Каков воен потенцијал имаат милитантите „оската на отпорот“, сојузниците на Иран
„Оската на отпорот“, која Иран ја усоврши во текот на изминатите четири децении, е лабава мрежа од пунктови и посредници, милитантни групи поддржани од Техеран и државните актери како сојузници кои играат важна улога во стратегијата на Иран да се соочи со Западот, неговите арапски непријатели и првенствено Израел.
Овој т.н. милитантен сојуз многу веројатно ќе се активира доколку Техеран одлучи да се одмази за атентатот на лидерот на неговиот близок сојузник Хамас, Исмаил Ханије, пишува балканскиот сервис на „Ал Џезира“.
Имено, како што наведува медиумот, овој „милитантен сојуз“ е активен во повеќе земји во регионот и тоа во Појасот Газа, Либан, Ирак, Сирија, но и на други места. Оваа мрежа со години наназад му дозволуваше на Иран да создаде хаос на непријателска територија, а во исто време создава простор за позиција од која може веродостојно да ја негира својата вмешаност.
Сега, според тврдењето на експертите за Блискиот Исток овој „Отпор“ многуверојатно ќе биде искористен против Израел и САД. Со други зборови, колку ќе биде посилен евентуалниот одговор од Израел и колку е посилна одмаздата од шиитските и сунитските непријатели на Израел во регионот, толку ќе биде подобро за Иран.
Ова е стратегија која ѝ претходеше на 1979 година и на Исламската револуција, и според експертите е усовршена и ребрендирана како „оска на отпор“ од Силите Кудс, елитниот огранок на иранскиот корпус на Исламската револуционерна гарда (ИРГ) во странство.
„Иако е нов термин, „оската на отпорот“ всушност опишува стар феномен и тој се поистоветува како поединец или група која е подготвена да се бори за Иран за да добие средства, оружје, воена обука и разузнавачка поддршка“, вели Али Алфонех, истражувач од Институтот на арапските држави од Персискиот залив во Вашингтон.
Но, додека Иран отворено се позиционираше како водечки глас на мрежата и повикува на глобален отпор против Израел и Западот, дел од силите Кудс избегнуваат микроуправување и им даваат простор на посредниците за маневрирање, објаснува истражувачот Алфине.
Либански Хезболах
Хезболах, што значи „Божја партија“, е основана од иранската Револуционерна гарда во 1982 година за да се бори против израелските сили кои го нападнаа Либан претходно истата година. Таа е тешко вооружената организација, која исто така е влијателен играч во либанската политика, ја дели шиитската идеологија на Иран и нашироко се смета за помоќна од либанската држава, пишува Ројтерс на оваа тема.
Хезболах служеше како модел за други организации поддржани од Иран низ Блискиот Исток, од кои некои ги советуваше или обучуваше. САД и другите влади од регионот, вклучително и арапските земји од Блискиот Исток блиски до Вашингтон, го сметаат Хезболах за терористичка организација.
Јеменските Хути
Бунтовничкото движење Хути воспостави контрола врз големи делови од Јемен за време на граѓанската војна што започна во 2014 година, кога го освои главниот град Сана и ја собори владата поддржана од Саудиска Арабија, водечката сунитска муслиманска сила на Блискиот Исток и главниот ривал на Иран за регионално влијание.
Хутите припаѓаат на зајдиската секта на шиитскиот ислам и долго време имаат пријателски врски со Иран.
Војната во Јемен ги доведе во конфликт со Саудиска Арабија и нејзините сојузници од Заливот, кои, претпазливи од проширувањето на влијанието на Иран, интервенираа во Јемен во 2015 година како поддршка на соборената влада. Саудиска Арабија ги поддржа дипломатските напори за ставање крај на војната во последниве години, при што беа домаќини на преговарачите на Хутите во Ријад во септември минатата година.
На 31 октомври Хутите објавија дека влегле во конфликтот во Газа со истрелување дронови и проектили кон Израел. Во ноември, тие ја проширија својата улога со напад на бродови во јужниот дел на Црвеното Море, велејќи дека тие биле насочени кон бродови што им припаѓаат на Израел или пловеле за израелските пристаништа, иако некои од целните бродови немаат позната врска со Израел.
Кампањата ги поттикна САД и Велика Британија да започнат воздушни напади врз цели на Хутите во Јемен во јануари. Хутите изјавија дека сите американски и британски бродови и воени бродови кои учествуваат во „агресијата“ ќе бидат цел на нивните напади. Нападите ја нарушија меѓународната трговија на најкратката поморска рута меѓу Европа и Азија, предизвикувајќи некои бродски компании да ги пренасочат своите бродови.
Исламскиот отпор во Ирак
Шиитските групи со врски со Иран станаа моќни играчи во Ирак по инвазијата предводена од САД во 2003 година и развија паравоени единици со десетици илјади борци.
Организацијата на вооружени шиитски фракции во Ирак наречена Исламски отпор почна да ги напаѓа американските сили стационирани во Ирак и Сирија во октомври минатата година, најавувајќи дека тие имаат за цел да одговорат на израелската офанзива против Хамас во Газа и да им се спротивстават на американските сили распоредени во Ирак и во регионот.
Нападите престанаа откако тројца американски војници беа убиени во напад со беспилотно летало во Јордан на 28 јануари, што предизвика силни одмазднички американски воздушни напади врз цели поврзани со Иран во Сирија и Ирак.
Паравоените сили од Сирија
Сириската влада предводена од претседателот Башар ал Асад е дел од „oската на отпорот“, но нема директна улога во актуелниот конфликт. Сепак, сириската територија беше арена на ескалација изминативе години.
Тие вклучуваат напади на паравоените сили поддржани од Иран против американските сили на Исток и израелски воздушни напади во Сирија против иранскиот персонал и интереси, вклучително и нападот на 1 април врз комплексот на иранската амбасада во Дамаск.
Во израелските напади беа убиени и членови на Хезболах во Сирија, а повремено имаше и размена на оган од Голанската висорамнина под израелска окупација и од југозападна Сирија. Овие милитантни групации исто така според пишувањата на светските медиуми се очекува да дадат поддршка на Иран доколу се реши воено да одговорои за убистовото на лидерот на Хамас од страна на Израел.