Катастрофа во „Идризово“: По 16 затвореници спијат на осум кревети, врие од лебарки, бубашваби и тафтабии

Затвор Идризово / Фото: МИА

Веќе со години наназад состојбата во „Идризово“ е повеќе од загрижувачка и под сите минимални стандарди. Во оваа установа се наоѓаат скоро половина од популацијата која издржува казна затвор, овој проблем уште повеќе добива во сериозност. При увидот во оваа установа увидовме дека се сместуваат и по 16 лица во една просторија. Во 16 метри квадратни, со 8 кревети, имаше 16 осудени лица. Во друга просторија од 19 квадрати имаше 12 лица. Во голем дел од просториите условите се неадекватни а се сместуваат повеќе од 9 лица. Хигиената е лоша, има лебарки, бубашваби, тафтаби, немаат пристап до топла вода и нема можност за одржување на лична хигиена. Ова влијае и за тензичната атмосфера и затоа често има тепачки. Во однос на материјалните услови загрижувачка е и состојбата во затворот во Шутка, простории во исклучително лоша состојба, а за кои веќе е укажано дека треба да се затворени. Полни се со влага, мувла со несоодветни кревети и душеци, расипани чешми изјави на прес конференција народниот правобранител Насер Зибери кој го презентираше Извештајот-Национален превентивен механизам за 2021 година во кој се прикажани состојбите полициските станици, затворите и психијатриските установи.

Затворската полиција не успева да превенира ниту тепачки, а народниот правобранител добил информации дека службеници се вклучени во коруптивни дејствија, како и дека затвореници плаќаат за да бидат префрлени во институции со подобри услови, вели Зибери и додава дека посебен проблем е несоодветното однесување и деградирачкиот третман од вработените кон затворениците, а во три казнено-поправни установи Народниот правобранител добил информации дека затворениците биле заплашувани со физичко малтретирање.

-Во затворот Скопје се користат простории кои се лоши, а кои Националниот превентивен механизам и минатата година укажа дека треба да бидат затворени и да не се користат. Притворениците се сместени во простории во простории со мувла по ѕидовите, каде има стар инвентар, ниско ниво на хигиена, со расипани чешми. Притворениците се жалат на пристапот до вода, кој не е решен. Затворениците складираат вода во пластични шишиња -, додава Зибери.

Само во затворот Тетово инфраструктурата е подобрена. Но и тука има проблем, а тоа е изведувањето на воспитно-образовниот процес, смета народниот правобранител.

„Посебен проблем е несоодветното однесување од вработените. Поплаки во овој дел има од повеќе казнено-поправни установи. Голем број од осудените лица се плашат да ги изнесат забелешките јавно. Безбедноста и сигурноста на затворените лица исто така е на ниско ниво, нема доволно број на затворски чувари и недостигот на персонал е секаде ист. Нехуман начин на постапување со осудените лица е и користењето на кожни ремени, лисици”, додаде Зибери.Дури 58 отсто од децата во поправниот дом се на психијатриска дијагноза, проблемот е дотолку поголем е што децата се прегледуваат од установи надвор од домот, во присуство на затворска полиција што го ограничува чувството на доверба на овие штитеници со психијатар.Во останатите казнено поправни установи е увидено дека се преземени активности за подобрување на инфраструктурата. Но за жал, поради невнимателно користење на истите во затворот во Струмица и КП домот во Штип, просториите се руинирани. Како посебен проблем се појавува и прашањето на условите во кои се сместени лицата, здравствената заштита, процесот на ресоцијализација и воспитниот процес кај малолетните лица. Прекубројноста посебно е изразен во КП Идризово, Штип, Прилеп, затворот Скопје, Битола, Прилеп“, констатира Народниот правобранител.

Народниот правобранител Насер Зибери на денешната прес-конференција откри дека за на осудено лице да му се внесе мобилен телефон, затворските чувари вработени во затворот наплаќаат од 200 до 500 евра зависно од казнено поправната установа. За тоа дали некој ќе одговара, Зибери вели дека ако се утврди лична одговорност ќе биде спроведена, но работата на правобранителот е да укаже, а не да казнува.

„Внесувањето на недозволени предмети е извршено со посредство на службени лица. Многу често тоа е со плаќање на надомест, а последната акција на МВР само ги потврди нашите сознанија. Неофицијално можам да кажам дека за внесување на мобилен телефон, службените лица бараат од 200 до 500 евра од осудениците. Во 2015 години беше посетен и КПД Тетово. Женските малолетни деца се во Идризово. Состојбата во Тетово со условите во Тетово е на задоволително ниво, има доволно простории и соодветни услови. Но во Идризово се под нивото потребно за функционирање на ваков дом. Тие треба да бидат преместени во соодветна установа”, вели Зибери.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот