Карлос Гон – човекот кој е сѐ, само не нормален бегалец

Фото: EPA-EFE/NABIL MOUNZER

Гон сѐ до неговото апсење беше еден од најголемите моќници во светската автоиндустрија, владееше со компанија која под себе ги имаше Нисан, Рено и Мицубиши.

Поголемиот дел на бегалци настојуваат добро да се сокријат, не ги повикуваат новинарите, не организираат прес-конференции и не се толку невнимателни да дозволат да се објави нивна фотографија како пијат вино, само неколку дена откако се прошверцувани од некоја држава. Тоа не важи за Карлос Гон, кој е сѐ само не нормален бегалец, пишува хрватски „Експрес“.

Поранешниот моќен шеф на Нисан, кој на крајот на 2018 година е уапсен по повеќемесечна истрага за време на која се утрврдени бројни финансиски малверзации, минатата недела во Бејрут собра околу сто новинари и зборуваше како сите обвиненија за криминал  во Јапонија се дел од заговор против него.

Целата прес-конференција беше добро огранизирана претстава, каде Гон го нападна јапонскиот правосуден систем и своите непријатели од компанијата. Настанот е организиран само една недела од неговото спектакуларно бегство од домашен притвор од неговата куќа во Токио, каде чекаше судење. Во бегството му помогна добро организиран тим на професионални оперативци.

– Не побегнав од правдата, туку од неправдите и политичкиот прогон – рече Гон.

Гон сѐ до неговото апсење беше еден од најголемите моќници во светската автоиндустрија, владееше со компанија која под себе ги имаше Нисан, Рено и Мицубиши, а беше само еден од многуте странски директори на големата јапонска компанија.

Тој на својата прес-конференција речиси три часа зборуваше за себе, на новинарите од целиот свет им се обраќаше на четири јазици, англиски, арапски, француски и португалски. Повремено неговиот монолог изгледаше како говор на некој бизнисмен во Давос, пишува „Њујорк тајмс“, медиум за кој даде интервју и рече дека му е жал кои луѓе ги избрал да го наследат во Нисан.

Меѓутоа, приказната за Карлос Гон воопшто не е ниту пријатна, ниту пак убава. Извори од компанијата го опишуваат како многу злобен и арогантен човек. Иако од апсењето го обвинуваше неправедниот јапонски правосуден систем, сепак минатата есен тој плати милион долари за случајот, како обична граѓанска парница, да се префрли во САД.

Тој чекор означи дека, без оглед на исходот на процесот, Гон во следните десет години не смее да води ниту една компанија. Гон со тоа не ја призна вината, но практично исклучи било каква можност повторно да води некој голем светски бизнис.

Гон е сопственик на неколку пасоши на различни светски држави и со својата сопруга Керол, која исто така чека налог за апсење од Јапонија, буквално се „заглавени“ во Либан, каде имаат роднини и сопственици се на неколку недвижнини. Но, ниту таму не се потполно сигурни од кривичниот прогон, поради тоа што Гон веќе доби повик од либанските обвинители за испрашување, за да се утврди како точно побегнал од Јапонија.

И Франција го истражува и се обидува да утврди дали користел пари од Рено за да организира екстравагантна забава во палатата Версај во 2016 година, кога го славеше својот втор брак и 50-тиот роденден на својата сопруга Керол.

Имено, Рено токму таа година, под водство на Гон, за палатата Версај донирале 2,3 милиони евра, а во договорот наводно стоело дека донаторот за возврат може да ја искористи оваа локација за еден сопствен настан во вредност од 25 отсто од донираниот износ. Гон тоа, наместо за потребите на компанијата, го искористил за своја приватна и луксузна забава.

Нисан, од друга страна, го терети дека проневерил милиони долари од компанијата за да купува јахти и вили за членови на своето семество, нешто што Гон го негира. Гон вели дека дека во било која друга држава поради такви обвиненија сигурно не би бил со месеци во притвор како да е терорист.

Гон за време на прес-конференцијата во Либан се обидуваше да ги оправда контроверзните приватни трошоци во својата поранешна компанија, но ја користеше одбраната која е многу вообичаена во корпоративниот свет – трансакциите ги потпишувале други директори, а не тој.

По неговото апсење во Јапонија во ноември 2018 година, Гон и неговите соработници многу агресивно во јавноста настојуваа да ја туркаат неговата страна на приказната и попатно ги напаѓаа неговите критичари. Тој вработи адвокати на три континенти, па дури и одржуваше состаноци со холивудски продуценти за да направат филм за неговата правна битка.

Неговото приватно и бизнис царство се сруши откако беше уапсен на аеродромот во Токио, по неговото патување во Либан. Директно од аеродромот е пренесен во притвор, каде со недели јапонските власти го држеа во мала самица. Му било дозволено да се тушира двапати дневно и две прошетки од 30 минути. Според неговите наводи, обвинителите криеле докази од него и не му давале да контактира со сопругата во Либан.

Пуштен е со гаранција, но во април повторно заврши во затвор поради тоа што најави дека ќе разговара со новинарите. Во есенскиот период адвокатите го предупредија дека судењето може да се развлече на пет години, што не му се допадна. А потоа на 29 декември организираше неверојатно бегство од Јапонија.

Сѐ уште не е познато како точно успеа да ги избегне сите осигурени точки и рестрикции, со оглед дека во куќниот привор беше под надзор, но се знае дека со воз прво заминал од Токио до Осака, па престојувал во хотел во близина на аеродромот Кансаи.

Според пишувањата на турските медиуми, на аеродромот во Осака е прошверцуван во голема кутија. Таа кутија е качена во просторот за багаж во приватен авион, во кој можело да се влегува и излегува од патничкиот простор.

Двајца оперативци кои работеле со Гон му рекле на персоналот дека не сакаат да бидат вознемирувани. По полетувањето, Гон излегол од кутијата и се префрлил во патничкиот простор во кој имало кревет и бил одвоен од предниот дел на авионот со заклучени врати.

Летот до Истанбул траел 12 часа, кога авионот слетал на аеродромот Ататурк. Веднаш до авионот застанал автомобил и го пренел до друг авион кој бил во близина. Така Гон успеал да полета за Бејрут.

Најмалку 15 луѓе биле вклучени во оваа операција, а според извори на „Њујорк тајмс“, некои од нив не знаеле кого шверцуваат од Јапонија. Наводно им е кажано дека тоа е акција за спасување на киднапирано дете.

Фото: EPA-EFE/NABIL MOUNZER

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот