Ќе има ли крај за десетгодишната рамковна „голгота“?

Администрација / Фото: МИА

Рамковно вработените во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците ќе се распоредуваат преку закон, соопшти Владата, откако министерскиот кабинет го утврдил Предлог-законот за преземање административни службеници, вработени преку Програмата за соодветна и правична застапеност.

Целта на ова законско решение е да се распоредат досега нераспоредените административци од Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, кое претходно беше Секретаријат за спроведување на Рамковниот договор.

Вработените преку Програмата за соодветна и правична застапеност, преку овој закон, ќе се распоредат во државните и во органите на локалната власт, агенции, фондови, јавни установи и претпријатија од областа на образованието, науката, здравството, културата, социјалната заштита, спортот, формирани од Град Скопје, како и од општините во градот Скопје и акционерски друштва во државна сопственост. Други детали засега не се обелоденуваат, а Законот сѐ уште не е стигнат во Собранието на РСМ.

Голготата на таканаречените „рамковни вработувања“ трае десеттина години, а за распоредување остануваат уште околу 1.300 лица. Ваквата информација, набргу по преземањето на функцијата, во септември ја сподели вицепремиерот Артан Груби.

Поранешниот министер за администрација Дамјан Манчевски, пред своето заминување, пак, посочи дека интензивно се работи на проблемот и дека целиот процес  на вработување на овие луѓе ќе финишира најдоцна до крајот на годинава. Тој предупреди дека ако некој од овие службеници ја одбие понудената работа, ќе му биде раскинат договорот. Но, вицепремиерот Груби, изјави дека нема законска можност да отпуштање на овие лица, дури и ако одбијат да работат.

Објаснувајќи ги процесите во администрацијата, професорот Борче Давитковски во интервју за порталот „Локално“, пред некое време рече дека формално правно, сите овие лица се вработени во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците и потсети дека тие беа примени со посебен закон, без какви било полагања (во пакет), со одредба која тоа го дозволуваше.

Според Давитковски, овие лица може да бидат отпуштени по две основи. Едната е доколку не прифатат распределување на друго работно место кое ќе им биде понудено, а втората е доколку се утврди дека „вработениот“ е всушност во странство, што пак само по себе повлекува и кривична одговорност.

Обид да се реши овој проблем имаше и во 2018 година, кога Секретаријатот за спроведување на Охридскиот рамковен договор и Министерството за администрација, направија план – во рок од два месеца од вкупно 1.600 службеници, 958 од нив да бидат систематизирани низ јавните институции. Тогаш беше речено дека останатите луѓе ќе бидат распределени во наредниот период и дека распределувањето ќе се врши врз база на образованието, искуството и местото на живеење, со цел работното место да им биде поблиску до дома.

Се истакнуваше и дека не постојат никакви буџетски оптоварувања, бидејќи овие луѓе дотогаш биле исплаќани од Буџетот, но откако ќе бидат распределени, нивната плата ќе се исплаќа од институциите каде што ќе работат.

Пренатрупаноста на државните и локалните институции е „жежок компир“ за секоја влада во изминативе децении и тие само си го префрлаат едни на други. Пред еден месец, вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи изјави дека, ако тој се прашува, процесот за рамковните вработувања ќе заврши уште утре, но дека тоа е „процес кој веќе е започнат и не треба да се зборува сега во време на пандемија“. Овие вработувања се спроведени во периодот 2008-2015 преку Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор. Според податоците, во земјава има вкупно над 130 илјади административци.

Најмногу се вработува за време на избори

Изборите се најплодниот период за полнење на администрацијата. И додека на митинзите се пласираат најави за конечно расчистување на канцелариите, на терен се случува спротивното. Според официјалните податоци, во 2017 година јавниот сектор имал 128.722 вработени, а во 2018 година, бројката скокнала на 132.068 лица.

Во 2019 година сме имале 132.900 административци. Истовремено, се зголемувал и бројот на државните институции, кој за три години пораснал од 1.299 на 1.324 институции.

Како придонес во намалувањето на администрацијата, новата влада на премиерот Зоран Заев наместо 26 има 19 министерства, а во октомври, беше соопштено дека неговиот тим на советници, двојно се намалува и ќе брои 27 лица. Вкупно личните советници тежат 21 илјади евра месечно. Кабинетот на Заев во 2018 година броеше 56 лица.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот