Ќе попушти ли некој за СЈО или сите ќе ја пропуштиме ЕУ?

Фото: МИА

По неколку рунди на преговори, на две недели пред објавувањето на извештајот на Европската комисија, се уште нема договор за статутот на Специјалното јавно обвинителство. Донесувањето на нов закон за СЈО е еден од условите за позитивна оценка и добивање на датум за преговори со ЕУ.

Според неофицијални информации, странците инсистираат на тоа, за позитивна оценка да има договор за новиот закон за јавно обвинителство, без да навлегуваат во суштината на решението.

Неделава не се планираат нови разговори меѓу работните групи на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Разговорите се очекува да продолжат следната недела.

Извори од преговарачките групи велат дека за да се постигне договор мора отстапки да направи ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи преку некои нивни барања не може да се помине. Упатените кометираат дека без разлика на тоа дали новиот закон за СЈО ќе биде донесен до објавување на извештајот за напредокот, оценката ќе биде позитивна. Но сепак, кога ќе се носи одлуката за датум на преговори на Самитот на крајот на јуни, за земјите членки ќе биде важно овој закон да биде донесен, поради што и до тогаш се очекува СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ да постигнат договор.

Министерката за правда, Рената Дескоска, потврди дека во овој момент нема напредок во преговорите во кои, покрај политичките партии, вклучени се и експерти и претставници на меѓународната заедница. Таа посочува дека покрај сите доставени амандмани, реален проблем во целиот процес е прашањето за СЈО.

– Токму постапките покренати 18 месеци по предвидениот рок се клучниот камен на сопнување. Што со нив? Во предлогот на Министерството стои дека тие постапки продолжуваат и ќе ги продолжи обвинителството што е надлежно, а според надлежностите, тоа е СЈО. Од страна на опозицијата постои барање тие постапки да бидат прекинати и сите докази кои биле собрани да не важат. Кога ќе ги прекинете постапките, има практична неможност после тоа да ги отворате – вели Дескоска.

Таа останува на ставот дека законот што ќе се донесе треба да содржи одредби за продолжување на постапки од СЈО, кој не смее да вклучи амнестија преку законски одредби и кој треба да даде одржливост на системот на владеење на правото, кој значи гонење на криминал.

Премиерот Зоран Заев вчера рече дека доколку има исчекор во преговорите за идниот статус на СЈО ќе има и лидерска средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, пак, веќе посочи оти ако нема договор за СЈО ќе се разговара со пратениците за двотретинско мнозинство. Тој и денеска посочи оти е оптимист дека земјава се уште има шанси на јунско – јулскиот самит на ЕУ да добие датум за отпочнување на преговорите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот