Ќе ни треба ли ,,ковид-пасош” за да стапнеме во авион?

Фото: Слободен печат /Драган Митрески

Вакцините против ковид 19 нема да се задолжителни, но на ниво на повеќе авиокомпании се размислува да се воведе таканаречен ковид пасош, со кој што пред летот, граѓанинот ќе мора да приложи доказ дека се вакцинирал или дека ја прележал болеста.

Во Македонија, во најважните тела кои ги кројат здравствените политики, меѓу кои Комисијата за заштита на населението од заразни болести, за ковид пасош досега не се дискутирало. Во светот повеќе ИТ компании се во трка да развијат мобилна апликација за тоа каков е имунолошкиот статус на граѓанинот. Идејата е тие што ќе се вакцинираат, да ја имаат оваа информација на нивниот мобилен апарат и пред да влезат во авион да ја покажат. Истото би важело и за влез на спортски натпревари, концерти, ресторани – без доказ за вакцина или прележан ковид, нема влез!

Од Министерството за здравство за „Слободен печат” потврдуваат дека воведувањето на таканаречен ковид пасош, засега е само размислување на многу земји во светот и дека некои авиокомпании најавуваат задолжителна вакцинација за патниците.

,,Се уште нема јасен став на повеќето земји на ЕУ и препораки како ќе се патува по вакцинацијата. Идејата да се користи пасош за вакцинација, уште не е е усвоен предлог на ниво на ЕУ. Уште од почетокот на пандемијата, земјите насекаде во светот, секоја индивидуално носеше одлуки за рестриктивни мерки за влез и излез од државата”, велат од Министерството.

Директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов тврди дека ваква идеја досега на главниот штаб не била ниту спомената ниту дискутирана, а истото ни го кажаа и нашите извори во Комисијата за заштита на населението од заразни болести.

Доктор Александар Стојанов, долгогодишен експерт за епидемиологија од Центарот за јавно здравје, вели дека лично е против воведување на ваков пасош, зашто така ќе се прави поделба на граѓаните.

-Од една страна велиме дека вакцината не е задолжителна, а од друга страна да се воведува пасош мислам дека не е во ред. Има многу неодговорени прашања. На пример, колку време би траела важноста на тој пасош, со оглед на тоа што не е познато колку време ќе трае заштитата од вирусот која ја овозможува вакцината. Понатаму, можно е некој да се вакцинира и пак да се инфицира со коронавирус. Сметам дека пасошот не овозможува некоја гаранција. Понатаму, што ќе се случува со децата под 16 години кои нема да се вакцинираат. Вакцината нема да биде за сите граѓани достапна во исто време, некои ќе мораат да почекаат зашто не се во приоритетните ризични групи, ни рече доктор Стојанов, додавајќи дека ја разбира мотивацијата зад идејата за ковид пасош, која е нормализација на авио сообраќајот кој во ковид кризата достигна вртоглави економски падови.

Додека Македонија нема конкретни информации и планови што ќе прави во поглед на ковид пасошите, во САД на големо се применува оваа идеја, ама во дигитална форма – преку екранот од мобилниот телефон.

Мобилната апликација КомонПас, уште сега им дозволува на граѓаните да ги внесат нивните медицински подаоци, како тоа дали се вакцинирале или резултатот од нивниот ковид тест. Потоа од овие сензитивни лични податоци, се генерира баркод, кој може да им се покаже при влез во објекти кои бараат гаранција дека човекот е негативен на ковид. Овие мобилни апликации се замена за конвенционалните старомодни хартиени вакцинални картони. Американските авиокомпании Јунајтед, ЏетБлу, овозможуваат патниците пред да се качат на авионот да ја покажат нивната апликација на мобилните телефони со генерираниот код кој покажува дека се вакцинирале. Ова засега важи за интернационалните летови. Сосема е можно голем број бизниси да почнат да го бараат овој код на мобилниот телефон како влезница и безбедност.

Рускиот министер за здравство Михаил Мурашко најави дека од почетокот на 2021 година, сите граѓани што се вакцинирале против ковид 19, ќе добијат и пасош кој ја потврдува вакцинацијата. Тоа ќе се прави на начин што граѓаните што ја примиле вакцината, ќе можат да ги внесат нивните лични податоци на веб страницата за државни услуги и автоматски ќе им биде генерирана потврдата.

За вакциналниот пасош за патниците, ја разгледуваме употребата на технологијата во овој правец, односно како можеме да работиме на изработка на електронски вакцинален сертификат, рече доктор Сидарта Санкар Дата, на брифинг на Светската здравствена организација.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот