Каракачанов со полк, јас пак со јазикот

Атанас Костовски, Фото: Архива

На 4 мај (датумот што побудува емоции кај нас), во 2017 година соработникот на поранешната комунистичка служба за државна безбедност Красимир Каракачанов, претседателот на ВМРО-БНД, беше именуван за министер за одбрана. Кога на неговите некогашни колеги им пречеше мојот говор и песна, тој имаше само 7 години.

Многу време и простор во медиумите му посветивме на првиот бугарски војник Красимир Каракачанов и неговиот полк. Стевче од ГРОМ вели дека полкот ќе го пречека на Страцин, јас пак ќе го пречекам со овие редови – верувам дека ќе стигнат до него, има тој свои поддржувачи  и од оваа страна на Пирин. Денешната прва бугарска пушка во негирањето на нашиот идентитет и јазик, стана министер за одбрана на датум што за нас секогаш побудува посебни емоции – 4 мај. Поради двајца наши великани, Гоце и Тито, кои на овој ден, првиот во 1903 година, а вториот во 1980 година, ги завршија своите животи. Делчев загина на 31-годишна возраст, без да дочека Македонија да биде на Македонците, а Тито почина на 88 години, задоволен што и Македонците добија држава во Југословенската Федерација. На 4 мај 2017 година  соработникот на поранешната комунистичка служба за државна безбедност Красимир Каракачанов, претседателот на ВМРО-БНД, беше именуван за министер за одбрана во владата на премиерот Бојко Борисов.

Имаше само 7 години кога на неговите некогашни колеги им пречеше мојот говор и песна. Ова не успеав да го напишам во моето неодамнешно отворено писмо до премиерот Бојко Борисов, но еве го адресирам до „вистинскиот“ човек. Благодарение на мајчиниот јазик, македонскиот, многупати ги коментирав и спортските настани во Бугарија.

Радио Скопје во Загора

Од многуте, еден ми остана во трајно сеќавање како белег на времето на Варшавскиот и на Атлантскиот пакт, во време на Берлинскиот ѕид. Беше, помина и никогаш да не се повтори! Се случи во декември 1972 година, година во која ТВ Скопје 70 отсто од спортската програма на ЈРТ ја покриваше со коментари на македонски јазик. Во Стара Загора допатував со екипата на ОФК Београд на закажаниот натпревар со ФК Берое во купот на УЕФА. Водач на белградската фудбалска експедиција беше познатиот  новинар, писател и хуморист Влада Булатовиќ-Виб. Неговата мајка била српска учителка во Сопот близу Ресен. Беше долгогодишен уредник во „Политика“ и главен и одговорен уредник на „Политикин забавник“ и еден од најценетите југословенски хумористи („Во шумата вила, во вилата мерцедес, во мерцедесот човек, во човекот срце, во срцето љубов кон работничката класа!“).

По ручекот заедно со тренерот Душан Маровиќ и колегата од ТВ Белград, Драган Никитовиќ, останавме да го допиеме виното. Со песна, се разбира. Кога стигнавме до „Битола мој роден град“, ни се придружи и келнерот. Нему му заврши смената и ме замоли да скокнеме до неговиот дом на парче сирење и вкусна ракија. На Никита, како на повозрасен, му кажав каде ќе одам. Мојот нов пријател ме однесе право во кујната. Во долгата просторија, таму во дното, на прозорецот имаше радио. Домаќинот го вклучи, беше точно 19 часот и слушнав: Зборува Радио Скопје! Ете, затоа сакав да ми дојдете на гости, вели домаќинот, радиото секогаш ми е вклучено на брановите на Радио Скопје! Ми рече дека утре ќе го гледа натпреварот – дебелиот песнопоец (мислеше на Виб) му дал две карти. Долго зборувавме за тоа од каде и како неговите стигнале во Стара Загора, за Пирин и Охрид, за убавините на Балканот… Еден момент посака да оди во тоалет. Отиде и не се врати! Го немаше ни на натпреварот на кој ОФК Београд победи со 3:1 и се пласира во осминафиналето на Купот на УЕФА (играа репрезентативците Борота, Степановиќ, Сантрач и Петковиќ). Мојот нов пријател го немаше ни на ручекот по натпреварот, не успеа да го слушне ниту извештајот на Виб со наслов „Дан кад је Зец постао лав!“. Нинослав Зец, попознат како зет на големиот фудбалски мајстор Стјепан Бобек, постигна два гола, а третиот беше на голгетерот Слободан Сантрач. Натпреварот го коментирав качен на покривот на централната трибина, но телефонските врски работеа само на релација Стара Загора-Софија. Зборував, коментирав, навивав за екипата од тогашната моја држава, но мојот глас не стигна до студиото во Скопје. Којзнае, тогаш, во тоа време, веројатно така морало да биде.

Да, јазикот беше единствениот мој белег, разлика, на многубројните спортски борилишта од кои коментирав. Коментарот стигнуваше и надвор од границите на нашата земја, до таму до каде што зрачеше првиот канал на  МТВ. Еден пренос доби своевиден коментар кај нашите јужни соседи, како што со години милуваа  некои новинари да ја нарекуваат Грција. На 4 март 1992 година, белградска Црвена звезда играше во Атина со Панатинаикос во Купот на европските шампиони. Натпреварот беше привлечен, особено кај нас, поради фактот што  европската „златна копачка“ Дарко Панчев при аеродромските формалности во Атина го напишаа она што е – Македонец! Црвена звезда победи со 2:0, а Панчев им се реваншира за сите малтретирања – ги постигна веројатно најубавите голови во својата богата кариера.

Следниот ден по реакциите на натпреварот, мојот помлад колега Миленко Неделковски во ТВ-дневникот ја пренесе информацијата од дописникот на Танјуг од Атина. Тој јави дека официјалните лица ја оцениле како погрешна одлуката што не бил дозволен директен пренос од натпреварот, па во северниот дел на Грција ја гледале програмата на ТВ Скопје и „морале да го слушаат изживувањето на скопскиот коментатор по головите на Дарко Панчев“.

Првите снегулки

На нив и на оние од Пирин се присетив во декември 1983 година во ТВ Сараево, при снимањето на специјалната емисија во пресрет на ЗОИ 1984 година, заедно со колегата Влада Стојаковиќ од ТВ Белград. Кога водителот рече дека кога сум полетал од Скопје веројатно се појавиле и првите „пахуљици“. Да, реков, тоа беа првите снегулки, како најава за зимата. Водителот го прекина снимањето, а на уредникот му образложив дека емисијата се емитува на првиот канал на ЈРТ, сликата се гледа и кај нашите соседи, а јас сум овде затоа што зборувам друг јазик од тој на колегата Стојаковиќ. Ми рече – зборувај македонски, но те молам полека за да те разберат натпреварувачите кога ќе ги поставуваш прашањата во олимпискиот квиз. Колку мајчиниот јазик ќе го слушнеш подалеку од своето огниште, толку повеќе ти е потопло околу душата. Пред две години на скопското Зелено пазарче веројатно ја добив  мојата најдрагоцена коментаторска награда. Купив две кила јаболка и кога требаше да платам, продавачот, мој врсник, ми рече – јас честам, за оние снегулки! Е, колку убаво се чувствував во тој момент, тогаш работев во Словенија.

Во ТВ Скопје, во МТВ, секогаш му обрнувале внимание на пишуваниот и на  говорниот македонски јазик. Не можеше да се влезе во студијата ако претходно го немаше автограмот на лекторите Зиглин, Крле, Томче, Славица… Благодарение на првите луѓе на нашата национална радиотелевизија тргнувајќи (во мое време) од Драги Тозија, Матеја Матевски, Димитар Солев, Благоја Иванов, Љупчо Јакимовски, Иван Андреевски, па до Тихомир Илиевски, Васил Мицковски, Сашо Орданоски и Слободан Трајковски, секогаш имаше максимално разбирање за потребите од покривање на богатата спортска програма со македонски коментар. Почнувајќи од 1972 година, кога најголемата планетарна спортска манифестација Олимписките игри беа коментирани од лице место на македонски јазик. Традицијата на нашето присуство ја прекина актуелното раководство на МТВ – од борилиштата во Рио де Жанеиро во 2016 година не можеше да се слушне македонскиот јазик! Со или без ковид-19, традицијата мора да продолжи во Токио. Веројатно веќе сите сфативме дека посилно оружје од јазикот немаме. Полкот на Каракачанов може да си остане дома.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот