Карма – дали некогаш сте се прашале зошто некои луѓе се среќаваат?

Фото: Pexels/Vera Arsic

Луѓето не се допираат со врските. Со бракови. Со деца. Луѓето не се допираат со близината. Со присуството. Тие се допираат со чувство. Тие се поврзуваат со невидливи врски. Тие можат да бидат потполни странци еден на друг, а сепак двете најблиски личности кои некогаш се запознале. И тој момент кога гледате нечии очи или покрај некого чувствувате силна привлечност, кога некој, без вистинска причина, ќе ве допре, тоа е моментот кога ја препознавате вашата карма, пишува АТМА.

Дали некогаш сте се прашале зошто некои луѓе се среќаваат?

Да. Секое утро додека сонливо гледам во огледалото. Со празни раце ги пијам првите голтки кафе. И се прашувам какво е значењето на некој странец што, всушност, толку добро го познавам. Неговата внатрешност е дел од мене. И сега тој живее во мене, повеќе од мене.

Самото спомнување на кармата и на судбинските врски секогаш отвора бескрајни прашања на кои луѓето бараат одговори. Иако повеќето од нашите овоземни односи се кармички обележани, овој пат ќе се занимаваме исклучиво со емотивните односи. Со оние што се оствариле, но и со оние што не се оствариле. Честопати, најлесниот начин да објасниме зошто чувствуваме толку силни чувства за некого лежи во фактот дека сме дел од нечија карма. Иако луѓето веројатно од перспектива на егото сакаат да бидат дел од нечиј свет, најинтимниот и да го поминат остатокот од животот со таа личност, многу позначајно е да се биде дел од нечија карма. Дел од едно време што ѝ припаѓа на вечноста.

Момент на препознавање на кармата

И тој момент кога гледате нечии очи или покрај некого чувствувате силна привлечност, кога некој, без вистинска причина, ќе ве допре, кога се чувствувате вклучени во вашето постоење, тоа е моментот кога ја препознавате вашата карма. Ги исполнувате вашите лекции. Тогаш давате сè што можете да дадете, а не сè што мислите дека треба. Тука разумот не игра улога. Вие не одредувате што ќе дадете или нема да дадете, не споделувате, како што обично споделувате со вашите животни партнери. Рационално, логично и емотивно. Затоа што овде вашата душа се сеќава на сите реинкарнации. На потсвесно ниво, препознавањето останува. И тоа секогаш се случува со причина.

Некои луѓе доаѓаат и си одат. Некои доаѓаат и остануваат. Некои поминуваат покрај нас. Кај некои луѓе често имаме чувство дека сме се запознале во погрешно време. Ваквите случаи речиси секогаш се стремат кон повторно обединување. Нѐ одминуваат затоа што едноставно не е време за тие лекции. Не сме доволно зрели и силни. Не сме доволно препознаени.

Секогаш тоа се приказни стари со милениуми. Ја чувствувате личноста затоа што порано ви била блиска. Ги знаете нејзините навики затоа што некогаш сте ја познавале. Ја чувствувате, без смислена причина, толку длабоко во себе што тоа предизвикува немир. Кога препознавате дел од себе, препознавате дел од кармичките лекции.

Средби, разделби и бегства

Некои луѓе се среќаваат во младоста, потоа животот ги разделува одреден број години, па ги зближува. Некои се среќаваат и знаат од првиот момент дека тука има нешто повеќе. Позначајно. Посилно. Тие можат да ги претчувствуваат настаните што следуваат. Реакциите на другата личност. Можат да ги предвидат нејзините однесувања и одлуки.

Има и такви што никогаш не се запознале. И тогаш таму, со милји далеку, ве буди нечиј глас, нечии зборови, нечие постоење. А вие копнеете да продлабочите нешто, што одамна е подлабоко од вас. Понекогаш луѓето бегаат. Стравот од соочување, потсвесно, ве тера да се свртите настрана. Овие бегства никогаш немаат врска со вас, тоа се бегства од себе. Оној што не е подготвен, си заминува. Но, по некое време повторно се враќа.

Вака често ги поминуваме непроспиените ноќи размислувајќи и прашувајќи се зошто? Како е можно да нè допре некој што никогаш не нѐ допрел. Или, кои се причините за престојување во нечии мисли. Или, како е можно да знаеме сѐ, кога ништо не знаеме. Дека сме безбедни, кога нема ни најмала сигурност. Чувствуваме и грч и слобода. И тогаш се појавува болка. Стануваме свесни за фактите што ги носат пречките. Стануваме незадоволни затоа што немаме можност да постигнеме блискост. Стануваме длабоко несреќни во нашата желба да го поседуваме и контролираме секој момент. Кога сѐ ќе заврши, се прашуваме зошто почнало. Наместо да бидеме среќни што постоело.

Судир со реалноста

Често се среќаваат луѓе што многу подобро знаат со кого се во својата реалност отколку со кого се кога се сами. Немаат храброст да остават некој што не е дел од нив, но имаат храброст да скршат дел од себе во некој друг. И да прифатат дел што не им припаѓа. Тоа е вистинска агонија на животот. Тоа се нашите одлуки. И тие нѐ болат. Нѐ боли сето она на што не сме биле подготвени, а сме можеле да го направиме. Нѐ болат нашите очекувања. Мечтите. Боли нашата храброст што никогаш не сме ја имале. Боли нашето постоење што самите сме го создале.

Кармата не боли (таа е праведна, нè учи). Таа не може да повреди. Нѐ повредуваат целите што си ги поставуваме. Нѐ боли тоа што мислиме дека нема право да нѐ повреди. А постои. Нашите погрешни перцепции за љубовта нѐ повредуваат. Нѐ болат одлуките што никогаш не сме имале храброст да ги донесеме. Затоа што љубовта е секогаш наша цел. Иако љубовта нема цел. Таа се случува без причина, без објаснување, без логика, без размислување. Влегувањето во односи со луѓе само затоа што овие врски можат да доведат до некоја цел не е љубов. Тоа е калкулација. Барикада на душата. Срцев нокаут. Тоа е човекот. Но, тоа не е љубов. Љубовта нема цел. Човекот го има. Бракот не е цел на љубовта, тој е цел на човекот. Врската не е цел на љубовта, таа е цел на човекот. Нема ништо лошо во човечките цели. Но, тоа не се целите на љубовта. Љубовта нема цел.

И тогаш добиваме одговор на прашањето: Зошто некои луѓе се среќаваат? Затоа што тие не знаат ништо друго.

„Ретките ги наоѓаат ретките, кога-тогаш“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот