Карпошани сепак ќе ја добијат салата „Партизан“ обновена

Спортска сала Партизан
Спортска сала Партизан/ Фото: Архива

Спортската сала „Партизан“ во населбата Карпош 4 наскоро ќе почне да се реконструира. Јавната набавка што ја спроведе Агенцијата за млади и спорт со која се бара изведувач на проектот е при крај, во фаза на евалуација, по што ќе се избере најдобриот понудувач. Со тоа ќе може да започне долгоочекуваната обнова на салата, која за карпошани е еден од култните објекти во општината.

Деновиве, актуелниот градоначалник Стефан Богоев го потпиша одобрението за реконструкција, како и решението за изградба на затворениот пливачки базен кој ќе се гради до салата.

Иницијативата за спас и обнова на „Партизан“ Општината ја започна на почетокот на 2019 година. По враќањето на салата во владение на општината, локалната власт во соработка со здружението „Културно ехо“ спроведе анкета за избор на идејно решение за реконструкција на салата. Идејните проекти беа подготвени од домашни и странски млади архитекти на здружението, а изборот преку анкета го направија граѓаните на Карпош. Карпошани најмногу, односно 878 гласови дадоа за идејното решение подготвено од архитектите Томас Ромеро Тали, Метју Сатори и Хавиер Ромеро. Врз основа на овој идеен проект, Агенцијата за млади и спорт потоа го работеше основниот проект.

Во меѓувреме, во мај минатата година, експертски тим предводен од Страшо Поповски, дипломиран градежен инженер и компанијата „АДИНГ“ АД Скопје, извршиле процена на статичката стабилност и употребливост на салата „Партизан“. Притоа, тие утврдиле дека објектот е направен од армирано бетонска конструкција, која е во генерално добра состојба, по што се констатирало дека нема значајни оштетувања на бетонот, што значи дека со санација на објектот и неговите инсталации „Партизан“ може повторно да се врати во функција.

Изработката на основниот проект траеше речиси две години, а тендерот за избор на изведувач беше распишан дури во септември годинава.

Точно е дека помина прилично време откако ја започнавме Иницијативата за спас и обнова на „Партизан“, но верувајте дека не беше лесен овој процес. Прво, се боревме салата да ја вратиме во владение на општината, откако концесионерот целосно ја имаше запуштено. Најважно, на овој простор повеќе не постои закана за изградба на станбени згради. Напротив, овој дел од Карпош ќе прерасне во уредена спортско-рекреативна зона, со мултифункционална сала и затворен пливачки базен – вели градоначалникот Стефан Богоев.

Реконструкцијата на салата „Наум Наумовски Борче“, меѓу скопјани позната како „Партизан“ во Карпош 4, ќе чини околу 75 милиони денари со ДДВ, односно според тендерот проценетата вредност изнесува 59.322.034 денари без ДДВ.

Спортската сала „Партизан“ е изградена непосредно по катастрофалниот земјотрес 1963 година, како донација од Франција, а е дело на архитектот Трајко Димитров.

Веднаш до салата ќе биде изграден затворен пливачки базен, кој ќе можат да го користат учениците од општинските основни училишта, а во попладневните часови и околните жители.

На овој начин, како што велат од Општина Карпош, делот меѓу населбите Карпош 3 и Карпош 4 ќе претставува уредена спортска целина, која ќе можат да ја користат сите граѓани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот