Ќе нè кандисаат ли фините улични библиотеки нешто да читнеме?

Минатиот петок, Град Скопје и ЈУ Детски културен центар „Карпош“ на три локации во Скопје поставија таканаречени улични библиотеки – во дворот на Детскиот културен центар „Карпош“, во Градскиот парк и во паркот Ибни Пајко. Браво за иницијативата. Но, уште поголемо браво за оптимизмот дека проектот ќе успее, што од сè срце посакувам.

Скопските улични библиотеки се дизајнирани по урнекот на светските, препознатливи се по формата на дрвени куќички за птици. Браво и за дизајнерката Македонка Тошевски. Целта на ваквите „куќички за книги“ е промовирање на културата за читање. Функционираат многу едноставно: секој може да земе книга, да ја прочита и да ја врати, или да остави друга книга за замена. А, и секој може да донесе книга, да ја подари, за и други да ја прочитаат. Идејата родена во САД во 2009 година од Тод Бол, брзо се прошири низ светот. Некои историчари на книжевноста велат дека на ваков начин дури и поранешната византиска престолнина одржувала чекор со културата – со шест „куќички за птици“ претворени во мали библиотеки за заедницата.

Пред подемот на овие преслатки книжевни гнезда, во светот се случуваше „бум“ на таканаречениот „bookcrossing“, односно, вкрстена размена на книги. „Тајните“ места за размена, најчесто во близина на книжарниците, беа откривани само преку Интернет. Иако Фејсбук сè уште не беше толку распространет, иницијативата добро функционираше. Можеа да се споделат и текстови на истиот принцип, следејќи го нивниот пат низ уникатен код. Ваквиот културолошки тренд беше наречен „невообичаен експеримент за социјализација во светот“. И кај нас имаше обиди, но трендот не заживеа.

Актуелниот проблем пак, со кој сè почесто се соочуваат светските улични библиотеки е искористувањето на јавните полици за книги, од страна на поединци, за маркетиншки цели, па иницијаторите на проектите апелираат граѓаните да не оставаат „литература“ со пропагандна содржина, вклучувајќи ја и религиозната. Нам на ум не ни падна пропагандната „литература“, туку нашите препознатливи „основни инстинкти“. Од Град Скопје апелираа граѓаните да не ги уништуваат библиотеките и да не ги крадат книгите. Како однапред да знаат што ги чека. А, јасно е дека и првото, деструкцијата, и второто, грабежот, се дел од нашиот менталитет.

Проблемот на пропагандна „литература“ веројатно, ќе го почувствуваме малку подоцна, но доволно бргу за да сфатиме дека ваквите фини нешта сè уште не се за нас. Можеби, уште пред изборите, кога книжевните гнезда ќе се наполнат со партиска „литература“. Ако до тогаш не се урнисаат и запустат.

Реализацијата на првата улична библиотека во светот го чинела иницијаторот, Тод Бол, толку-колку што некој би платил за една стара, дрвена гаражна врата, од која потоа, самиот ја направил малата бесплатна библиотека во чест на мајка си. Од интернационалната организација „Литл Фри Либрери“ велат дека „ако сакате да направите мала бесплатна библиотека, главниот трошок ќе ви биде материјалот, а тој може да чини од 5 до 150 долари, додека за регистрација во организацијата еднократно ќе платите 40 долари за секоја улична библиотека што ќе ја изградите“. Нас пак, трите улични библиотеки нè чинат 1.380.000 денари. Можеби не е многу, доколку проектот, барем за три отсто, ја оправда својата мисија. Или, доколку го кандиса барем малку да читне, инаку, најнеинтелигентниот народ во регионот, со измерено национално ниво на интелигенција од 82 бода. Ама, да не испадне дека, покрај секоја „куќичка“, ќе мора да се постават и по неколку „читачи на народот“, кои ќе работат на смени и кои, истовремено, ем ќе стражарат ем ќе ни читаат на глас. И, кои, се разбира, ќе бидат вработени во државните јасли.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот