Карантински приказни: Книжевна поддршка на македонското здравство

Пишувачкиот предизвик „Карантински приказни“, што Издавачкиот центар „Три“ го распиша кон крајот на март, деновиве го доби својот конечен облик. Книжевниот предизвик поттикна голем број љубители на пишаниот збор, но и докажани автори, да учествуваат во создавањето на една антологија од раскази настанати и инспирирани од карантинот. За успехот на предизвикот говори бројката од повеќе од 200 пристигнати „карантински“ текстови на адресата на „Три“.

– Најоригиналните приказни од пишувачкиот предизвик ги објавуваме во издание кое ќе биде не само антологија на едно необично време, туку и гласник на хуманоста. Во него се собрани расказите на докажани авторски имиња од нашата книжевна сцена, кои застанаа во поддршка на оваа иницијатива и на свој начин даваат придонес за подобрување на колективната состојба – велат од „Три“.

Збирката „Карантински приказни“ е со поднаслов „Антологија на изолацијата“ и има печатено и електронско издание. Во печатеното издание се собрани раскази на авторски имиња, како Јагода Михајловска-Георгиева, Винка Саздова, Петар Андоновски, Ѕвездан Георгиевски, Лидија Димковска, Билјана Црвенковска, Трајче Кацаров, Наташа Сарџоска, Ана Голејшка-Џикова, Виолета Танчева-Златева, Брит Лилит, Магдалена Чапаровска и други.

Книгата ќе може да се најде на сите продажни места на „Три“ по симболична цена, а целиот износ од продажбата ќе биде дониран за здравствена опрема на Клиничкиот центар во Скопје. Електронското издание од „Карантински приказни“, кое ќе содржи повеќе од 100 авторски текстови, бесплатно ќе биде достапно на апликацијата kniga.mk на „Три“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 36, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 20-21 јуни 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот