Камчев: Боки13 е монструм кој злоупотребуваше политичари, Јанева е гладна хиена за пари

Фото:Слободен печат/Арбнора Мемети

Со сведочење на Ана Камчева, сопругата на Јордан Камчев, на 10 декември треба да продолжи рочиштето за предметот „Рекет” во кој се обвинети поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева и Бојан Јовановски-Боки 13. На денешното судење сведокот Орце Камчев се појави сам без сопругата, која била болна.

Денеска сведочеше Јордан Камчев кој рече дека во повеќе наврати обвинетиот Боки 13 пробал да го уценува со, според него, наместен предмет „Империја” покренат од Специјалното јавно обвинителство, кој имал цел на нелегален начин да се стекне со поголема сума пари.

Боки преку разни проекти се обидувал да изнуди пари, но на тоа Камчев реагирал со тоа што го известил премиерот Зоран Заев кој му посочил дека треба да го пријави случајот во Обвинителството кај Вилма Русковска. Камчев во консултација со пријатели од Бугарија го навел Боки 13 во домот на сведокот да му даде еден милион евра спакувани во чанта Луј Витон и сето тоа да го сними на камери. Тоа го сторил и ги предал снимките во обвинителството.

Од Јовановски, сведокот добил понуда за пи-ар реклама, Камчев му понудил 50.000 евра на што Боки 13 се навредил за висината на сумата. Во својот исказ Камчев рече дека потоа Боки 13, заедно со третообвинетиот во „Рекет”, Зоран Милевски-Кичеец, кој ја призна вината и беше осуден на три години затвор, му понудил бизнис за отворање фешн молови, а по одбивањето на тој проект, добил друга понуда за изградба на старечки домови за што првообвинетиот му побарал четири милиони евра.

-Во меѓувреме платив 180.000 евра за реклама на неговата телевизија. Потоа ми пушти слика со обвинителката Јанева, по што ми кажа дека се спрема нешто големо против мене- изјави Камчев и додаде дека „Рекет” е конструиран од Боки 13 и уште неколку луѓе.

Сведокот рече дека и обвинителката Лиле Стефанова преку нејзиниот пријател Ванчо Чифлиганец барал средства за ќерката на Лиле за ординација во зградата на „Адора”. Камчев потоа бил приведен и понудил гаранција за домашен притвор, а во првите денови во фирмите имал и инспекции во сите компании. Ова, рече тој, беше смислен притисок од Боки 13, преку Стефанова и Јанева.

-Го информирав Премиерот за сè што ми се случува. Тој беше запрепастен. Немаше зборови. Ми рече се што имам и знам да однесам кај Вилма Рускоска. Така и направив. Боки 13 на интерфон ги злоупотребуваше и политичарите. Го слушав како го малтретираше господинот Кабранов на телефон, му се јавуваше со мутиран глас, па после глумеше дека го спасил- рече Камчев.

Додека бил во домашен притвор Камчев четири пати бил на разговор во СЈО и на едно од тие испрашувања Катица му рекла: „тоа што го договараш со Боки да го завршиш”.

Запрашан дали Камчев се сеќава на првата средба со Јовановски, тој рече дека „не му е девојка, па да се сеќава“.

– Не се сеќавам на првата средба. Да ми е девојка ќе се сеќавам – рече Камчев.

По ваквиот одговор, следуваше дофрлање од страна на Јовановски, по што судијката јавно го опомена дека ако уште еднаш дофрли или прозбори ќе го казни.

– Мојата гаранција од 14 милиони евра беше отфрлена од Лиле и Катица за да глодаат како хиени – рече Камчев.

Во текот на денешното рочиште за „Рекет“, имаше вкрстено испрашување, при кое Боки 13 му постави прашање на Орце Камчев.

Боки, во таа прилика, го праша Орце дали се сеќава на средба во март месец, која се одржала во домот на Јовановски во Скопје.
По ова, Камчев му одговори дека и министерот за здравство, Венко Филипче, тогаш бил во неговиот дом, кога  наводно Боки 13 му предложил бизнис идеи.

– Министерот за здравство Венко Филипче беше во твојот дом кога ми предложи бизнис идеи, кои јас ги одбив – изјави Камчев.

На првото рочиште за „Рекет”, што се одржа на 3-ти овој месец, третообвинетиот Зоран Милевски-Кичеец беше осуден на три години затвор откако призна вина за случајот и предметот за него беше одвоен од оној против Јовановски и Јанева.

Милески има право на жалба до Апелацискиот суд само во делот на висината на казната. Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во октомври годинава поднесе обвинение против Јовановски, Јанева и Милевски.

Првообвинетиот Јовановски се сомничи дека сторил кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело”, а Јанева и Милевски за „примање награда за противзаконито влијание”.

Второобвинетата Јанева се товари и дека сторила и кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување”.

Во рамките на случајот „Рекет”, Обвинителството отвори нова истрага, која се однесува на Меѓународниот сојуз на Бојан Јовановски-Боки 13. Истрагата за „Рекет” е проширена, односно е донесена наредба за спроведување истражна постапка против пет физички лица и едно правно лице, поради постоење основано сомнение дека првоосомничениот сторил продолжено кривично дело „измама” и кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело”.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот