Ќе блесне ли Скопје во време на пандемија

epa08095349 A slow shutter speed picture showing people driving cars along a street decorated for the New Year 2020 and Christmas holidays at the center of the capitol Skopje, Republic of North Macedonia, 30 December 2019. Macedonians are preparing to celebrate New Year's Eve on 31 December and Christmas which is observed on 07 January, according to the Orthodox Julian calendar. EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Состојбата со коронавирусот нема да го спречи новогодишното украсување на Скопје. Градските власти сметаат дека во време на пандемија, кога стравот и депресивното расположение владеат со мислите и чувствата на жителите на главниот град, новогодишна атмосфера ќе помогне да се подигне расположението.

Токму вака, првиот човек на Град Скопје Петре Шилегов, ја дефинираше потребата за китење на улиците, булеварите и јавните површини низ Скопје и покрај тоа што дел од граѓаните сметаат дека парите што ќе се искористат за оваа намена, треба да се пренаменат за помош во борбата за справување со коронавирусот.

– На нашите деца оваа година им е одземено детството. На децата оваа година им е одземена и училишната година, на нашите луѓе им е одземена радоста. Не мислам дека во мрачното време во коешто живееме, како институција, треба на еден светол момент како што е Нова година да останеме неми. Немаме право да го направиме тоа. Ние немаме проблеми со недостиг на материјални средства во здравството за да се пренасочуваат пари. Ако јас знам дека средствата што Град Скопје како пари помагаат да се спаси макар еден човечки живот, градот нема да се кити – изјави Шилегов во „Само интервју“ на Канал 5 телевизија.

Освен Градот, улиците, парковите и другите јавни површини ќе ги украсуваат и дел од скопските општини, но некои од нив ги пренаменија парите за други цели.

Од Општина Карпош информираат дека во пресрет на новогодишните и божиќните празници, тие се подготвуваат за симболично украсување на неколку пофреквентни локации и дека за таа цел значително се намалени буџетските средства за оваа намена. Ќе се украси платото на „Млечен“, платото „Делфина“ во Влае 2, платото во Карпош 3, кружниот тек на улицата „Париска“ и паркот спроти Студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Козле.

– Од планираните два милиона денари за новогодишно украсување во 2020, ќе се објави јавна набавка за украсување до 600 илјади денари (со можност цената при електронска аукција уште повеќе да се намали). На овој начин, заштедуваме најмалку 1.400.000 денари – буџетски средства кои општина Карпош ќе ги пренамени за дополнително опремување на воспитно-образовните установи (градинки и училишта) со прочистувачи на воздух. На овој начин се постигнува побезбеден престој за најмладите, но и настава за учениците особено во периодот на аерозагадувањевелат од Општина Карпош. 

Од оваа локалната самоуправа информираат и дека во изминативе три години, покрај тоа што ги укинале трошоците за новогодишни прослави на администрацијата, репрезентативни материјали и слично, драстично ги намалиле и трошоците за новогодишно украсување.

Во Општина Кисела Вода нема  да има новогодишно украсување.

– Општина Кисела Вода исто како и минатата година, така и оваа година нема да троши средства за новогодишно украсување на својата територија. Општината нема да организира ниту новогодишна прослава – велат од Општина Кисела Вода.

Од Општина Центар објаснуваат дека со последниот ребаланс на буџетот  донесена е одлука средствата наменети за новогодишно украсување да ги пренамени за набавка на компјутерска опрема и преносни компјутери за основните училишта на нејзината територија.

– Оваа одлука е донесена со цел на училиштата и на учениците да им се обезбеди полесно и поквалитетно следење на онлајн наставата во услови на пандемија. Следствено на оваа одлука, Општина Центар нема да организира културно-забавна програма за прославување на новогодишната ноќ – велат од Општина Центар.

Сепак, за жителите на Центар и останатите граѓани да ја почувствуваат новогодишната магија низ центарските улици, тие како локална самоуправа јавно ги повикуваат сите компании, граѓани, угостителски објекти, кафеани и кафе-барови кои се наоѓаат на територијата на Општина Центар, да ги украсат и декорираат своите објекти и новогодишно да го уредат сопствениот простор.

-Пред почетокот на новогодишните празници, планираме да организираме и хуманитарна акција во која ќе бидат доделени пакети храна и хигиенски средства на семејствата во социјален ризик, со цел поубаво да ги поминат новогодишните празнувања. Исто така, како локална самоуправа апелираме сите заедно да размислуваме за проблемите на граѓаните кои живеат во социјален ризик и да им помогнеме на нашите сограѓани да се израдуваат на новогодишните празници. Ги повикуваме сите општествено одговорни компании и поединци да донираат и да ја покажат својата одговорност и хуманост – велат од Општина Центар.

Деновиве завршија јавните огласи за новогодишно декорирање на општините Чаир и Гази Баба. Во Гази Баба за таа намена се предвидени  847.458 денари без ДДВ.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот