Кастриот го скастри новото мнозинство!

Кастриот Реџепи, пратеник од Беса, Фото: Архива

Собраниската седница за гласање недоверба на Владата не почна, откако пратеникот на Беса Кастриот Реџепи не дојде во парламентот, па партиите што го иницираа гласањето, не можеа да направат мнозинство од 61 пратеник.

Иако до последен момент тврдеа дека имаат мнозинство, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса за Албанците, Беса и Алтернатива не обезбедија кворум, бидејќи во собраниската сала не влегоа пратениците од актуелното владејачко мнозинство, па не можеше да се усвои ниту дневниот ред за седницата.

Токму неможноста да почне седницата навести две сценарија за нејзиниот епилог. Според брифинзи од власта, седницата ќе се смета за завршена, а иницијативата за уривање на Владата за неуспешна и со тоа во следните 90 дена опозицијата ќе нема право да побара ново гласање за недоверба на Владата, освен ако зад барањето не застанат 61 пратеник.

Второто сценарио, според брифинзи од опозицијата, е дека по исцрпување на можностите за паузи, потпретседателот на Собранието Фадил Зендели ќе констатира дека седницата ја прекинува и дека таа ќе продолжи откако ќе се создадат деловнички услови за тоа. Со тоа опозицијата ќе си даде време, ако обезбеди мнозинство, повторно да ја продолжи. Но, речиси е невозможно претседателот на Собранието Талат Џафери да свика продолжение на седницата за која власта смета дека е завршена како неуспешен обид да падне Владата.

Драмата почна откако во салата не влегоа пратениците од власта и особено кога на опозициските пратеници им стана јасно дека го нема Кастриот Реџепи и дека немаат кворум, иако дури и позитивните на ковид Никола Мицевски и Ангелика Петкова во скафандери дојдоа во Собранието. Спикерот Џафери ја напушти седницата бидејќи не ја поддржува иницијативата и го повика потпретседателот на Собранието Фадил Зендели да ја води седницата по што даде десет минути пауза. На седницата беа присутни премиерот Зоран Заев и другите членови на Владата.

Веднаш по ова проструи информацијата дека Реџепи е недостапен на двата телефона и дека никој нема ни во двата стана што ги поседува пратеникот. Опозицијата обвини дека Реџепи е киднапиран. Лидерот на Беса и сопартиец на Реџепи, Билал Касами, изјави дека се сомнева оти Реџепи е некаде против своја волја, но и дека не е изненаден од неговата одлука.

–  Имам право да се сомневам дека против своја волја е држен некаде за да не дојде во Собранието. Беса останува на ставот да биде срушена оваа власт, а овој момент со Реџепи е показател дека власта се обидува на секаков можен начин да остане во својата позиција  рече Касами.

Реџепи, пак, преку Фејсбук порача да не го бараат и дека нема да учествува на собраниската седница.

„Евроатлантскиот интегративен процес на државата е една од моите и од основните цели на движењето Беса. Имајќи ја предвид актуелната политичка состојба, оставката на премиерот Заев, и заради процесот и силните пораки од стратешките партнери САД и ЕУ, кои ми се соопштени од висок дипломатски претставник дека во декември државата има големи можности да добие датум за преговори со ЕУ, одлучив да не учествувам во оваа собраниска седница на која треба да се стави под прашање оваа важна цел на државата и на нацијата“, напиша Реџепи.

Тој смета дека државата во овој важен период нема потреба од политичка криза. Тој не наведува како понатаму ќе дејствува во Собранието, но власта го смета за свој и дека со него има парламентарно мнозинство, за разлика од опозицијата која сега брои 60 пратеници.

Аријанит Хоџа од Беса, пак, преку Фејсбук порача дека борбата продолжува и дека секој ќе одговара за своите постапки.

„Заканата, уцената или другите форми на влијание се показател за инсталирање режим кој е ставен над волјата на народот. И покрај се, Движењето Беса ја продолжува војната. Одиме по нашиот свет пат за да го победиме злото“, напиша Хоџа.

И водачите на опозицијата и тие од власта преговараат за зацврстување и за зголемување на „своето“ мнозинство. Пратеникот и лидер на Левица Димитар Апасиев побара од Џафери да ја води седницата, бидејќи ниту е спречен ниту е отсутен да го прави, како што предвидува Деловникот.

Пред почетокот на седницата, пратеникот на Алтернатива Скендер Реџепи и пратеникот и лидер на Алијанса за Албанците Зијадин Села изјавија дека очекуваат Владата да падне.

– Нема да дозволиме да бидеме дел од никакви листи и влада која е против Европската Унија и против Косово, влада која е антиалбанска, односно нема да бидеме дел од влада која би се залагала против сите модерни вредности  изјави Реџепи.

Села порача дека ќе падне владата и дека „граѓаните конечно ќе се ослободат од притисокот на недемократската и неграѓанска власт“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот