Катица Јанева е во апс, кој е следниот? – Слободен печат
Колумни

Катица Јанева е во апс, кој е следниот?

Играта е комплицирана до вртоглавица, а пресвртите се како во најзаплетканите мафијашки трилери. Голем дел од битките се водат далеку од очите на јавноста, зад тешки завеси зад кои ние „обичните смртници“ не можеме ни да ѕирнеме.

Звукот на метал како струже по внатрешната страна на кориците како грмотевица се пренесе низ воздухот. Мечот на правдата е исукан. Повторно. Во годините кога по улиците јадевме ќотек од партиската полиција, судството и медиумската машинерија, со зборот правда на усните, ретко кој од нас мислеше дека правдата изгледа вака. Поминавме многу овие години и по делумниот пад на криминалната Фамилија, многу падови, тетеравења и обновени, па пропаднати надежи…

Играта е комплицирана до вртоглавица, а пресвртите се како во најзаплетканите мафијашки трилери. Голем дел од битките се водат далеку од очите на јавноста, зад тешки завеси зад кои ние „обичните смртници“ не можеме ни да ѕирнеме.

А големата афера со поткупот што ја нарекоа „Рекет“ е колку црното под ноктот, ништо повеќе. Колективната катарза е дел од игрите што е само на површината. Јака им душа на тие што знаат повеќе.

Точно е. Огромно беше разочарувањето што го следеше случајот со поткупот, тотално погрешно наречен „Рекет“. Се разбира, целиот случај, лажните вести и спиновите околу него имаа цел да го дискредитираат СЈО во пресрет на гласањето на законот за јавно обвинителство, да се блокира процесот на реформите во правосудството, а правдата да не ги стигне криминалците. Императив на црната кампања против македонските напори да го врати владеењето на правото, е да се релативизираат последиците од длабоко вгнездениот криминал во системот и да се прикажат сите како „исти“.

Јанева падна. Во наелектризирана атмосфера, со ТВ екипи што зуеја на повеќе локации низ градот, пред домот на Јанева, пред СЈО, пред ОЈО… беше приведена една од најголемите икони на граѓанскиот отпор против криминалниот режим на Груевски.

Да се вратиме само еден мал чекор поназад и да се задржиме на површината. Да повториме. Не е рекет во прашање. Во суштина, се работи за случај на поткуп и трговија со влијание. Би се работело за рекет ако некој криминалец му изнуди пари на невин човек. Овде се работи за осомничен кој криминализира, односно во својата мрежа заплеткува и корумпира други криминалци (или криминогени ликови) и го корумпира самиот систем, за да се извлече од одговорноста за сопствениот криминал. Кога вели дека некого корумпирал за да издејствува пасош или ослободување од притвор и слично, тој фактички ја признава својата вина.

Резимето на овој погрешно наречен корупциски скандал може да се напише во само неколку реченици. Два месеци по избивање на аферата, обвинителството одлучи да даде налог за апсење на Катица Јанева. Случајот не беше отворен во институциите, туку онаму каде што има неограничен простор за спинови, лажни вести и пропаганда. И по некоја релевантна информација, очигледно.

Случајот го „отвори“ уредникот на Плусинфо, познатиот новинар Бранко Героски, со серија написи во кои користеше прекари и навестувања со што само ја разгори „фантазијата“ на јавноста. Потоа се појавија и видео „бомби“ што ги објави италијанскиот весник близок до италијанската екстремна десница. Видео бомбите и сите останати медиумски содржини упатуваат на Орце Камчев, кој плаќа огромна сума пари во кеш, 1,5 милиони евра, за да се извлече од одговорноста за тешките криминали. Врските, изворите, мотивите, висината на поткупот и дали мебелот што го добила Јанева на подарок, со или без микрофони во душеците, во крајна линија, се детали што се, повторно ќе кажам, само еден мал детаљ од криминалниот лавиринт.

Како и да е, апсењето на Јанева, барем за сега, изгледа како game changer (пресврт во играта). Правната држава, наспроти силната врева во јавноста и медиумите, сепак, профункционира и покажа дека, без оглед на опструкциите, функционира. Овој настан го окупира вниманието на јавноста до вжештување, но сепак, Јанева е само една алка во криминалниот синџир во кој Камчев е тој што дава поткуп за да се извлече од правдата. Малкумина говорат за тоа дека со давањето пари (и мебел) за поткуп, Камчев и фактички ја признава својата вина и е одговорен според законите, како што се одговорни и оние што тргувале со влијание и земале поткуп. Дали има или нема политичари од власта, истрагата допрва треба да утврди. Ако успее да утврди, еве да не бидеме скептични, па уште еднаш да се надеваме дека намерите се чисти, јасни и во насока на законите.

Едно е сигурно, тие што земале поткуп, барем еден дел од нив, се зад решетки. Дали обвинителството ќе собере сили да го насочи своето внимание и кон оние што дале поткуп, со мотиви што се повеќе од очигледни и ја мачат македонската мрачна реалност со децении, останува да се види во наредните епизоди на овој крими трилер. Пресврти и менување на страната решетките е сосема извесна, а „публиката“ цело време ќе останува без здив.

Јавноста, доколку не ѝ се замати видот дополнително, од страотната медиумска војна што е во тек, сега може (и треба!) само да се надева дека ќе се забрза постапката на донесување закон за обвинителство во кој работата, а уште повеќе, дека постигнувањата на СЈО нема да бидат минимизирани, без оглед на тоа дали некој или некои во таа институција биле заплеткани во криминал и корупција. А токму кон опструкција на овој процес се насочени сите структури на моќта што немаат интерес Северна Македонија да стане земја во која владее правото. Тоа мора да се запомни. Сѐ друго е работа на сценаристите и режисерите.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close