постои одамна и таа многупати е најавувана.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот