Караџовски: Некои наши лекари се заразуваат со ковид зашто прават пауза за цигара со истата опрема со која лекуваат пациенти

Епидемиологот доктор Жарко Караџовски запрашан зошто медицинскиот персонал во Македонија се заразува со ковид-19 рече дека тоа е поради несоодветно облекување и соблекување на заштитната опрема, но не ја исклучи можноста дека можеби се заразиле и надвор од работните места.

Тој ја пофали Инфективната клиника дека ги почитува протоколите, но како што додаде, од лично искуство бидејќи патувал во целата држава изминатиот месец, се уверил дека дел од медицинарите не знаат како правилно да ја облечат и соблечат заштитната опрема.

– Правилно користење на заштитна опрема означува правилно облекување и уште поправилно вадење или соблекување на заштитната опрема. Во светските рамки меѓу 5 и 10 проценти од медицинскиот кадар е заболен. На што се должи тоа, пред се на несоодветно облекување и соблекување и несоодветно почитување на протоколи кои кажуваат кога се става опремата и манипулацијата со таа опрема. Бидејќи низ целата држава патувам последниот месец, лично се уверив дека на некои места има непочитување на протоколите за правилно користење на опремата зашто лицата што ја користат таа опрема прават пауза за цигара па користат истата заштитна опрема. Или, несоодветно ја вадат заштитната опрема, зашто се знае по кој редослед се вади и става. За таа цел направивме едукација од страна на Клиника за инфектологија, но и онлајн сите може да се запознаат како да тоа се спроведува. И второ, дружбата на одреден медицинси персонал за време кога не работат со пациенти, дружење во иста соба пиење кафе или џафка муабет од една страна, а од друга страна во некои општини можеби се заразени и дома. Разговор со комшии, пријатели, одење во продавници – рече доктор Караџовски.

Доктор Караџовски упати апел граѓаните да сметаат дека коронавирусот е насекаде во сите градови за подобро да се заштитат.

Во врска со случајот на починатата жена од Велес, кај која во дишникот била пронајдена РНК на коронавирусот, министерот за здравство Венко Филипче рече дека неделава ќе биде готов извештајот од Институтот за судска медицина и ќе се знае точно кога починала.

– Резултатите ги објавуваме за да се избегне сензационализам. Кога ќе се објават резултатите такви какви што се и со образложение зошто се направени јавноста е навремено и точно информирана. Како информација чекаме кога починале мајката и синот и тоа се информации кои се работат на Институтот за судска медицина. Директорот на судска медицина ме информираше дека неделава ќе биде изработен извештајот – објасни министерот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот