Ќе му се придружи ли Европа на планот на Бајден против Кина?

epa03564046 German Chancellor Angela Merkel (R) receives US Vice President Joe Biden at the Federal Chancellery in Berlin, Germany, 01 February 2013. They met for talks, which focused on the efforts to tackle high deficits and the prospects of recovery in the global economy. EPA/MAURIZIO GAMBARINI

ЕУ стана многу поскептична во врска со Пекинг, но некои европски лидери се загрижени од новата реторика на Вашингтон кон Кина, која потсетува на времето од Студената војна

Уште кога влезе во Белата куќа во јануари, Џо Бајден постави една надворешно-политичка цел над другите – во соработка со сојузниците да ја заузда Кина.

По драмата и возбудите во времето на Трамп, кога САД се однесуваа тврдо кон Кина, но и со своите најблиски партнери, Бајден се обидува да ја обедини глобалната коалиција на Вашингтон, со главен фокус врз Пекинг. Овој проект го најави во февруари, на Конференцијата за безбедност во Минхен, кога изјави дека САД, Европа и Азија мора „да се спротивстават на економските злоупотреби и притисоци на кинеската влада“.

Планот на Бајден има одреден успех во Азија, каде што се најде заеднички јазик со земји како Јапонија, Јужна Кореја и Австралија.

Но, додека претседателот се подготвува за своето прво прекуокеанско патување во странство, тој се соочува со најделикатната задача досега – обидот да ја придобие претпазливата Европа за поблиска соработка со Вашингтон во однос на Кина. По петочниот состанок на Г7 во Корнвол, во Велика Британија, Бајден оди за Брисел, на самитите на НАТО и ЕУ-САД следната недела. Потоа ќе лета за Женева за да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин.

 Различни интереси

По предвидливите изјави за единство, на овие средби Бајден ќе мора да се справи со непријатна реалност, предупредуваат дипломати и функционери. И покрај тоа што ЕУ ги заостри односите со Кина, таа има различни економски и стратегиски приоритети од САД, што е постојан ризик поделбите да станат отворени.

„Загриженоста на ЕУ ги зема предвид и се обидува да ги избегне јавните и бескорисни препирки кои ги практикуваше администрацијата на Трамп и Помпео“, вели еден висок дипломат на ЕУ. „Но, реалноста е дека ние не сме 100 проценти единствени, а Кинезите го знаат тоа.“

Упатените во преговорите пред самитот на ЕУ и САД велат дека Бајден се надева дека ќе создаде коалиции со истомисленици за да ја прекори Кина во врска со задушувањето на продемократското движење во Хонг Конг, репресијата врз Ујгурите, агресивната воена активност низ морињата во Јужна и Источна Кина и употребата на економската принуда за да им се одмазди на своите критичари. Г7 разговара за начините за зајакнување на инфраструктурните проекти во земјите со среден и низок приход за да се обиде да се спротивстави на кинеските иницијативи. Истовремено, ЕУ и САД сакаат да најдат начини за соработка за прашања како што е продажбата на чувствителна технологија на Кина. Во европските престолнини постои свест за потребата да се покаже единство по горчливите препирки во годините на Трамп, обидувајќи се да испратат јасна порака до Кина дека сега е потешко да бидат поделени.

Но, Бајден ќе мора да биде внимателен, за да не ги отуѓи сојузниците – особено германската канцеларка Ангела Меркел – кои се претпазливи во однос на реториката во стилот на Студената војна насочена кон Кина. Еден европски официјален претставник вели дека некои земји на ЕУ не го сакаат терминот „противник“, кој често се користи во Вашингтон за да се означи Пекинг.

Ноа Баркин од истражувачката група „Родиум Груп“ вели дека иако САД и ЕУ делат многу загрижености во врска со Кина, тие имаат различни ставови за тоа како да одговорат. „Европа има свои интереси“, вели тој. „Нема да има непречена [американско-европска] соработка за Кина.“

Системски ривал

Во текот на изминатите две години, Европа помина низ постепено, но суштинско преоценување на односите со Кина, бидејќи европските лидери се спротивставија на поавторитарниот пристап на претседателот Си Џинпинг, дополнително влошено и поради агресивната дипломатска тактика на тнр. „воинствен волк“ на Пекинг. Неколку европски земји, вклучувајќи ги Велика Британија, Франција и Германија, решија да испратат воени бродови до Јужното Кинеско Море за да ја зајакнат пораката на САД до Кина за слободната морска навигацијата. Па, иако САД не очекуваат од Европејците да помогнат во случај на конфликт околу Тајван – за разлика од сојузниците со меѓусебни одбранбени договори, како што е Јапонија – симболиката ѝ покажува на Кина дека САД не се сами.

Сè поцврстиот став на ЕУ кон Кина беше нагласен со неодамнешната одлука на Европскиот парламент да ја стави на мраз ратификацијата на предложениот договор за инвестиции на Унијата со Пекинг. Тоа се случи откако Пекинг воведе одмазднички санкции кон политичарите и институциите на ЕУ, како одговор на координираните казнени мерки наметнати од европскиот блок, САД, Велика Британија и Канада врз кинеските власти во врска со третманот на Ујгурите во северозападната провинција Синџијанг.

Слабеењето на тнр. „Група 17+1“ на држави од Централна и Источна Европа и Кина е уште еден пример за растечкиот јаз меѓу ЕУ и Пекинг. Групата, вклучително и 12 држави на ЕУ, некогаш се сметаше за начин како помалите членки да добијат инвестиции и средби со највисоките кинески претставници. Литванија неодамна јавно ја отфрли иницијативата, а и други земји на ЕУ се дистанцираат од неа.

Еволуцијата на односот на Европа кон Кина беше претставена во документот од 2019 година, во кој Пекинг се опишува како партнер и економски конкурент во некои области, но каде што Кина за прв пат се нарекува „системски ривал“. Германското корпоративно лоби излезе со неочекувано тврд став истата година, кога повика на поостар европски пристап кон нефер деловните кинески практики.

Во исто време, Брисел има нови алатки за одбрана на европските интереси од очекуваните закани во странство, особено од Кина. Меѓу најистакнатите е законската иницијатива што ѝ дозволува на Комисијата да презема мерки против државните претпријатија надвор од ЕУ, како и плановите да ги принуди компаниите да ги прекинат злоупотребите во нивните синџири за снабдување.

Венди Шерман, заменикот државен секретар на САД, за време на неодамнешната посета на Брисел, оцени дека има „битни промени“ во односот на Европа кон Кина. „Направивме доста голем напредок со Европа во однос на Кина“, вели висок претставник на Стејт департментот. „Координираните санкции за Синџијанг се од големо значење. Ако ме прашавте пред шест месеци дали мислев дека Брисел, Отава, Лондон и Вашингтон ќе се здружат со санкции во врска со човекови права против Кина, немаше да се обложам на тоа.“

 Технолошки фронт

Но, прашањето со кое се соочува Бајден е како да се преведе таа промена на расположението во опиплива соработка. Во еден од полесните предизвици, обете страни се желни да ја подобрат координацијата за избор на врвни функционери за клучните меѓународни тела, за да спречат Кина да добие поголема моќ.

На самитот ЕУ-САД, намерата е да се започне Трговски и технолошки совет за зајакнување на координацијата за 5G, за полупроводниците, за синџирите на снабдување, за воспоставување контроли на извозот и технолошките правила и стандарди. Ова ќе биде значителна промена од ерата на Трамп, кога Брисел повеќепати беше лошо изложен од американските претседателски иницијативи насочени кон Кина.

Сепак, додека технологијата се смета за една од најважните области за спротивставување на Кина, Мартин Расер, поранешен експерт на ЦИА, сега во новиот американски „Центар за безбедност“, предупредува да не се очекуваат брзи резултати, со оглед на комплексноста на глобалните синџири на снабдување.

„Индустријата за полупроводници е високо глобализирана и синџирите на снабдување се многу сложени. Тоа е нешто што само САД и ЕУ не можат да го решат“, додава тој. „Треба да се ангажирате со Јапонија и Јужна Кореја, а Тајван е клучен играч во тоа.“

Функционер на ЕУ предупредува дека сè уште има значителни трансатлантски разлики во однос на технологијата. Тензиите околу полупроводниците се илустрација за комплексноста на проблемот. На пример, холандската компанија АСМЛ (ASML) доминира на пазарот за напредните уреди потребни на кинеските компании за производство на чипови од висока класа, неопходни за паметните телефони.

Но, АСМЛ од 2019 година не може да добие дозвола од Холандската влада за извоз на својата опрема за ултравиолетова литографија во Кинеската меѓународна корпорација за производство на полупроводници, СМИЦ (SMIC), најголемиот производител на чипови во Кина. Бајден минатата недела им забрани на Американците да инвестираат во 59 кинески компании кои соработуваат со СМИЦ.

Сигрид Кааг, холандската министерка за трговија, минатиот месец изјави дека случајот со АСМЛ е под „континуиран“ преглед. „Очигледно се работи за добра производствена линија, но ние сакаме да останеме отворена трговска нација, затоа сме во континуиран дијалог со нашите сојузници за ова, бидејќи ова е многу специфичен и чувствителен случај“, вели министерката.

Кааг додава дека ЕУ треба да се „здружи“ со САД за решавање на многу точки на договор за Кина, но тоа ќе бара европскиот блок „да се усогласи“ и подобро да се координира меѓу своите различни институции за да се избегнат контрадикторни резултати во политиките кон Кина.

 Без бинарен избор во Берлин

Во Германија, која ја смета Кина за најголем трговски партнер, во последните години деловното мислење се заостри. Малите и средните компании се соочуваат со борба да ја бранат својата интелектуална сопственост од индустриска шпионажа, следејќи како кинеските конкуренти ги „голтаат“ европските ривали.

Додека САД понекогаш го критикуваа ставот на Германија кон Кина, сугерирајќи дека не сакаат да го загрозат нејзиниот извоз, германските дипломати јавно ја критикуваа Кина за нејзиниот третман со Ујгурите. Но, Меркел се спротивстави на обидите Германија до крај да се конфронтира. Кога годинава се обрати на Конференцијата за безбедност во Минхен, имаше очигледни разлики меѓу неа и Бајден за Кина.

Меркел беше и главниот двигател зад одлуката на ЕУ да ги прифати кинеските прилагодувања кон крајот на минатата година во однос на претходно закочениот Кинески договор за инвестиции, еден месец пред инаугурацијата на Бајден.

Со германските избори во септември, Меркел е во залезот на нејзината кариера. Германските политичари, вклучувајќи го и Рајнхард Бутикофер, пратеник на Зелените, кој е еден од оние санкционирани од Кина, гледаат „поместување на теренот“ под нозете на Меркел, како што се менува германскиот став кон Пекинг.

Сепак, канцеларката не е единствена во спротивставувањето на какви било обиди за економско раздвојување меѓу Кина и ЕУ. Јулиу Винклер, романски европратеник кој е член на десно-центристичката група ЕПП на која и припаѓа ЦДУ на Меркел, се спротивставува на каков бил „бинарен избор“ помеѓу САД и Кина.

Затоа, дипломатите велат дека САД би биле мудри да не си ја пробаат среќата кога се занимаваат со ЕУ.

 Внатрешни поделби

На своите состаноци со сојузниците во Европа, Бајден се надева дека ќе повтори слични рецепти што ги користеше кога ги убеди своите први гости во Белата куќа –  јапонскиот премиер Јошихиде Суга и јужнокорејскиот претседател Мун Јае-ин – јавно да го поддржат Тајван.

„Ако го погледнете пристапот што Бајден го имаше со Суга и Мун, САД и на овие самити доаѓаат со прашања за Тајван и Кина“, вели Бони Глејзер, експерт за Кина во „Германскиот Маршалов фонд“.

Но, додека американскиот претседател изврши голем притисок врз Токио и Сеул во врска со ова прашање, се очекува во Европа да примени помека тактика поради покомпликуваната динамика на справување со ЕУ, која е внатрешно поделена околу Кина.

„САД ќе се обидат ставовите за Кина на Г7 да бидат што е можно потврди, но нема да го потопат бродот со притисок во нив да се вклучат точки како протекувањето на вирусот од лабораторија во Вухан“, вели функционер запознаен со плановите.

Бајден веројатно ќе има мал отпор на Г7, откако министрите за надворешни работи на групата неодамна објавија заедничка изјава со неочекувано широка критика кон Кина. Но, дури и на тој форум, приоритетите се разликуваат. Додека Велика Британија, Франција и Германија го критикуваат Пекинг во врска со човековите права, Јапонија е позагрижена за воената активност на Кина во морето на Јужна и Источна Кина и, на пример, не воведе санкции кон Кина во врска со ситуацијата во Синџијанг.

 Како САД гледа на ЕУ

На самитот САД-ЕУ, двете страни ќе се борат да ја избегнат перцепцијата на континуирани поделби со оглед на тековните тешкотии во областите како што се спорот за субвенциите на „Боинг“-„Ербас“, кои му претходеа на Трамп. Бидејќи администрацијата се фокусира на неговата стратегија за Индо-Пацифичкиот регион, некои експерти тврдат дека Бајден треба да ги зацврсти односите меѓу САД и ЕУ.

Фото: EPA-EFE/ZHANG LING / XINHUA MANDATORY CREDIT EDITORIAL USE ONLY/NO SALES

„Администрацијата на Бајден има прилично добра идеја за тоа што сака од Европа, а тоа е заедничка политика за Кина“, вели Том Рајт, експерт за надворешна политика во институцијата Брукингс. „Помалку е јасно каков тип на Европа сакаат. Конечно, ако Бајден сака Европа што ќе се натпреварува со Кина, ќе мора да го промени начинот на кој САД размислуваат за ЕУ, во смисла на стратегиската автономија, за поделбата на товарот и трговијата.“

Додека се воодушевени од придобивките од подлабоката соработка, претставниците на ЕУ и дипломатите се жалат дека досега виделе само релативно тенка низа американски предлози за специфични резултати од самитите. Тие укажуваат и на постојаната тенденција Вашингтон да објавува иницијативи без претходна консултација со ЕУ. Еден пример е неочекуваната одлука на Бајден да се залага за откажување од правата на интелектуална сопственост за вакцините за ковид-19.

Додека Европејците силно го поздравија затоплувањето со САД по изборот на Бајден, некои мрморат за она што може да се случи за четири години, особено ако Трамп се закани повторно да се кандидира за Белата куќа. Еден европски функционер вели дека кон Бајден европското расположение било како по изборот на Барак Обама за претседател на САД, откако односите САД-ЕУ значително се влошија во времето на Џорџ Буш, но „овој пат со мамурлак“: „Сега никој отворено не славеше.“

Написот е објавен во викенд-изданието на Слободен печат. (12-13 јуни 2021) во прилогот СП. неделник. Текстот е преземен од Financial Times (ЛОНДОН) со претходна дозвола од издавачот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот