Клиника за радиотерапија и онкологија / Фото: ,,Слободен печат'' - Драган Митрески

КАТО системот на Онкологија се враќа, тврди за „Слободен печат“ директорката Виолета Клисаровска

Системот КАТО, со кој централизирано се припремаат цитостатици и биолошка терапија, се враќа на Клиниката за онкологија, откако бил набавен во 2016 година и заклучен во просторија без да биде употребуван. Како што претходно објави „Слободен печат“ станува збор за најсовремена опрема, односно хардвер и софтвер, со кој се обезбедува следење и контрола на дозите и станува невозможно да се украде доза, ни со намера, ниту поради грешка. КАТО системот е и безбеден кабинет, од кој цитостатиците излегуваат припремени без да се загадува околината, се штитат медицинските сестри од токсични материи, а цитостатиците може да се употребуваат и во наредните 28 дена без да ја загубат стабилноста. Многу поважно, со КАТО се следи со баркодови секој лек, од влезот во болничката аптека до администрирањето на истиот на пациентот. Дополнително, компјутерскиот систем оневозможува да се манипулира со дозите, бидејќи доколку во системот се внесе пониска доза од препишаната, на екранот се појавува порака „грешка“ и процесот не може да продолжи.

-Во координација со Министерството за здравство се прават напори да се оспособи системот. Средствата треба да бидат обезбедени од Министерството за здравство кое ќе ја распише постапката кон крајот на месецов. Во овој момент не би сакала да шпекулирам за колку време би бил во функција, изјави за „Слободен печат“ директорката на Клиниката за онкологија, доктор Виолета Клисаровска.

Кога во 2016 година Клиниката за Онкологија набавила автоматизиран систем за подготовка на цитостатиците наречен КАТО систем, идејата била да се спречат загубите на дози цитостатици поради кои што клиниката губела пари, а пациентите ризикувале несоодветно дозирање, а со тоа и несоодветно лекување. Во европските држави овој систем е одамна во употреба и речиси и нема болница во развиениот свет во која цитостатиците се подготвуваат рачно. Со КАТО секој цитостатик се мери на вага, секоја вијала се искористува до максимум и останува во фрижидер стабилна за употреба до 28 дена.

– Самиот систем не дозволува да ви остане вишок на доза што нема да се искористи. Се се користи до крај. Цело време мониторот ви кажува да ја користите флашата додека не се испразни. Вага мери количина и нема мрдање или злоупотреба на количините. Секоја флаша цитостатик се баркодира, па се става нова вијала кога ќе се потроши првата. Точно се знае по растворањето колку дози цитостатик се спремни и тие може да се користат утре пак, затоа што не ја губат стабилноста, изјави за „Слободен печат“ доктор Милан Ристевски, поранешен директор на Клиниката за онкологија кој го купил овој систем во 2016 година од сопствени средства на Клиниката, но потоа системот бил саботиран и изваден од употреба како да не постои.

Кога доктор Ристевски во 2016 година го промовираше овој систем пред телевизиските камери, тоа го направи со зборовите:

„Денеска спасивме две ампули „Кејтруда“ а секоја чини 1.600 евра, затоа што системот точно мери до крај“.

Клиниката за онкологија во Македонија е единствената болница во светот која што го има купено КАТО системот и не го користеше до сега. Се користи во Грција, Австрија, Романија, Германија, Бугарија, Хрватска и многу други државни болници вклучително и во најпознатата болница во Грција Евангелисмос. Продаден е и во НАТО воена болница. Не постои болница во светот која го користи КАТО системот, а која само во првата година од функционирањето, не заштедила барем 15 проценти од лековите поради точноста на овој систем. Затоа впрочем е и тој направен, за неопходната онколошка прецизност во дозирањето и терапирањето. По притисок од јавноста кој траеше два месеци, Министерството за здравство во координација со владата, обезбеди пари за да го стави овој систем во функција. Најавата дојде од првиот човек на секторот здравство, министерот, доктор Фатмир Меџити. Најавата ја даде завчера на седницата на Анкетната комисија во Собранието, каде се истражува евентуална политичка одговорност за скандалот Онкологија.

Меџити пред пратениците истакна дека наследил како што рече ,,осакатен“ буџет, но со новиот ребаланс обезбедени се пари за КАТО да се врати во функција што и ќе се случи. Додаде дека се разгледува можноста сите биолошки лекови кои се скапи, и се даваат не само на Клиниката за онкологија туку и на други Клиники, да поминуваат низ овој систем. Досега на Клиниката за онкологија цитостатиците се припремаа рачно, со мерење од шприц кое го врши медицинска сестра.

Во судска процедура се два засебни случаи поврзани со злоупотреба на Клиниката за онкологија. Првиот е за поранешниот фармацевт кој до ноември 2022 година работел во болничката аптека на Клиникта за оноклогија, а кој е обвинет за примање поткуп затоа што на пациентката Минка Веизовска која има дијагноза карцином на белите дробови, ѝ побарал и потоа примил 100 евра. Веизовска за „Слободен печат“ изјави дека парите му ги дала за да ѝ издаде биолошка терапија „Кејтруда“ за која имала извештај од лекар специјалист и не би требала да плаќа ниту денар. „Кејтруда“ била обезбедена веќе, со парите кои Клиниката за онкологија ги добива од условниот буџет за биолошка терапија обезбеден со дозвола на Министерството за здравство и Фондот за здравство. Другите судски процеси се за младата медицинска сестра А.О. која од Клиниката за онкологија во два наврати крадела цитостатици и обвинета е за проневера во службата. Јавното обвинителство и понатаму интензивно работи во предистрагата за скандалот Онкологија. Обвинителката Ана Гоговска Јакимовска, во ексклузивно интервју за „Слободен печат“ откри дека еден дел од медицинските истории на пациентите од Онкологија се веќе издвоени поради сомненија за несовесно лекување и тие ќе се вештачат од независна релевантна институција.

Во Собранието продолжува анкетната комисија за утврдување политичка одговорност. Таму вчера сведочеа сегашни и минати директори и раководители на Фондот за здравство. Опозицијата ги обвини дека ги суспендирале сите контролни механизми врз Клиниката за онкологија.

Претседателката на анкетната комисија, пратеничката Рашела Мизрахи истакна дека контролите според документацијата, биле ненавремени и сите биле по приговори а не биле реални. Мизрахи истакна дека ФЗОМ го уништил целосно механизмот на институцијата за контрола и дека ако правеле реални контроли, секој инспектор што ќе увидел дека на Онкологија нема стручен колегиум и низа други пропусти – тогаш ќе имало и санкции.

-Ниедна реална контрола не е остварена за годината во која Државниот завод за ревизија дава извештај, рече Мизрахи.

Роднини на пациенти со рак од Клиниката за онкологија подигнувале биолошка терапија за пациентот да ја прими дома, а Клиниката за ова на Фондот за здравство му испраќала фактури ,,за извршен преглед и услуга од медицински тим”, иако пациентот бил дома и никаков преглед не бил извршен. Ваква неправилност констатирал Фондот за здравствено осигурување во една од своите контроли, откри директорот на секторот ,,контрола” во Фондот за здравство, Цвете Серафимоски на вчерашната Анкетна комисија за утврдување политичка одговорност за скандалот Онкологија која се одвива во Собранието.

Станувало збор за терапија која може да се прими поткожно во домашни услови и затоа роднини на пациентите ја подигнувале од болницата. Но, за неа Клиниката до Фондот испраќала фактури и за извршен медицински преглед иако пациентот физички бил дома и не би можело да биде прегледан.

Серафимоски пред пратениците рече дека констатирани биле неправилности со несоодветна евиденција за издавање лекови во таблетарна форма. Тој додаде дека во специјалистичките извештаи не биле евидентирани количината и периодот на давање на издадената терапија (апликацијата на терапијата) туку биле допишувани со пенкало, немало евиденција на издадени па вратени лекови во случај на промена на терапијата или смрт на пациентот.

Имало рачно допишани дози на издадена терапија без евиденција на датумот и количината на издадена терапија во специјалистички извештаи. Пропустот бил во тоа што се допишувало на рака со пенкало колкава количина била дадена.

Претходно дел од пратениците и посочија на директорката на Фондот Магдалена Филиповска Грашковска, дека во Законот пишува дека еден од директорите на Фондот треба да биде економист, а ниту таа ниту другиот директор на Фондот не се економисти, со што, владата го прекршила законот при нивното назначување.

Сугарев: Како човек, би купил лекови надвор од буџетот за да спасам живот, ама како одговорен во ФЗОМ ќе кажам – тоа е незаконски

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот