Ќе добиеме криза ако не добиеме датум

Многу ќе ослабнеме ако не добиеме датум за преговори со ЕУ во октомври, а тоа значително ќе ги зајакне скептиците, националистичките сили и популистите, предупреди министерот за надворешни работи Никола Димитров од Брисел. Според него, постојат огромни ризици и опасности кои ѝ се закануваат на земјава доколку ЕУ и овој пат не додели датум за почеток на преговорите, но ако сепак реши да додели, објаснува Димитров, тогаш таквата позитивна одлука ќе ни помогне да кажеме дека работите се во наши раце.

Димитров не е осамен во ставот – и други политички аналитичари предупредуваат дека евентуалното недобивање датум во октомври ќе ја внесе земјава во уште една голема политичка криза од која тешко ќе може да се излезе без помош од Европа.

Експертите повторуваат дека земјава веќе одамна е изморена од политичките конфликти и од неспособноста на политичките елити да се обединат околу ставањето темел на правната држава и на демократијата и затоа недобивањето датум ќе претставува главно оружје за идни, нови меѓупартиски пресметки.

Убедливи аргументи

Нема да ми биде лесно мене, како министер, да се вратам дома во октомври и да речам дека нема ништо од датумот за преговори со ЕУ, истакна шефот на македонската дипломатија Никола Димитров и додаде дека на земјава ѝ е потребно политичко гориво за да може да продолжи по европскиот пат.

– Евентуалното недобивање датум за преговори во октомври годинава, ќе им помогне на сите оние што се сомневаат во европскиот проект и во таа стратешка ориентација. Од друга страна, евентуалната позитивна одлука ќе ни помогне да кажеме дека работите се во наши раце. Нашата земја има многу убедливи аргументи за да добие датум за преговори, а пред сè тоа е напредокот кон вистинска европска демократија, како и постигнувањето на договорите со Грција и со Бугарија – посочи Димитров.

Што се однесува до одлагањето на одлуката за датум во јуни годинава, Димитров смета дека министрите немале доволно време да го разгледаат напредокот во четирите клучни области дефинирани во јуни 2018 година, поради кусиот рок помеѓу објавувањето на извештајот на Европската комисија и одржувањето на Советот на ЕУ.

– Сега сите погледи се свртени кон средината на октомври, мислам дека влогот е таков што има сериозни размислувања во престолнините за начинот да се зграпчи оваа можност во момент кога нема многу прилики за успех – објаснува Димитров.

Тој истакнува дека нашата држава целосно ја поддржува европската интеграција на Албанија, но дека ние не смееме да бидеме жртва на логиката на ставање земји во пакети.

Неуспехот како оружје

Датумот е потребен за да ги обедини нашите политички партии и нивните лидери во насока на европската интеграција, вели професорот Денко Малески, првиот министер за надворешни работи и актуелен советник во Кабинетот на шефот на државата Стево Пендаровски, и додава дека евентуалното недобивање датум во октомври ќе предизвика голема политичка криза во земјава.

– Датумот ќе ги принуди партиските лидери на меѓусебна соработка и тоа ќе значи една извесност за Македонија. Секако, тоа нема да биде апсолутна извесност, но во секој случај ќе биде поголема отколку кога воопшто не би добиле датум. Ако тоа се случи, односно ако повторно извисиме и ако повторно бидеме оставени самите на себеси, тогаш таа ситуација ќе предизвика нова политичка криза, а политичарите ќе го користат тој аргумент како главно оружје во меѓусебните пресметки – објаснува Малески.

Тој вели дека земјава е изморена и падната е на колена од политичките конфликти и од неспособноста на политичките елити да се обединат околу ставањето темел на правната држава и на демократијата.

– Сите тие слабости и сите наши неуспеси произлегуваат од нашата политика, а политичарите се тие кои го произведуваат и кои го применуваат правото во парламентот и од нив најмногу зависи дали постои политичка волја за реформирање на македонското општество – вели Малески.

Од друга страна, огромна надеж дека Македонија сепак ќе успее ја избегне политичката криза и конечно ќе го добие долгоочекуваниот датум, влева изјавата на германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас, кој минатата недела истакна дека веќе не постојат никакви пречки за земјава да ги започне преговорите со ЕУ.

– Предусловите за почеток на преговорите се исполнети и затоа се залагаме за нивно почнување, како во Бундестагот, така и кај нашите партнери во ЕУ – порача Мас.

Османи: Првото поглавје ќе го отвориме под хрватско претседателство

Одлуката за почеток на преговорите во октомври се поклопува со почетокот на претседавањето со ЕУ од страна на Хрватска во јануари следната година, кога очекуваме и да го отвориме првото поглавје во рамките на преговорите, истакна вицепремиерот задолжен за европските прашања, Бујар Османи, кој се наоѓа во Брисел и кој вчера се сретна со претставничка на Хрватска во ЕУ, Андреја Метелко-Згомбиќ.
Тој пренесе благодарност до Згомбиќ за континуираната поддршка која Хрватска ѝ ја обезбедува на Македонија.

– Како дел од регионот, но и како дел од заедничката историја, Северна Македонија и Хрватска негуваат континуирани пријателски односи, во интерес не само на двете земји, туку и на целиот Балкан, а во насока на промоција на европската идеја во регионот – истакна Османи.

За време на престојот во Брисел, вицепремиерот ќе оствари средба со Федерика Могерини, високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседателката на Европската Комисија, каде ќе биде реафирмирана подготвеноста на земјата за старт на преговорите.

Во агендата на Османи е и средбата со директорката за Западен Балкан во рамките на Генералниот директорат за соседство и проширување во Европска Унија, Геновева Руиз Калавера.

Мицкоски: Се сретнав со Орбан за да лобирам за датумот

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во интервју за МТВ 2 вели дека неговата посета во Будимпешта и средбата со премиерот Виктор Орбан била за лобирање за датум за преговори со ЕУ, поради тоа што, како што објасни Мицкоски, комесарот за проширување доаѓа од Фидеш, која е пријател на ВМРО-ДПМНЕ.

– Јас навистина жалам што навистина никој досега, ниту еден медиум не ја постави вистинската теза зошто беше моето патување во Будимпешта пред неколку месеци. Јас тогаш кажав дека моето патување беше да се сретнам со големиот пријател на Македонија, господинот Виктор Орбан, бидејќи идниот комесар за проширување и добрососедска политика ќе биде токму на предлог на неговата партија Фидеш, која е сестринска партија на ВМРО-ДПМНЕ – вели Мицкоски.

Тој посочи дека со тоа сака да ги демантира сите зли гласини и отровни стрели коишто мегафоните на власта ги упатуваат кон него, бидејќи, како што додаде, неговиот единствен приоритет е Македонија да ја види интегрирана во рамките на ЕУ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот