Кастратовиќ: До мечот со Спачва ќе ги поставиме сите коцки на потребното место!

фото: facebook.com/ihtstruga/

Металург ги заврши базичните подготовки, во Скопје и во Маврово, а одигра и четири натпревари во склопот на турнирот во Струга.

Главниот тренер на Металург, Зоран Кастратовиќ, е задоволен од досега сработеното и вели дека во преостанатите денови, до почетокот на обврските во Лига Европа, ќе ги стави сите коцки на потребното место.

Презадоволен сум од сработеното за време на подготовките во Маврово, а исто така и од одиграното во Струга. Видов како функционираме како екипа, каде и што треба да се корегира до мечот со Спачва и сметам дека сме на добар пат. Факт е дека имаме пет нови играчи во тимот и тие не можат за неколку тренинзи и три-четири меча да се навикнат едни на други во начинот на движење на теренот и во стилот на играта. Но, евидентно беше дека во секој нов натпревар имавме напредок во играта. Затоа и верувам дека во следните десетина дена, до мечот со Спачва, ќе ги поставиме сите коцки на потребното место и максимално подготвени ќе влеземе во двомечот – се зборовите на Кастратовиќ на клупскиот сајт.

Металург на традионалниот струшки турнир го освои третото место, со учинок од три победи и еден пораз претрпен од Еурофарм Пелистер.

Првиот дуел со хрватскиот претставник Спачва е закажан за 29 август во салата Автокоманда, а реваншот е за седум дена во Винковци. Подобриот од овој двомечот ќе обезбеди место во второто квалификациско коло од Лига Европа.

Средбата во Скопје е со почеток од 19.00 часот, ќе ја водат судиите Арсим и Ердоан Витаку од Косово, а делегат Ацо Николовски од Македонија.

Реванш дуелот во Винковачко Село, која на програмата е на 5 септември (19.30 часот) ќе ја водат судиите Дору Манеа и Раду Илиеску од Романија, а делегат е Хрватот Владимир Сокол.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот