Камионите место по автопат возат низ Петровец: За 100 денари патарина загрозуваат туѓи животи

Фото: илустрација

Големата фреквенција на возила, но и на огромни камиони, е стара болка на жителите на скопското село Петровец. Причина за таквиот сообраќаен метеж низ тесните улици е избегнување на патарината. Ова особено се актуализира откако се поправи и се преасфалтира стариот катлановски пат што оди накај Велес.

Жителите честопати протестираа за ваквата состојба. Минатата година ситуацијата ескалираше кога камион усмрти жена. По овој настан, жителите ја блокираа улицата, а меѓу нив застана и градоначалникот на Општина Петровец, Борче Митревски, кој побара транзитниот сообраќај да не се одвива низ нивното населено место, туку да се вози по автопат. Жителите од оваа населба собраа и 500 потписи за да го искажат својот револт и да побараат решение на проблемот.

Но, оттогаш ништо не е сменето. Во Петровец врие од сообраќај, како да е во центар на некоја голема метропола, а огромните камиони се редовна слика.

Побаравме одговор во Министерството за внатрешни работи во однос на законската регулатива, казните и инспекцискиот надзор за камионите што возат низ Петровец.

– На регионалниот пат Р1102 (Скопје – Петровец – Велес) има поставена сообраќајна сигнализација со која се ограничува движењето на товарниот сообраќај, за што учесниците во сообраќајот се должни да се придржуваат кон ограничувањата, забраните и обврските изразени со поставените сообраќајни знаци. Министерството во континуитет презема мерки против учесниците што постапуваат спротивно на законските прописи – велат од МВР.

Оттаму информираат дека 45 евра е глобата за оние што не се  придржуваат кон ограничувањата, забраните и обврските изразени со поставените сообраќајни знаци, во согласност со одредбите на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Според упатените, оваа глоба е ниска и затоа фирмите се дрзнуваат да ги упатуваат камионите преку Петровец место преку патарината. Во зависност од големината на камионот, патарината на Петровец е 100, односно 150 денари.

Патарината, пак, за автомобили изнесува 40 денари. Но, што се однесува до сообраќајот со автомобили, проблематична е поставеноста на патарината кај Петровец, затоа што сигурно некој што живее во Катланово или во другите околни села, нема за секое одење во центарот на Скопје да плаќа патарина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот