Силвија Митевска

Како војната со Иран се замеша во спортот во заливските држави

Како ќе се развива спортот во заливските држави ќе зависи од тоа како ќе се менуваат регионалните тензии и дали овие земји ќе успеат повторно да ја изградат меѓународната доверба како безбедни и стабилни партнери.

Последните случувања со нападот врз Иран го потресоа целиот свет, а спортот е едно од најпогодените полиња. Глобалната спортска мапа се стресе, донесувајќи турбулентен период во кој многу спортски настани се откажаа, држави бојкотираат спортски натпревари, а на некои натпревари националните тимови едноставно нема да можат да учествуваат. За набљудувачите на спортската дипломатија, особено интересно е да се следи како спортот во овој момент е директно погоден во заливските држави и како конфликтите влијаат врз нивната стратегија за остварување мека моќ, инвестиции и меѓународна репутација.

Во последните децении, заливските земји, Кувајт, Катар, Бахреин, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати стратешки инвестираа во развојот на спортот, особено во привлекување големи спортски настани. Покрај тоа што спортската индустрија е извор на приходи, странски инвестиции и вредни меѓународни спонзорства, овие држави спортот го користат и како платформа за брендирање на државата и за враќање на меѓународната доверба. Делумно, ова им успеа: сè повеќе луѓе ги препознаваат преку спортот, туризмот се подобруваше, а спортската инфраструктура се модернизираше. Но, најновите случувања укажуваат дека откажувањата на спортски настани претставуваат вистински кошмар за овие земји. Покрај тоа што се губат инвестиции и приходи, се загрозува и нивната репутација како модерни, глобално релевантни спортски држави.

Формула 1 е еден од спортовите каде што Катар, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати инвестираа најмногу капитал. Планираните трки за Големата награда на Бахреин и Саудиска Арабија беа официјално откажани и нема да бидат презакажани во рамките на сезоната. Ова претставува сериозен финансиски удар за сите вклучени: локалните организатори, Формула 1, спонзорите, телевизиските партнери и локалните економии, со проценка дека загубата може да надмине 100 милиони долари по трка. Саудиска Арабија веројатно полесно ќе го надмине овој краткорочен удар, бидејќи веќе инвестира во нова патека за Формула 1 како дел од пошироката стратегија за економска диверзификација и намалување на зависноста од нафта и гас. Бахреин, пак, како мала островска држава со ограничена копнена поврзаност и близина до Иран, е многу почувствителна и ранлива на геополитички тензии и треба да се следи каква е нивната стратегија по последните случувања.
И други спортски мега настани се откажани или одложени, како Големата награда на Катар во МотоГП, која беше закажана за следниот месец, а е одложена за ноември. И тековниот професионален турнир во падел – „Qatar Airways Premier Padel Tour“, чиј главен спонзор е авиокомпанијата што ѝ припаѓа на Владата на Катар, е под неизвесност дали и каде ќе се одржат преостанатите регионални натпревари. Фудбалот, како еден од столбовите на спортската стратегија на Заливот, исто така е погоден. Катар одлучи да ги одложи сите свои натпревари, што директно влијае на нивните инвестиции во спортската инфраструктура, особено по одржувањето на Светското првенство во 2022 година.

Истовремено, многу спортисти беа затекнати на натпревари во овие држави во моментот кога започна офанзивата врз Иран, што дополнително ја истакнува несигурноста и неизвесноста за спортските настани. Тенисерите на Dubai Duty Free Tennis Championships беа сместени во привремени засолништа додека се проценуваше безбедноста и се чекаа сигурни услови за патување, многу други спортисти што патуваа преку Дубаи мораа да испуштат учество на натпревари поради бомбардирањето врз аеродромот а и спортските работници како, на пример, тренерот на најтрофејниот клуб Ал Сад, не присуствуваше на Катарската лига бидејќи не можеше да се врати во Доха.

Покрај тековните натпревари, регионалните тензии ја ставаат под неизвесност и иднината на големи спортски настани кои веќе се планирани, како Светското првенство во кошарка во септември 2027 година во Доха како и кандидатурата на Катар за организација на Олимписките и Параолимписките игри во 2036 година.

Како ќе се развива спортот во заливските држави, ќе зависи од тоа како ќе се менуваат регионалните тензии и дали овие земји ќе успеат повторно да ја изградат меѓународната доверба како безбедни и стабилни партнери. Тековните конфликти јасно покажуваат дека успехот на нивните спортски амбиции не зависи само од инвестиции и инфраструктура, туку од сигурноста и стабилноста на целата меѓународна сцена, услови без кои големите настани, брендот на државата и стратегијата за „мека моќ“ тешко ќе преживеат.

(Авторката е експертка по спортска дипломатија)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот