Ќе одговори ли Јавното обвинителство кој ги прислушувал граѓаните?

обвинителство ојо

Специјалното јавно обвинителство заминува во историјата, а одговорот на најважното прашање за тоа кој ги прислушувал неовластено граѓаните во Македонија од 2008 до 2015 година, заради кое беше формирано СЈО, ќе треба да го даде Јавното обвинителство. Обвинителите во СЈО вчера соопштија дека се подготвени веднаш да ги предадат предметите во Јавното обвинителство.

„ЈО достави допис во кој е наведено дека според член 6, став 5 од Законот за СЈО е неопходно СЈО да ги предаде предметите во ЈО. Постапувајќи по дописот, до ЈО е доставено известување дека СЈО е подготвено веднаш да ги предаде предметите по кои постапува со сите списи и докази.

За останатите детали околу примопредавањето, ќе известиме дополнително“, соопшти вчера СЈО.

Ова следува откако минатата седмица специјалната обвинителка Катица Јанева од притвор со рачно напишано писмо им нареди и ги овласти обвинителите да ги предадат во ЈО сите предмети во судска, предистражна и во истражна постапка.

Од СЈО сега очекуваат нов допис од републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески со понатамошни детали, упатства и насоки каде и како ќе се предадат предметите. Особено е деликатно прашањето за предавањето на „бомбите“, односно над половина милион прислушувани телефонски разговори, кои своевремено во 2015 година лидерот на СДСМ Зоран Заев му ги предаде на тогаш формираното СЈО, како единствено надлежно обвинителство да ги истражи индициите за криминални дејства содржани во разговорите. За чување на бомбите тогаш беа обезбедени посебни просторни услови и процедури.

Од СЈО не ја исклучуваат можноста бомбите да останат таму каде што се.

Вчера обвинителката Ленче Ристеска, пред судењето за предметот „Талир“ кое по деветти пат беше одложено, рече дека СЈО е живо.

– СЈО се уште постои, сè уште функционираме. По законот, постои до септември 2020 година. Верувам дека политичарите ќе најдат начин, јас се уште не губам надеж дека ќе се најде законско решение за СЈО. Се бориме за сите вработени, за истражителите, за обвинителите – рече Ристоска, додавајќи дека многупати укажувале на важноста од носењето на законот за Јавно обвинителство.

Мандатот на Јанева законски истекува на 15 септември 2019 година, а пратениците од опозицијата вчера и завчера притискаа дотогаш да се одржи пленарната седница на која пратениците треба со двотретинско мнозинство да ја разрешат заради незаконито, несовесно и нестручно работење.

Опозицијата инсистира Јанева да биде разрешена, наместо мандатот да ѝ престане по сила на закон и бараат седницата итно да биде закажана, затоа што одлуката на пратениците според процедурата треба да ја потврди и Советот на обвинители. Претседателот на Собранието Талат Џафери вчера најави дека има доволно време за да ја закаже седница за разрешување на Јанева. Се очекува таа да биде закажана за денеска или најдоцна за утре. Тој објасни дека точката за разрешување вчера не ја ставал на дневен ред на тековната седница бидејќи чекал согласност од четирите најголеми политички партии за разрешувањето.

Судбината на вработените во СЈО неизвесна

Вработените во СЈО, стручниот, административниот и помошно-техничкиот персонал вчера пратија писмо до премиерот Зоран Заев, претседателот Стево Пендаровски, министерката за правда Рената Дескоска и до амбасадорите на ЕУ, САД и Холандија дека се разочарани затоа што лебди нивниот работен однос додека сè уште е неизвесна судбината СЈО.

„Во членот 21 од Законот за СЈО е наведено дека по укинувањето на СЈО, обвинителите и административниот персонал се упатуваат на работа во ЈО на позиции со споредливи лични примања. Оттука, јасна е намерата на законодавецот дека немал намера да им биде прекинат работниот однос на вработените во СЈО по крајот на мандатот, туку предвидел одредба со која би ги инкорпорирал вработените во редовното ЈО, со што изразил јасна потреба од заштита на правата од работен однос на сите вработени во СЈО со договори на определено време“, пишува меѓу другото во писмото, во кое се објаснува дека СЈО била привремена институција и затоа работниот однос им бил на определено време.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот