Карпошани со најмногу идеи за општинскиот буџет за 2021

Според податоците презентирани од неколку скопски општини, бројот на граѓаните што ги пополниле анкетите и дале свои предлози и идеи е сѐ уште многу мал во однос на бројот на жителите што одлучиле своите идеи за проблемите со кои се соочуваат во секојдневниот живот да ги сочуваат за себе.

Скопјани се заинтересирани да учествуваат во креирањето на општинските буџети, па во изминатиот период тие одговараа на анкетните прашалници што дел од општините им ги понудија на своите жители за да ги лоцираат проблемите за кои е потребно да се обезбедат пари во општинската каса за претстојната година.

Сепак, според податоците презентирани од неколку скопски општини, бројот на граѓаните кои ги пополниле анкетите и дале свои предлози и идеи е сѐ уште многу мал во однос на бројот на жителите кои одлучиле своите идеи за проблемите со кои се соочуваат во секојдневниот живот да ги сочуваат за себе.

Најактивни во пополнувањето на буџетскиот онлајн прашалник се карпошани, особено жителите на Карпош 4, Тафталиџе, Карпош 1 и Карпош 2. Од Општината се задоволни од одзивот и велат дека годинава анкетата ја пополниле 806 граѓани, што е за 300 повеќе од лани. Најголемиот број предлози се од областа на инфраструктурата, екологијата и урбанизмот.

– Сите проблеми, забелешки и идеи кои беа посочени од граѓаните се дистрибуирани до соодветните одделенија и сектори при општината. Во процесот на креирање на буџетските програми, секоја од забелешките ќе биде разгледана и според можностите и надлежноста ќе се интегрира во новиот Буџет на локалната самоуправа за 2021 година – велат од Општината, која трета година по ред ја користи оваа алатка за мапирање на интересот на граѓаните.

Во Карпош во тек е и теренска анкета на репрезентативен примерок од најмалку 1.000 граѓани, која исто така треба да помогне во подготовката на новиот буџет.

Деновиве, градоначалникот на Општина Гази Баба, Борис Георгиевски уште еднаш ги повика граѓаните да ги соопштат нивните идеи за новиот буџет преку пополнување на прашалникот. Тој соопшти дека веќе се стигнати стотина предлози.

– Ме радува што поголем дел од нив се млади луѓе кои имаат креативни предлози и идеи. Предлозите веќе се разгледуваат од стручните служби на општината – информираше Георгиевски.

Во Општина Центар освен анкетен прашалник се одржаа и две сесии на буџетски форуми на кои жителите на Центар имаа можност да предлагаат идеи, проекти и предлози за подобрување на животот во општината.

Од анкетните прашалници Општината доби 97 одговори, според кои приоритет за граѓаните за идната година се изградба на нови паркови и детски игралишта, заштитана животната средина и реконструкција на улиците. На буџетските форуми пред градоначалникот и општинските служби, центарци побараа решение за состојбата со паркинзите, за оштетувањата на одредени сервисни улици под општинска надлежност, за наставно-воспитниот кадар во основните училишта и детските градинки и за аерозагадувањето.

– Одговорите од тематските анкетни прашалници и заклучоците добиени од граѓанските буџетски форуми на Општина Центар ќе се приоретизираат, систематизираат и ќе се достават до надлежните општински сектори, а подоцна дел од нив ќе се вметнат во општинските програми за работа за наредната 2021-ва година – велат од Центар и додаваат дека прашањата, идеите и проблеми кои жителите ги издвоија како значајни, а не се во надлежност на општината, ќе бидат доставени до надлежните институции.

И Општина Аеродром со цел да овозможи поголема вклученост на граѓаните и граѓанскиот сектор во креирањето на буџетот за 2021 година, објави анкетен прашалник: аеродромци можеа да го пополнуваат до 23 ноември, а од Општината ветија дека сите предлози ќе бидат разгледани и анализирани од општинските служби.

И општините Ѓорче Петров и Кисела Вода ги повикаа своите граѓани со пополнување на анкетен прашалник да учествуваат во креирањето на  општинскиот буџет за наредната година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот