Карпош воведува дневен престој во училиштата, родителите загрижени за здравјето на децата

1 октомври 2020, Скопје / Фото: Драган Митрески - Слободен печат.

Во основните училишта во Општина Карпош ќе се воведува дневен престој, во кој треба да бидат згрижени учениците од прво до трето одделение што посетуваат настава со физичко присуство, а кои нема кој да ги чува додека родителите се на работа.

Ова им било соопштено на родителите на основците на итно организиран родителски состанок во вторникот, при што им било речено дека до следниот ден мора да ги пријават децата што ќе посетуваат дневен престој.

Според зборовите на родителите кои не контактираа, Општината за воведувањето дневен престој со допис ги известила училиштата, па и самите наставниците биле затекнати од состојбата затоа што не им било јасно ниту кој ќе ги згрижува децата, ниту како ќе се почитуваат протоколите  за заштита од коронавирусот. Загрижените  родители стравуваат дека со воведувањето на дневен престој станува невозможно почитувањето на протоколите за заштита, затоа што во дневен престој се згрижуваат ученици од повеќе одделенија

– Досега во училиштето строго се почитуваа протоколите. Децата од секое одделение одеа во две смени, во групи од по 10 ученици, за да не се мешаат меѓу себе. Нема контакти со учениците од другите одделенија дури ни за време на одморите. Досега сѐ одеше добро и сега одеднаш Општината воведува дневен престој, кој се знае како функционира, се згрижуваат деца од различни одделенија. Како во такви услови ќе се почитуваат протоколите? Ние не баравме дневен престој туку целодневна настава, што е сосема различно – револтирано објаснува мајка на второодделенец од ОУ „Христијан Тодоровски Карпош“.

Според неа, наместо да се објаснат протоколите што би се спроведувале доколку навистина профункционира дневен престој, на родителите им било кажано дека со дневниот престој задолжително мора да се плати и исхрана.

Од Општина Карпош велат дека дневниот престој, односно адаптираниот продолжен престој, како што го нарекуваат, се воведува по барање на родителите.

– До нас пристигнаа повеќе петиции (поткрепени со потписи) од самите училишта. Не е точно дека оваа одлука е единствено на наша иницијатива. Напротив, родителите ја иницираа бидејќи имаше поплаки дека нема кој да ги чува децата, затоа што во тој период од денот родителите се на работа – објаснуваат од Карпош.

На прашањето дали добиле одобрение за ова од Комисијата за заразни болести, од Карпош велат дека е разговарано со Министерството за образование и наука и Комисијата за заразни болести, со цел да се заштити здравјето на децата и наставниот кадар.

-Адаптираниот продолжен престој подразбира настава во мали групи со избегнување мешање на децата од различни групи – тврдат од Општината.

Нејасно е што претставува во практика работата во мали групи и колку групи дневен престој ќе треба да се формираат и колку наставници да се ангажираат, доколку од секое одделение, кое е поделено во две смени, се пријават по две или три деца. Затоа што речиси е неизводливо, реагираат родителите, да има по седум-осум групи за дневен престој со максимално почитување на протоколите за да се зачува здравјето на децата

Во врска со исхраната, од Општина Карпош велат дека работат според новиот Правилник за стандардите, за исхраната и за оброците во основно училиште, донесен од Министерството за образование и наука во декември 2020 година.

– Во целодневната настава, исхраната се состои од појадок, ручек и две ужинки. Родителот самостојно одлучува дали неговото дете ќе зема храна, а операторот „Ванила“ има активен договор со училиштата. Основните училишта самостојно распишуваат јавна набавка за избор на економски оператор, кој ќе обезбедува храна за учениците – велат од Карпош, но не објаснуваат дали исхраната која е обврска за целодневната настава е и за дневниот престој, каде што учениците се згрижуваат само по неколку часови по завршувањето на наставата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот