Каракачанов без ЕУ-вето е беззаб волк

ивица челиковиќ
Ивица Челиковиќ. / Архива на Слободен печат

Но бугарскиот вицепремиер, кој тврди дека нема никаква разлика во ставовите кон Македонија меѓу него, премиерот Борисов и министерката Захариева, не го блокира само македонскиот европски пат, туку и европските перспективи на целиот регион на Западен Балкан, доведувајќи го под знак прашање натамошниот процес на проширување на ЕУ.

Красимир Каракачанов се труди максимално неговите пораки за решавање на наметнатиот бугарско-македонски спор да не звучат само како тропање од празна канта. Тој, се разбира, е мошне свесен дека уцените за блокада на преговорите со ЕУ, што ги испраќа до Скопје, и притисокот за непопустливост во однос на „признавањето“  на бугарските корени на македонскиот идентитет, историја и јазик, што го манифестира во име на бугарската Влада, добиваат толкаво големо значење токму поради заканувачкото мавтање со ЕУ-вето.

Грубо и недоделкано звучи неговата забелешка дека нема кој да ја притисне Бугарија за да потклекне, бидејќи Бугарија е веќе земја членка и „не аплицира за членство, туку Македонија е таа која аплицира за членство во ЕУ“. Само што со таков пристап кон развојот на евроинтеграциите, мировниот пројект за создавање заеднички европски дом одамна би бил задушен и блокиран поради оживување на сеништата од бројните контроверзни историски спорови што оставиле длабоки траги насекаде во Европа.

Каракачанов, со своите цинични коментари во однос на бугарските темели врз кои е поставена посебноста на македонскиот национален идентитет, добро знае дека слободно може да продолжи да се однесува како тврдокорен екстремен националист, торпедирајќи ги сите обиди за постигнување компромис, бидејќи, иако бугарската страна нема поддршка од другите земји членки за своите ставови, нејзиното право на вето, како моќно оружје, е безусловно. Досегашните искуства на кои се повикуваат дипломатите во Брисел, покажуваат дека ниедна земја членка, ниту пак европска институција, не може да се меша во билатерални прашања.

Но бугарскиот вицепремиер, кој тврди дека нема никаква разлика во ставовите кон Македонија меѓу него, премиерот Борисов и министерката Захариева, не го блокира само македонскиот европски пат, туку и европските перспективи на целиот регион на Западен Балкан, доведувајќи го под знак прашање натамошниот процес на проширување на ЕУ. А тоа е веќе нешто што не може да наиде на симпатии во Берлин, па дури ни во Париз, без оглед што во Франција во последните години спласна ентузијазмот околу натамаошното проширување на Унијата. (Зло)употребите на правото на вето, со кои се блокираат процеси на соработка и продлабочувањето на интеграциите во Европа, веќе од поодамна предизвикуваат главоболки и се голтаат како кнедли со горчлив вкус во европските метрополи.

Бугарија не е првата членка што од задниот џеб извлекува црвен картон, односно вето. Грција, со своите ирационални барања за корекција на државното име и историја, го правеше истото, блокирајќи ги речиси три децении македонските аспирации за ЕУ-членство. Затоа сега многумина предупредуваат дека Балканот може целосно да потоне во морето неразумни барања и блокади што земјите членки би ги поставувале пред земјите-кандидатки, за поинакво толкување, ревизија и корегирање на чувствителни исторски настани, или прашања поврзани со статусот и правата на малцинствата. Познат е, на пример обидот на Хрватска, која пред неколку години вршеше притисок врз Србија со ЕУ-вето, одбивајќи да даде согласност за почеток на преговорите на Србија за важното поглавје 23, што се однесува на владеење на правото и човековите права. Едно од хрватските барања беше малото хрватско малцинство во Србија најпрвин да добие гарантирани пратенички мандати во Српското собрание.

Повеќе европски партии изразуваат подготвеност да го прифатат минатогодишниот предлог на Европската комисија за ограничување на правото на вето на земјите членки во делови на надворешната политика, каде што секако се вбројува и процесот на ЕУ-проширувањето, без оглед колку тоа да се смета за жешко политичко прашање. Целта е ЕУ да стане глобален актер. Фрустрациите се големи по неусогласеноста и отсуството на „посилен ЕУ-глас“ во однос на војната во Украина и анектирањето на Крим, или, на пример, по најновиот случај на ставање вето од страна на Кипар во однос на санкциите против Белорусија. Затоа се заговара донесување одлуки со „квалификувано мнозинство“ во Советот на ЕУ, што би намалило значењето на нужниот консензус и на заканите со вето. Истото би се однесувало и на воведување санкции против земјите членки кои не ги почитуваат принципите на правната држава.

Правото на вето сè повеќе станува деструктивно. За среќа во Европа и понатаму се чувствуваат позитивни импулси што ги стимулираат заложбите за натамошно проширување. Новозибраниот претседател на еден од најважните шведски парламентарни одбори, ЕУ совет, Пири Ниеми, во едно интервју неодамна јасно предочи дека како едно од најважните прашања го гледа токму проширувањето, пред сè со прием на Србија и Северна Македонија во членството. ЕУ, смета Ниеми, е уникатна форма на соработка која може да испорача одржливи компромиси кога е тоа навистина потребно.

Што се однесува до Каракачанов, кога од рацете би му бил истргнат адутот за заплашување, – ЕУ-ветото, – тогаш низ бриселските ходници би можел да се движи само како беззаб волк, чија челуст повеќе предизвикува сожалување, отколку страв, поради лесно читливата намера, дека бугарската политика кон Македонија може да се замаскира префрлувајќи преку себе поексклузивно европско крзно, но не менувајќи го никогаш својот негаторски табиет.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот