Како Виланова го убеди Меси да остане во Барса?

EPA-EFE/JOSE MANUEL VIDAL

Тито Виланова беше асистент на Пеп Гвардиола во најдобриот период во историјата на каталонскиот клуб (2008-2012), а потоа како главен тренер, во првата сезона триумфира во шпанскиот шампионат.

Освен што дојде до титулата, Барселона може да му биде благодарна на сега починатиот Виланова и за уште една работа, го убеди Меси да остане во клубот.
Помошникот на Виланова, Жорди Роура во емисијата „SinConcesiones“ откри дека во 2014 година, само шест дена пред да почине Виланова, бил посетен токму од Меси.

Роура откри дека во април 2014 година, Лионел Меси, сериозно размислувал да ја напушти Барселона, но долгиот разговор токму со Тито Виланова го натера да остане на „Камп Ноу“ и да потпише нов договор.
Меси тогаш започнал преговори со Манчестер сити, кој една година претходно како директори ги ангажира Феран Соријано и Чики Бегиристајн токму од Барселона.

– Меси не сакаше да остане во Барселона, бараше промена и затоа имаше првични разговори со Феран и Чики. Но, по посетата на Тито, тој се смени. Тито и Лео разговараа неколку часа, а потоа видов нешто различно од вообичаеното на лицето на Меси, како да беше друга личност. Не знам што си кажаа еден на друг, но Лео одлучи да остане во Барса и се надевам дека уште многу години ќе биде тука. Од друга страна Тито беше едноставна и директна личност – изјави Роура.

Лионел Меси во сезоната 2013/2014, само 28 пати ги тресеше противничките мрежи во Ла Лига, што беше прв пат од 2009 година да даде помалку од 30 голови. Додека во наредната сезона, инспириран од разговорот со Тито Виланова, Меси беше поинаква личност на теренот, постигна 58 голови во сите натпреварувања и на Барселона и донесе три трофеи, во Ла Лига, во Шпанскиот куп и во Лигата на шампионите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот