Карбинци ќе гради влез и мост на Козјачка Река

Карбинци ќе добие пристоен влез и нов мост на Козјачка Река. Градоначалникот на Општина Карбинци, Јордан Насев вели дека улицата на влезот ќе биде долга 420 метри, широка шест метри и тротоари од двете страни со ширина од 1,5 метар додека мостот ќе биде со должина од 28 метри и ширина од 9,5 метри.

Општина Карбинци постои веќе 20 години и седиштето е во истоименото село, досега како што вели Насев не се најдени начин ни пари влезот овде да се направи не само поубав, туку и побезбеден.

–Имаме 250 домаќинства и околу 1.000 жители, а нема соодветен влез за луѓето со тешка механизација, односно нема пристап за камиони. Единствен влез е преку мостот на регионалниот пат 601 Штип-Карбинци, меѓутоа влегувањето во населеното место е отежнато и безбедноста на граѓаните е загрозена, вели Насев.

Изградбата на пристапниот влез и мостот на Козјачка Река чинат 22 милиони денари, од нив 19 милиони денари се обезбедени преку Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделието и руралниот развој, а остатокот од три милиони денари ќе го обезбеди Општината.

Видео на денот