Ќе ги преполови ли Спасовски платите на пратениците и министрите поради коронавирусот?

Албанскиот премиер Еди Рама, предложи пратеничките и министерските плати да се преполоват. Едната половина да заврши во војната против Ковид 19, во рамки на владиниот план за справување со настанатата ситуација по појавата на коронавирусот.

Станува неизвесно до кога пратениците во македонското Собрание ќе земаат плата без мака од државни јасли без да зачекорат преку собранискиот праг. Разврска за ваква ситуација државата не предвидела со ниту еден законски акт. Во членот 36 од Законот за пратеници, во третото поглавје наменето за платите и другите надоместоци на пратенците, пишува:

„Пратеник во Собранието може да остварува плата и по престанувањето на мандатот за време до една година“ и дека платата им се исплатува од средствата за работа на Собранието, утврдени со Буџетот.

На прашањето на Слободен печат, како ќе постапува во делот на платите и работата на пратениците, спикерот Талат Џафери не препрати да ги прашаме другите институции.

Но освен овој проблем, епидемијата со коронавирусот отвори и друг. Со владините мерки многу државни институции престанаа со работа, не само кај нас, туку и кај соседите. Најсвеж пример за справување со невидливиот непријател е последната мерка на премиерот на Албанија Еди Рама. Тој предложи пратеничките и министерските плати да се преполоват. Едната половина да заврши во војната против Ковид 19, во рамки на владиниот план за справување со настанатата ситуација по појавата на коронавирусот. По ваквата одлука Рама рече:

-Засега нема да допираме никакви други плати освен оние на пратениците и министрите, кои ќе добиваат само половина од платата до крајот на оваа војна. Нема да се намали платата на претседателот, бидејќи тој помага како што знае и умее уште од почетокот на оваа војна – рече Рама.

Нашите власти пак, мудро молчат и не го отвораат проблемот со пратеничките и министерските плати кои се над 1.000 евра, во време на епидемија на коронавирус која наскоро, според владини претставници, ќе предизвика и катаклизма во економијата.

За оваа дилема, поранешниот пратеник Павле Богоевски со став:

„Дали од страна на Владата прво треба да бидат намалени платите на пратениците или пак, тоа треба да биде активност на дел од владини мерки насочена кон целиот јавен сектор“.

Министерката за финансии, Нина Ангеловска, е единствената засега која јавно се откажа од министерската плата додека трае борбата против коронавирусот.

– Во тешки моменти се познаваат хероите, ги повикувам оние кои имаат раст на добивките да и помогнат на државата и граѓаните со авансно плаќање. Јас се откажувам од мојата плата. Ако сите правиме мали чекори водиме кон големи промени – рече министерката Ангеловска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот