Катар, Египет и САД ги повикуваат Израел и Хамас да ги обноват преговорите за прекин на огнот во Газа
Катар, Египет и Соединетите Држави ги повикаа Израел и Хамас да ги обноват преговорите за постигнување прекин на огнот во Појасот Газа, бидејќи континуираното израелско бомбардирање на територијата уби речиси 40.000 Палестинци и ги зголеми стравувањата од натамошна регионална ескалација, пишува „Ал Џезира“.
Во заедничката изјава трите земји ги повикаа Израел и Хамас „да продолжат со итна дискусија“ на 15 август во Доха или Каиро „за да ги затворат сите преостанати празнини и да започнат со спроведување на договорот без натамошно одлагање“.
„Време е да се склучи договор за прекин на огнот и да се ослободат заложниците и затворениците. Работевме со месеци на постигнување рамковен договор и тој сега е на маса, а недостасуваат само детали за имплементација“, велат тие.
Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху брзо одговори на повикот, велејќи во соопштението дека Израел ќе испрати делегација да присуствува на разговорите следната недела „со цел да се финализираат деталите и да се имплементира рамковниот договор“.
Хамас, палестинската политичка фракција која управува со Газа, допрва треба да одговори.
Заедничката изјава доаѓа во време на неколкумесечни неуспешни обиди да се постигне прекин на огнот во Газа, каде во воениот напад на Израел од почетокот на октомври загинаа најмалку 39.699 Палестинци, а 91.722 беа повредени.