Речиси 6.000 казни се регистрирани во првиот ден од продолжениот полициски час во Франција што беше воведен во обид да се контролира пандемијата на ковид-19. Ова го објави телевизискиот канал БФМ, повикувајќи се на податоци на Министерството за внатрешни работи.
Во саботата, 5.900 лица беа казнети за непочитување на мерката, соопшти Министерството за внатрешни работи, потсетувајќи дека финансиската казна за кршење на правилата донесени во Франција во врска со пандемијата е 135 евра.
Од завчера во Франција е во сила полициски час од 18 часот, наместо од 20 часот, како што беше случај во рамки на построгите мерки во борбата против коронавирусот.
Мерката, спроведена во 25 од 96 департмани, сега се однесува на целиот континентален дел на земјата. Вечерниот час во Франција во 18 часот ќе биде во сила најмалку 15 дена, објави во четвртокот премиерот Жан Кастекс.
Според последните податоци на Министерството за здравство, повеќе од 70.000 луѓе починале во Франција од почетокот на пандемијата, а вкупниот број на заразени надмина 2,8 милиони лица.