Калифорниската сорта е позаразна и поотпорна на вакцини

Научници во Калифорнија изолираа локална сорта на коронавирусот, за која се убедени дека е позаразна од претходните, а не се исклучува ни можноста дека е поотпорна на актуелните вакцини.

Варијантите Б.1.427 и Б.1.429 првпат се појавиле во Калифорнија пред речиси една година, но останале речиси незабележани се до оваа зима, кога почнале се шират со забрзано темпо. Со анализа на 2.172 примероци собрани од септември до јануари било утврдено дека оваа сорта речиси ја немало пред пет месеци, а сега е доминантна во Калифорнија, со темпо на удвојување на случаите на секои 18 дена.

Весникот „Њујорк тајмс“ пишува дека заразените лица од оваа варијанта имале во носот и во грлото двојно поголема концентрација на вируси отколку оние заразени со другите видови на коронавирусот. Експерти за весникот „Лос Анџелес тајмс“ го толкуваат овој податок како способност на вирусот побрзо да се размножува, со што станува и позаразен. Затоа и калифорниската сорта сега е издвоена во категоријата „загрижувачка“, заедно со британската, јужноафриканската и бразилската.

– Ѓаволот веќе е тука. Би сакал да е поинаку, но наука си е наука – коментира авторот на новата студија, вирологот Чарлс Чиу од Универзитетот Калифорнија во Сан Франциско.

Понатамошни истражувања во лабораторија покажале дека антителата создадени кај вакцинирани лица биле помалку способни да ја неутрализираат калифорниската сорта на коронавирусот во споредба со другите варијанти. Од друга страна, оваа сорта не била толку отпорна на вакцините во споредба со јужноафриканската. Кај вакцинирани лица биле создадени шестпати помалку антитела за јужноафриканската сорта, а двапати помалку антитела за калифорниската, во споредба со претходните варијанти што беа доминантни во времето на клинички тестирања на вакцините.

Научници што не биле директно вклучени во истражувањата сметаат дека калифорниската сорта на коронавирусот не би требало да предизвикува загриженост како за другите мутации.

Епидемиологот Вилијам Ханејџ од Факултетот за јавно здравство на бостонскиот универзитет Харвард укажува дека оваа сорта останала локална и не се проширила ниту низ САД ниту низ светот како на пример британската. Резултати од неодамнешно истражување покажуваат дека британската варијанта Б.1.17 е за 45 проценти позаразна во споредба со претходните сорти на коронавирусот во САД, а новата студија укажува дека калифорниската е 24 отсто позаразна од претходните.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот