Кампањата по селата ќе биде предигра на протестите во Скопје, ДУИ спрема жешка политичка есен
Ахмети веќе ги дал директивата и инструкциите за мобилизација, што значи дека премиерот Мицкоски не го премислил со предупредувањата за можна дестабилизација на државата, вперувајќи го притоа прстот во „интегративците“.
Лидерот на ДУИ Али Ахмети и неговите сопартијци по 15 септември почнуваат кампања за легитимитетот, која кон крајот на октомври треба да резултира со масовни протести пред Собранието и пред Владата, брифира за „Слободен печат“ висок партиски функционер.
Ахмети веќе ги дал директивата и инструкциите за мобилизација што, пак, најавува дека ни претстои жешка политичка есен. Ова значи и дека Христијан Мицкоски не го премислил Ахмети за најавата за протести, иако веќе еден месец премиерот предупредува на можна дестабилизација на државата, а за тоа прстот го впери во ДУИ.
Врвот на ДУИ и партиските функционери ќе посетат градови и села и сите ограноци за да го запознаат членството и граѓаните дека коалицијата Вреди со влез во Владата го згазила легитимитетот на Албанците. Според нашиот извор, на средбите со граѓаните, теми ќе бидат Рамковниот договор, но и анализите што американскиот правник Пол Вилијамс ги подготвил како решенија за почитување на изборниот легитимитет, односно „мајскиот договор“ што предвидуваше победниците во македонскиот и албанскиот блок да прават влада.
Втора анализа на Пол Вилијамс за легитимитетот
Функционерот брифира и дека пред една недела Вилијамс им пратил и втора анализа за легитимитетот, откако пред еден месец американскиот професор по право и, според ДУИ, еден од творците на Рамковниот договор, на барање на Ахмети ја пратил првата платформа за легитимитетот.
– Ќе посетиме 40 ограноци на партијата и на собирите ќе им објасниме на граѓаните дека Вреди го погази легитимитетот на Албанците зашто, иако не победи на изборите, прифати да биде дел од Владата на Христијан Мицкоски. Со тоа, наместо гласачите Албанци, победникот во македонскиот политички блок, во случајов ВМРО-ДПМНЕ, го избра владиниот партнер. Ќе разговараме за понижувањето на Албанците од Владата со моноетнички легитимитет. Станува збор за кампања налик на предизборните. Ахмети ќе говори и за суштината на Рамковниот договор, односно дека не се почитува тој документ, но и за анализите за легитимитетот на Пол Вилијамс како излезни решенија од ситуацијата – вели функционерот.
Сценариото е преку собирите да ги мотивираат и да ги анимираат граѓаните за тие потоа што помасовно да излезат на протести.
„Слободен печат“ веќе објави дека ДУИ, заедно со Европскиот фронт, нема да се помират како победници на изборите да останат во опозиција и дека дел од сценариото за почитување на легитимитетот се и протести.
Ахмети, пак, пред два месеца на состанок со сите партиски структури ги најави собирите во секое маало и огранок, како и протести пред институциите за да го изразат своето незадоволство за, како што рече, кражбата на легитимитетот. Тогаш ДУИ донесе три резолуции, и тоа: за легитимитетот, за Охридскиот, Преспанскиот, Договорот за добрососедство и за измени на Уставот, како и за дејствувањето на партијата.
Од ДУИ не ја откриваат содржината на платформите за легитимитет, секоја од по 50 страници, што ги подготви Вилијамс, но јасна е интенцијата на ДУИ за озаконување на принципот „победник со победник“.
ДУИ чека наредба од Ахмети за протести пред Собрание и пред Влада
Тогаш Ахмети му забележа на ВМРО-ДПМНЕ дека „или не го прочитала или Рамковниот договор го чита по свое“ и дека затоа „авторот на договорот треба да подготви платформа за легитимитетот“. Ахмети тогаш посочил дека средбата на сите структури на ДУИ ја свикал во вонредна ситуација за случувањата во државата и за чекорите што треба да се преземат.
– Повторно ја нагласуваме потребата од проактивен пристап на главните меѓународни сили што го гарантираа мирот со поддршката на Охридскиот договор и нагласуваме дека еден од главните постулати што произлегуваат од договорот е токму заштитата од мајоризација што се поткопува преку дозволување и овозможување учество во Владата на коалицијата што не победила и која не ја одразува политичката волја на Албанците во Република Северна Македонија и како таква ја претвора Владата во влада без етнички легитимитет – рече тогаш Ахмети.
Дека ни претстои жешка политичка есен се навестува и по реакциите на партиите од албанскиот политички кампус, откако претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски информира дека на 18 септември Судот ќе расправа за уставноста на алатката „балансер“, а во октомври – за уставноста на Законот за јазиците. Од ДУИ не ги врзуваат нивните активности и протести со тие прашања за кои велат дека се „нов момент“, но не откриваат дали во зависност од одлуките на Уставниот суд, и тие може да бидат мамец за незадоволство кое евентуално би се одразило на улиците.
Не верувам дека одлуките на Уставен би предизвикале дестабилизација
Премиерот не верува дека одлуките на Уставниот суд би предизвикале дестабилизација на земјата.
– Јас сум човек што законите и Уставот ги почитува и не очекувам кој било што добива плата и ужива привилегии на грбот на граѓаните, да не ги почитува македонските закони и Уставот. Можеби и мене ми претставува проблем нешто што е направено во изминатиов период со Уставот, и колку да не се согласувам интимно и сум против тоа, како што е користење на придавката „северна“ пред нашето уставно име, јас, додека ја вршам оваа функција, ќе стојам пред тој знак, зашто не сакам на тој начин да ги повредам македонскиот Устав и законите. И тоа е тоа, некогаш реалноста може да не ви се допаѓа, но вие мора да ја прифатите таа реалност ако навистина се борите за владеење на правото. Некогаш во животот работите се како што посакувате, некогаш не се такви. Не е ова шведска маса, па ние да си земеме тоа што ни одговара, а тоа што не ни одговара да го оставиме на масата. Тоа е правило на игра, а правилото вели – владеење на право, почитување на законите и на Уставот. И тука не треба никој да има дилема. Замолувам да не се прави притисок врз судовите, колку и тие да се партизирани, што е друга тема – рече премиерот прашан за изјавата на владиниот партнер од Вреди Изет Меџити да не се чепка албанскиот јазик.
Премиерот не одговори дали би свикал лидерска средба или, пак, да се свика Советот за безбедност за да нема притисок врз Уставниот суд и да не дојде до дестабилизација.
– Министерот за внатрешни работи рече дека нема индиции за загрозување на безбедноста и јас повторувам дека ситуацијата во моментов е стабилна, но и дека има одредени структури во општеството што имаат намера за да го заштитат својот криминално стекнати капитал, да предизвикаат инциденти и да предизвикаат одредена дестабилизација. Но. ако тоа се случи, ние имаме намера многу објективно и многу резолутно да реагираме во заштита на безбедносната состојба во нашата татковина – рече Мицкоски.
Меџити: Нема да дозволиме никој да си игра со албанскиот јазик
Меџити за Законот за јазиците ја обвини владата на СДСМ и ДУИ – дека тие го испратиле законот до Венецијанската комисија која, пак, нотира забелешки, но и Уставниот суд – дека пет години го држел во фиока. Меџити порача дека нема да дозволат никој да си игра со албанскиот јазик.
– Правиме напори без да се мешаме во работата на Уставниот суд, да го процени политичкиот момент, покрај правниот, бидејќи неодговорното однесување во несоодветен момент може да создаде дестабилизација и да придонесе за процеси што не се во интерес на граѓаните – рече Меџити.
Од ДУИ велат дека се шокирани од бруталните и секојдневни лаги на Меџити за официјалниот албански јазик и обидот на Уставниот суд да го укине.
– Изет побара отчет од ДУИ зошто сме го прифатиле Законот за јазиците таков каков што е?! Изет го знае одговорот, бидејќи тој самиот ја предводеше преговарачката група од ДУИ со СДСМ и го презентираше Законот пред Претседателството на партијата, дури и во значително послаба форма од законот што беше одобрен во 2019 година. Истиот закон, Таравари тврди дека тој го изнел во многу јавни изјави, иако не отвори уста во Владата кога се изгласа Законот – велат од ДУИ.
Претходно од партијата на Ахмети порачаа никој да не чепка во албанскиот јазик и дека игрите со албанскиот јазик и со балансерот се намерни сценарија на власта за провокација.
Европски фронт: Игрите со албанскиот јазик и балансерот се намерни сценарија за провокација