Канадски бизнисмен осуден на 11 години затвор за шпионажа во Кина

Фото: EPA-EFE/ROMAN PILIPEY

Кинескиот суд го осуди канадскиот бизнисмен Мајкл Спавор на 11 години затвор за шпионажа, јави „Вашингтон пост”.

Спавор денеска од судот во во североисточниот кинески град Дандонг беше прогласен за виновен и осуден за шпионажа и оддавање државни тајни.

Судењето се одржа во март, но одлуката се објави денеска, бидејќи рочиштето за екстрадиција на финансиската директорка и ќерка на сопственикот на „Хуавеј”, Менг Вангжу, од Канада во САД влегува во исклучително важна фаза. Менг Вангжу пред три години беше уапсена во Канада по американска потерница. Според Пекинг, канадското апсење не е поврзано со нивниот случај. Вангжу ги отфрла обвиненијата на САД против неа и се бори против екстрадиција од домашен притвор во Ванкувер.

Спавор ќе може да ја обжали одлуката до повисокиот Апелациски суд во Кина, а може да поминат години пред конечната одлука.

Канаѓанецот беше приведен во Пекинг кон крајот на 2018 година под обвинение за шпионажа. Ова е уште еден чекор во проблематичната врска меѓу Вашингтон и Пекинг. Уште еден Канаѓанец, Мајкл Ковриг, претходно беше уапсен во Кина.

На канадските и други дипломати не им беше дозволено да присуствуваат на судењето поради кинеските барања за заштита на национална безбедност.

Канадскиот премиер Џастин Трудо во март ја критикуваше Кина за блокирање на пристапот до судскиот процес против Мајкл Спавор.

– Осудата и казната на Кина за Мајкл Спавор е апсолутно неприфатлива и неправедна, изјави денеска Трудо, пренесе ДПА.

„Пресудата за господинот Спавор доаѓа по повеќе од 2,5 години произволен притвор, недостаток на транспарентност во правниот процес и судење што не ги задоволи ниту минималните стандарди што се бараат од меѓународното право.

„За господинот Спавор, како и за Мајкл Ковриг, кој, исто така, е произволно притворен, наш врвен приоритет останува да обезбедиме нивно итно ослободување. Ќе продолжиме да работиме деноноќно за да ги вратиме дома што е можно поскоро“, додаде Трудо.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот