„Катимерини”: Северна Македонија и Албанија клучни за одржување на рамнотежата на Балканот

Фото: МИА

Северна Македонија и Албанија се клучни земји за одржување на чувствителната рамнотежа на Балканот и иако веќе се членки на НАТО, тие треба да бидат вклучени и во Европската унија, со цел поцврсто да се сврзат за Западот, оценува електронското издание на атинскиот весник „Катимерини”.

Весникот наведува дека во однос на критериуми што треба да ги исполнат за прием во ЕУ, во моментов ниту Северна Македонија, ниту Албанија не се подготвени за зачленување во Унијата, иако е постигнат голем напредок, главно како резултат на притисок од Брисел.

– На еврократите им се добро познаат постојаните недостатоци, но повеќе се заинтересирани за создавање безбедносна мрежа за одржување на стабилноста и заштита на т.н. „мек стомак” на Балканот – смета „Катимерини”.

Весникот оценува дека стратегијата на претседателот на Европската комисија во заминување, Жан-Клод Јункер за проширување на ЕУ и натаму е главната алатка на Брисел во овој процес, иако некои земји од Унијата се против идејата за прием на нови членки, главно поради свои домашни причини.

Според „Катимерини”, Северна Македонија, меѓу другото, треба да биде заштитена и од понатамошни мешања од Русија и не смее да се дозволи реформите што Брисел ги бара од двете земји да станат несовладлива пречка за нивно приближување кон ЕУ.

– На крајот на краиштата, Брисел ќе биде во многу подобра позиција да инсистира на овие реформи во двете држави во текот на нивниот пат кон членство во ЕУ, кој веројатно ќе биде долг и со многу предизвици, отколку ако реши да им ја затвори вратата пред нос, заклучува атинскиот весник.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот