Како власта ќе се справи со високата недоверба кај македонските граѓани за вакцината против ковид -19?

Додека во Америка и Велика Британија стартуваше вакцинирањето против опасната зараза ковид -19, повеќе од милион граѓаните во Македонија ќе ја „бојкотираат“ вакцината, бидејќи сметаат дека не е безбедна. Ова го покажуваат резулатите од истражувањето на јавното мислење на мрежата БИПАГ.

-Најсериозната грижа на многу граѓани кои не сакаат да се вакцинираат е безбедноста на вакцината, поради брзината со која тие се развиваат“, објаснуваат од БИПАГ.

Според социологот Илија Ацевски, високиот број на граѓани кои ќе одбијат да се вакцинираат доаѓа поради тоа што сме склони да веруваме во светски завери, но најмногу поради тоа што Македонците имаат и голема недоверба во државните институции.

– Ние сме склони да веруваме во некоја сила која управува од некаде далеку и дека затоа сме немоќни и постојано нешто ни се наметнува. Но, недовербата во вакцинацијата против опасната зараза, пред се се должи поради тоа што граѓаните на Македонија многу малку им веруваат на институциите. Колку е понизок процентот на верба во инситутиците, толку е поголем процентот на луѓето кои се сомневаат во нештата што доаѓаат од надвор и не веруваме во нивната ефикасност. Но, тоа се случува и во други држави особено оние кои се помали односно помалку моќни, вели Ацевски.

Според професорот Ацевски, за да се справат институциите со граѓанската недоверба во вакцината, не треба за неа да зборуваат само политичарите туку да се организираат и поблаги едукативни форми преку кои граѓаните ќе се убедат дека со вакцинирање ќе се справат со вистинската опасност по нивниот живот.

– Поради високиот процент на луѓе кои би одбиле да се вакцинираат, здравствените власти треба уште од сега да размислуваат и да надат начин таа да биде задолжителна. На пример, оние кои ќе одбијат да се вакцинираат, заштитните маски да станат задолжителни, или пак, во краен случај културните или други институции каде има голем број на вакцинирани граѓани маските да останат задолжителни, вели Ацевски.

Во меѓувреме македонските власти најавуваат дека првата тура вакцини против коронавирусот ќе стигне по новата година. Премиерот Зоран Заев вчера рече дека со вакцинација, ќе ги сруши шпекулациите против вакцината.

– Со личен пример, откако сите, како што предвидува протколот ќе се вакцинираат, ќе бидам еден од првите што ќе ја примат вакцината за да покажам колку тоа е исправно. Со тоа ќе покажам дека се невистинити сите шпекулации и лажни вести што излегоа во јавноста. Вакцината треба да се прими. Таа ги помина здравствените протоколи за воведување на вакцина исто како и сите други вакцини и протоколи за другите болести. Верувам дека на крајот на денот се се сведува на одговорноста на македонскиот народ и на сите граѓани во РС Македонија. Сега не станува збор само за односот кон другите, туку и за грижата кон самите себе, кон своите родители, но и повозрасните членови на семејството, рече Заев.

И опозицискиот лидер Христијан Мицкоски најавува дека ќе се вакцинира против коронавирусот. Не верува дека вакцините ќе пристигнат во јануари.

-Власта задоцни и не обезбеди доволно број на вакцини за сезонскиот грип. И сега задоцнија со вакцините за ковид. Прашање е дали тие ќе стигнат до мај. Сега да имаме и најмногу пари се ќе биде за бадијала, бидејќи поголемите играчи нудат повеќе од нас. Најавени се 800 000 дози, за околу 400. 000 граѓани. Власта вели дека соседите ќе ни помогнат, но со колку? Со две или пет илјади дози. Ако се надевате дека Грција, Србија, Албанија или Косово ќе ни помогнат тогаш тоа е пазарџиска политика. Земи две јаболки одтука, три круши од таму. За држава да биде сигурна власта треба да има план и стратегија. Ќе излезете и ќе речете дека 500.000 дози ќе дојдат во јануари, 100.000 во февруари, или 300 000 во март и дека до април населението ќе биде целосно вакцинирано. Но, тоа не е возможно да се случи, вели Мицкоски, во интервју за Алсат тв.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот