Ќе каже ли еднаш Европа: Правда за Македонија!

Bulgaria's Prime Minister Boyko Borisov arrives at the EU headquarters' Europa building in Brussels on December 10, 2020, prior to a European Union summit.,Image: 574955866, License: Rights-managed, Restrictions: , Model Release: no, Credit line: YVES HERMAN / AFP / Profimedia

Европскиот парламент се очекува денеска „да ја искара“ Бугарија дека ја провоцира и ја навредува Македонија, германска организација вчера ја советуваше нашата земја дека може да ја тужи источната сосетка за прекршување на меѓународното право, а ЕУ повтори дека преговорите за членство мора што побрзо да почнат.

Дали ова се сигнали до Бугарија дека треба да ја тргне блокадата од македонските евроинтеграции или се само уште неколку чекори на бескрајната патека кон ЕУ? Според аналитичарите, по изборите е можен значаен исчекор, особено ако победи ГЕРБ и Бојко Борисов, затоа што Бугарија не може да си дозволи долго да го држи закочен геостратешки важниот процес на проширување на Унијата.

Професорот Нано Ружин е оптимист дека ќе се најде решение затоа што ставот на Борисов дека сите инструменти за решение на спорот се во Договорот од 2017 година е став и на македонската влада.

– Не може долго да опстојат тие ирационални барањата од една држава која сака да биде, ајде да не речам патерналистичка, туку добрососедска кон нас, која вели дека сака братска солидарност. Самата бугарска елита и политичарите се свесни дека ги кршат европските принципи и дека нивните барања не се споиви со европските вредности, но во предизборната кампањата не ги засега тоа. Сега таму е распален огнот и на него се навлечени интелектуалци, новинари, полуинтелектуалци, а истото се случува и кај нас, дебатата е жестока поради повредени емоции, его итн. По изборите е можно решение, сѐ што е потребно е да се гарантира Договорот за добрососедство и ќе се најде начин Бугарија да ја тргне блокадата. Оти и Бугарија е свесна дека ги крши процесот на проширување на ЕУ, кој не е едноставен процес, а е многу битен, меѓу другото и при новото кроење на односите меѓу САД и Кина, САД и Русија, Русија и Кина… – вели Ружин за „Слободен печат“.

Високиот претставник за надворешна политика на ЕУ Жосеп Борел завчера по состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ порача дека Западен Балкан останува приоритет за ЕУ и најави дека на наредниот Совет за надворешни работи ќе имаат целосна дискусија за регионот.

Бугарија вчера доби предупредување од германска невладина организација дека нејзините  постапки против С Македонија се злоупотреба на меѓународното право и дека со уценувачките барања без преседан, ја држи како заложник политичката судбина на земјата.

„Бугарската тактика на виткање на раката започна во 2019 година, кога се прибегна кон вршење груб притисок во рамките на институциите на ЕУ врз основа на сомнителни и инструментализирани културни и историски тврдења против С Македонија. Ова не само што е  закана за дестабилизација на целиот регион, туку и ги отежнува односите меѓу Западен Балкан и Унијата“, се наведува во анализата на „Џаст аксес“, која е специјализирана за меѓународни правни спорови и заштита на човековите права, пренесе „Дојче веле“.

Организацијата предупредува дека ваквата состојба може да остави трајно негативно влијание врз македонскиот народ и регионот, доколку не се преземе ништо околу ова прашање.

Членови на бугарската влада даваат провокативни изјави во однос на историски прашања што ја засегаат С Македонија и бугарските власти се повикуваат да се воздржат од таквото однесување за време на предизборната кампања во Бугарија, се вели во предложените амандмани на годишниот извештај за напредокот на Македонија на Европскиот парламент, за кој ќе се расправа на седницата што се одржува денеска и утре, објави бугарската агенција БГНЕС.

Според агенцијата, корекциите што се однесуваат на Бугарија се „скандалозни, со исклучително неизбалансирана, еднострана и неправедна содржина кон Бугарија“. Амандманите во последен момент ги поднеле парламентарните групи на социјалистите и на зелените.

„Текстот како да е напишан по порачка на властите во Скопје. Во него дури се потенцира зрелиот и балансиран одговор на бугарските провокации од страна на македонската влада“, пишува БГНЕС.

Иако се само од консултативен карактер, извештаите на ЕП за напредокот на земјите кандидатки, се јасен израз на расположението на политичките сили во Европарламентот, заклучуваат од агенцијата БГНЕС.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот