Камионите за ѓубре зад себе оставаат смрдлива трага, решение нема

Фото: Елена Вељановска

Од ЈП „Комунална хигиена“ тврдат дека единствениот начин да се спречат овие појави е граѓаните соодветното да го пакуваат биоразградливиот отпад пред да го фрлат во контејнерите и кантите.

Расфрлани остатоци од органски отпад околу контејнерите, камиони на ЈП „Комунална хигиена“ од кои се цедат течности по улиците од скапаните овошки и зеленчуци што граѓаните претходно ги исфрлиле, смрдеа од расипано месо, скиснато млеко. Ова е сликата со која со години наназад се соочуваат скопјани во текот на летниот период. Граѓаните многу често реагираат дека кога се собира ѓубрето, независно од тоа дали станува збор за чистење на индивидуалните канти за смет или, пак, за контејнерите, од камионите на јавното претпријатие задолжено за одржувањето на хигиената во градот постојано истекува отпад, кој покрај тоа што неподносливо лошо смрди на овие високи температури, остава траги по улиците и булеварите, но најмногу околу садовите за отпад бидејќи при собирањето на ѓубрето, камионите најмногу се задржуваат на тие места.

За жал, ваквата слика воопшто не е нова, напротив, се повторува секоја година, а граѓаните и надлежните само си ја префрлаат топката околу тоа кој е виновен, а кој не, за ваквата состојба на терен. Состојбата е идентична во сите скопски општини, а граѓаните бараат од надлежните доколку не можат да ѝ стават крај на ваквата појава, барем да вршат редовно миење и дезинфицирање на садовите за отпад, но и на улиците, булеварите, но и на паркиралиштата каде што има постaвeно контејнери и на местата по кои поминуваат камионите на ЈП „Комунална хигиена“ од кои се цеди отпад што шири неподнослива смрдеа.

– При секое празнење на контејнерите на „Комунална“, околу нив се создаваат вирчиња течност што смрди. При тргнувањето на камионот, истите исцедоци продолжуваат да течат по улиците зад себе оставајќи неподнослива смрдеа на скапано. Смрди одвратно. Потоа никој не се грижи да дојде да измие. Течноста од ѓубрето се впива во асфалтот, а веќе при следното собирање на ѓубрето, повторно сѐ се повторува. Самите си правиме жаришта на зараза. Огромните флеки околу контејнерите покажуваат колку сме свесни како народ кога станува збор за отпадот – коментира жителка на Ѓорче Петров.

Од ЈП „Комунална хигиена“ велат дека главната причина за ваквата појава што трае со години е несоодветниот начин на складирање отпад од страна на населението.

– ЈП „Комунална хигиена“ секоја година во летниот период се соочува со проблемот на несоодветно одлагање биоразградлив отпад (остатоци од храна, најчесто во течна форма) во контејнерите и кантите за отпад што придонесува од специјалните комунални возила наменети за транспорт на отпадот да истекува исцедок, за што честопати имаме и поплаки од граѓаните. Од истите причини доаѓа и до ширење непријатна миризба на микролокациите на садовите за одлагање на отпадот – велат од ова јавно претпријатие.

Оттаму тврдат и дека единствениот начин да се спречат овие појави е соодветното пакување на биоразградливиот отпад пред неговото одлагање во садовите.

– Апелираме до граѓаните овој тип отпад да го пакуваат во добро затворени или двојни ќеси, со цел да не дојде до негово протекување во садовите или во специјалните комунални возила – апелираат од ЈП „Комунална хигиена“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот