Карпошани нема наскоро да ги следат седниците на Советот во живо, Јакимовски не ја потпишал донесената одлука

И покрај тоа што советниците изгласа Одлука за пренесување во живо на седниците на Советот на Општина Карпош, а од Општината потврдија дека е во тек постапка за обезбедување услови за пренос во живо, по се изгледа дека тоа нема да се случи. Карпошани кои се заинтересирани за она за што одлучуваат нивните избраници во Советот, ќе мора да се задоволат со општинските соопштенија, оние што се во можност можат и да присуствуваат на седниците кои треба да се отворени за јавноста или во општинскиот Службен гласник да прочитаат кои одлуки се усвоени на седницата.
Градоначалникот Стевчо Јакимовски не ја потпишал одлуката донесена за Советот за пренесување на седниците, односно како што официјално стои во Службениот гласник, донел решение за запирање на објавата на Одлуката за пренесување во живо на седниците на Советот на Општина Карпош донесена на вонредната 24 седница на Советот, поради тоа што „прописот не е во согласност со позитивните закони и подзаконски акти“.
Како што се вели во образложението на решението, одлуката била предложена од советничката Татјана Стојановска, а врз основа на нејзиниот предлог Одделението за поддршка и организација на работата на Советот изготвил предлог одлука. И двете предлог одлуки биле доставени во законскиот рок од 7 дена до членовите на Советот, но на дневен ред на седницата се нашла одлуката предложена од стручната служба. До денот на одржување на седницата ниту еден од членовите на Советот не доставил писмена ниту усмена забелешка во однос на насловот на предложената одлука во дневниот ред.
Членот 60 од Законот за локална самоуправа ги дефинира обврските на општинската администрација и во став 1, точка 1 дефинира дека општинската администрација ги подготвува актите за советот и градоначалникот, во ставот 2 дефинира дека општинската администрација ги подготвува Седниците на Советот, како и седниците на неговите постојани и повремени комисии и во став 3 дефинира дека врши стручни работи за советот и градоначалникот – стои во образложението.
Понатаму, како што се вели, во Деловникот на Советот е дефинирана и постапката за донесување одлуки, според која прелогот – одлуката се доставува преку претседателот на Советот до градоначалникот, кој го упатува изготвувањето на актот до стручната служба во администрацијата.
Предложените акти кои се предмет на разгледување на Советот се изготвуваат во форма предвидена во подзаконските правни акти. Актот особено мора да ги содржи следните елементи: причини поради кои треба истиот да се донесе, содржината на сктот и образложението – се вели меѓу другото во образложението.
Но, според „Независни за Карпош – За заштита на Карпош“, од чии редови е советничката Стојановска, тврдат дека образложението се темели на невистини.
Татјана Стојановска поднесува предлог точка за дневен ред на 22 седница и тој предлог е за укинување на одлуката за забрана на снимање – како што и јавно вети. На таа седница се согласи да се повлече таа точка и кординаторите на кординаторска средба да усогласат одлука. На кординаторска средба е презентирана и прифатена Предлог одлука за пренесување во живо на седниците на Советот на Општина Карпош. Предлагачи се повеќе советници, истата е испратена електронски до претседателот на Совет и уредно објавена 7 дена пред почетокот на 23 -та седницата. Стручната служба за поддршка на Совет изготвува своја верзија на одлуката и без прашање и нејзина согласност ја додава како предлагач Татјана Стојановска. Оваа дискутабилна верзија на одлуката е ставена на дневен ред потпишан од претседателот на совет – Бранко Ристов. Поради измамата која ни беше подметната се согласивме да се помести расправата на оваа точка за крај, ја прекинавме 23 тата седница. Се свика вонредна седница со точката на дневен ред – онаа договорената и се изгласа со 20 гласа ЗА и двајца против – напишаа од „Независни за Карпош – За заштита на Карпош“ на Фејсбук.
Оттаму додаваат дека сите дејствија се документирани од нивна страна и ќе бидат пријавени до надлежните институции.
Инаку, за Предлог – одлуката која не ја попиша Јакимовски, повторно ќе треба да се изјаснат советниците, на наредната седница која ќе се одржи на 30 март.