Кандидатот за нов шеф на бугарската дипломатија лажел дека работел во Европскиот парламент

Димитар Гардев / фото: Национално собрание на Бугарија

Кандидатот на партијата на Слави Трифонов, „Има таков народ“, за нов министер за надворешни работи – Димитар Гардев, изгледа во својата официјална биографија излажал за неговото вработување во Европскиот парламент, пишува порталот Еурактив.

Ова, според Еуроактив, може да ги наруши коалициските преговори за формирање нова влада, но тешко е да се каже дали тоа ќе го спречи Гардев да стане шеф на дипломатијата. Конечната одлука треба да ја донесе Слави Трифонов, лидерот на партијата Има таков народ, но тој се уште не се огласил.

Новата влада на Бугарија, по изборите на 14 ноември, ќе ја формираат партиите Промените продолжуваат, Бугарската социјалистичка партија, Има таков народ и Демократска Бугарија.

Во понеделник беа објавени имињата на кандидатите за министри, а кандидат за премиер е лидерот на партијата Промените продолжуваат Кирил Петков.

Гардев во својата биографија напишал дека бил советник на Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) и на Поткомитетот на ЕУ за безбедност и одбрана (СЕДЕ).

Тоа е највисоката функција на Гардев, а таа информација ја пренесоа повеќето бугарски медиуми.

Еурактив стапил во контакт со надлежните служби на Европскиот парламент, кои одговориле дека „администрацијата на ЕП нема евиденција дека Димитар Гардев бил член на персоналот во неговиот секретаријат“.

Гардев всушност работел како помошник на бугарската европратеничка Елена Јончева, во нејзината канцеларија во Софија. Тој за Еурактив изјави дека навистина бил помошник на Јончева и оти во тоа својство покривал прашања од надлежност на комитетите на АФЕТ и СЕДЕ, чиј член била европратеничката.

Европскиот парламент ја оценувал неговата работа, рече Гардев и додаде дека добил добра оценка.

Јончева за Еурактив потврди дека Гардев ѝ бил помошник во канцеларијата во Софија од 2019 до 2020 година, но рече дека не е точно неговото тврдење дека бил советник во два одбора.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот