Ќе има ли нов меѓународен висок претставник за БиХ?

Мирот во Босна и Херцеговина повторно е во рацете на земјите кои насилството од 90-тите години на минатиот век го сметаа за „хуманитарно“ прашање и спроведуваа политики на „ограничување“ пред геноцидното насилство

Многумина во Босна беа шокирани кога истражувачкиот информативен портал „Истрага“ објави напис во последната недела од 2020 година, во кој се тврди дека Германија работи на замена на Валентин Инцко, високиот претставник од Австрија во Босна и Херцеговина.

Канцеларијата на високиот претставник (КВП) е основана според Дејтонскиот мировен договор за да го надгледува „цивилното спроведување“ на мировниот договор. Најмоќната меѓународна институција во БиХ, КВП, играше значајна улога во процесот на градењето институции во БиХ во блиското минато. Како и да е, од почетокот на канцеларскиот мандат на Ангела Меркел, улогата на КВП во голема мерка се префрли на изразување јавна загриженост во врска со сè похрабрите обиди на српските сепаратисти и хрватските политичари да ги нарушат мирот и стабилноста на земјата.

Зад грбот на другите?

Неодамнешните вести беа вчудовидувачки од повеќе причини. Прво, очигледно е дека Германија работи зад грбот на другите членки на НАТО и ЕУ на групата Квинт (неформална група на членки на НАТО, вклучувајќи ги Германија, САД, Велика Британија, Франција и Италија), за да ја „киднапира“ политиката на ЕУ во регионот.

Второ, и уште поважно, е откритието дека Германија склучила посебен договор со Русија со цел да добие руско одобрение за да назначи нов висок претставник во БиХ. Со оглед на тоа што руските власти работеа на поткопувањето на кредибилитетот на КВП повеќе од една деценија, постојано повикувајќи на затворање на оваа канцеларија, јасно е дека таков руско-германски договор може да има само во форма на квид про кво (quid pro quo) – „јас тебе, ти мене“ – политика, што е секако вознемирувачки. За навредата да биде уште поголема, договорот беше откриен при неодамнешната контроверзна посета на БиХ од страна на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

Конечно, Кристијан Шмит, човекот кој требаше да биде тој нов висок претставник, за многумина се чини како сомнителен избор. Покрај тоа што тој е етикетиран како Русланд-Верстехер (Russland-Versteher), што буквално значи „Русија-разбира“, тој има силни врски и со владејачките хрватски националистички партии и во Хрватска и во БиХ. Всушност, како германски службеник, тој беше награден со орденот „Анте Старчевиќ“ – хрватско државно признание што претходно им беше доделено на политички и воени фигури, од кои некои беа прогласени за виновни за злосторства против човештвото од страна на Меѓународниот кривичен трибунал во поранешна Југославија.

Германски двоен стандард

По неколку дена, првичниот извештај објавен од „Истрага“ беше потврден од германскиот дневен весник „Тагесцајтунг“, како и од угледниот германски новинар и балкански експерт Михаел Мартенс. Мартенс подоцна објави на Твитер дека најголемите закани за мирот во БиХ се „уставните ‘решенија’ наметнати од САД“, кои нема да успеат со оглед на противењето од страна на ЕУ. Очигледно, се работи за превентивно спротивставување во пресрет на очекуваното враќање на американското присуство во БиХ под водство на Џо Бајден, што е илустративен приказ за интелектуалната клима во бундес-канцеларијата. Интересно, дури и кога германските власти ја минимизираат вмешаноста на САД во регионот, германската влада, истовремено, троши милиони на лобирање за да го задржи американското воено присуство во Германија. Очигледно, се работи за двоен стандард, па не е јасно како американското воено и политичко присуство претставува безбедносен аргумент за во Германија, но е „закана за мирот“ во Босна и Херцеговина?

мостар, бих
Мостар/ Фото: Moshe Torgovitsky / Alamy / Alamy / Profimedia

Германскиот притисок за нов висок претставник се одвива и во позадината на, како што се чини, понаметливиот напор на ЕУ да ги исклучи силите на Велика Британија од воената мисија АЛТЕА во БиХ. Контингентот на Велика Британија во овие сили беше единица со големина на баталјон, подготвена за брзо распоредување во случај на вонредна состојба. Но, и покрај ефикасноста на овие сили како фактор на одвраќање од безбедносни закани, таа единица повеќе не е дел од мисијата. Мирот во Босна и Херцеговина повторно е во рацете на земјите, кои насилството од 90-тите години на минатиот век го сметаа за „хуманитарно“ прашање и спроведуваа политики на „ограничување“, соочени со геноцидното насилство.

Маѓепсан круг на злото

Германија како да не постапува добронамерно во БиХ – барем не во текот на последната деценија. Сукцесивните влади на Ангела Меркел помогнаа да се задуши напредокот на БиХ како либерална и граѓанска демократија, промовирајќи уверување дека лекот за болестите во земјата лежи во поголеми поделби, во повеќе апартхејд. Германија, исто така, го стимулираше и еден од најразорните „одливи на мозоци“ од БиХ во историјата на земјата, искористувајќи ја за себе квалификуваната босанско-херцеговска работна сила за сметка на тешко изградениот човечки капитал на Босна. Огромниот притисок на германскиот пазар на труд би осакатил дури и далеку посилни економии од босанската. Додека граѓаните на БиХ се добредојдени со раширени раце како европска работна сила, нивната земја останува на најоддалечената европска периферија.

Овие динамики функционираат како самоодржлив, маѓепсан круг на злото: исклучувањето од Европската Унија раѓа нефункционалност; таквата нефункционалност раѓа безнадежност; а безнадежноста сè повеќе ги тера квалификуваните млади мажи и жени да ја напуштат својата земја во правец на Германија.

„Пакт Молотов-Рибентроп 2.0“

Најновиот германски потег се случи само неколку недели пред Џо Бајден да положи заклетва за нов претседател на САД. Среде раширеното очекување дека администрацијата на Бајден ќе промовира поробустен пристап кон Балканот, неодамнешните активности на Германија се појавуваат како избрзан и предвремен обид за замаглување на идните иницијативи на САД во регионот или обид за уставни реформи. Рускиот фактор е исто така раздвижен и на целата оваа приказна ѝ дава призвук на игри на големите сили за зачувување на нивните сфери на влијание.

Некои босански коментатори овој најнов аранжман дури го нарекоа „Пакт Молотов-Рибентроп 2.0“. Она што на оваа аналогија ѝ недостасува во прецизноста, е надополнето со потенцијалот таа да ги храбри локалните апетити за територијални прекројувања. Бидејќи политичките, економските и социјалните услови во регионот продолжуваат да се влошуваат, Европа вреди да се потсети на едноставната историска вистина: попуштањето не фунцкионира. Не даваше резултати во 90-тите години на минатиот век. Не функционираше ни во 1940-тите. А, попуштањето пред воскреснатиот српски и хрватски национализам сигурно нема да успее денес.

 

Преземено од „Анадолу агенција“ од Анкара

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот