Ќе оди ли Косово на вонредни избори?: Опозицијата најавува собраниска седница за импичмент на владата на Хоти

Фото: EPA-EFE/VALDRIN XHEMAJ

Претседателката на партијата Алтернатива, Мимоза Кусари-Лила, која е дел од пратеничката група на најголемата косовска опозициска партија, Движење самоопределување (ВВ), вели дека Собранието наското би можело да изгласа недоверба на владата на премиерот Авдулах Хоти и земјата да оди на вонредни избори.

Кусари-Лила во интервју за агенцијата „КосоваПрес“ вели дека е убедена оти во моментот има доволен број на пратеници за свикување на седница, за гласање недоверба за кабинетот на Хоти и дека тоа може да се очекува да се реализира во наредните неколку недели.

– Нашето барање за собирање на потписи за гласање на недоверба на Владата на Хоти останува актуелно. Меѓутоа во наредните недели ќе биде преразгледано нашето репозиционирање како пратничка група, во смисла за организирање и за добивање на поддршка и од други пратеници кои се волни да ја урнат оваа влада, изјави Кусари-Лила.

Таа вели дека сè уште не е одлучено дали ќе се бараат и десетте гласови на пратениците на „Српска листа“, партија на косовските Срби, кои се дел од владеачката коалиција, меѓутоа изразуваат незадоволство од одредени одлуки на Владата.

– Не можам ниту да негирам, ниту да потврдам во овие околности. Меѓутоа, верувам дека може да има доволно пратеници од албанското мнозинство, но и од другите заедници, за почетно да се свика седницата, а потоа и да се изгласа недоверба на Владата на Хоти, вели Кусари-Лила, оценувајќи дека „и во владеачката коалиција е очигледно продлабочувањето на разликите меѓу владините партнери”.

Единственото решение за земјата во моментот, според неа, е одржување на вонредни избори, посебно ако се има предвид дека владеачката коалиција го нема потребното мнозинство гласови во Собранието за изгласување на законите, како што е оној за економско закрепнување.

– Земјата има само едно решение, а тоа се избори. И тоа на вонредни избори кои би се организирале со почитување на мерките за заштита на јавното здравство, како што тоа се прави во целиот свет, изјави Кусари-Лила.

Во врска со дијалогот за нормализирање на односите со Србија, таа вели дека е потребно негово „целосно преоценување”.

– Во овие околности, дефинитивно, треба да има целосно преоценување на дијалогот. Треба да се разгледа позицијата, зашто досега не сме виделе некоја стратегија за дијалог. Значи, Владата на Косово оди на дијалог со агенди кои ги одредуваат други, не настапила проактивно да ја определи сопствената агенда и нема доследност во ставовите кои се битни за граѓаните на Косово, изјави Кусари-Лила.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот