Како умираше Кочани

Несреќата, по која немаме сон, не дојде сама и случајно, таа е стимулирана, предизвикана, неконтролирана, занемарена, толку голема што ги задушува сите закани дека ќе има одговорност, како чадот што ги задуши децата.

Пред некој ден медиумите објавија дека починал Ванчо Димитров, иноваторот од Кочани, добитник на Гран-при на Светската изложба на иновации „Еурека 1996“ во Брисел за пронајдокот „Систем за апсорпција на издувни гасови“. Пронајдокот беше применет на еден негов автомобил, но беше предвиден за заштита од испуштање на штетни издувни гасови и од фабричките и други оџаци за да се спречи загадувањето на воздухот и животната средина.

Тој пронајдок Македонија, се разбира, не го откупи и не го разви, а можеби ќе ѝ се најдеше за превенција на вакви тешки случаи. Каква игра на судбината!

Тој успех на Ванчо, тогаш, го доживеавме како општомакедонски и ни даде некоја надеж дека Македонија има луѓе што ќе ѝ го покажат европскиот пат и тоа токму во правец што ѝ е најмногу потребен, а тоа се иновациите и економскиот развој. Тогаш, со него и со други кочанчани, Кочани беше во подем. Тогаш популарноста на Кочани, градот на Ванчо, беше голема не само во Македонија, туку и пошироко. Кочани беше добро познат град во нашата заедничка држава – Југославија.

Граѓаните на Македонија се сеќаваат на телевизиските прилози во кои доминираа сликите на големите оризови полиња, ниви под вода, беа импресивни и необични, слики на луѓе до колена во вода како работат и произведуваат ориз. Тие кочански полиња беа главниот оризарник на Југославија, па така и градот имаше реноме, имаше свој печат и штембил.

Откако дојде новото време, а тоа е беззаконието и самоволието, вестите за рекордите на производство на оризот се намалија, веќе никој речиси не ги ни спомнуваше, ниту пак некоја од телевизиите се занимаваше со проблемот на намалувањето на производството на кочанскиот ориз, што беше главна економска сила во земјоделието на овој град, ниту за ниските откупни цени што го оставија оризот во магацините да го јадат глувците.

Во индустријата, пак, беше позната фабриката за ламели „Руен“, основана во 1952 година, првин како мала работилница, а во 60-тите години специјализирана за производство на автомобилски и камионски спојки (ламели). Во тоа време „Руен“ одигра значителна улога во развојот на автомобилската индустрија на поранешна Југославија.

Кочанските спојки се вградуваа во новите возила на крагуевската фабрика за автомобили „Застава“ и во камионите „ТАМ“, „ФАП“ и други, а беше и снабдувач на светските брендови на спојки „SACHS“, а потоа и на „Волво“. Во тој гигант во тоа време работеа околу 1.000 вработени.

По немерливата трагедија, Кочани пак стана познато, но не само на просторите на поранешна Југославија, туку во целиот свет, по тоа што Македонија дозволи да ѝ загинат 59 млади луѓе, со ризик тој број да се зголеми, односно бројот изнесува плус еден, а тоа е возачот што почина од срцев удар поради големиот напор што не го издржаа од пренесувањето на повредените по болниците.

Всушност, умирањето на Кочани има своја нагорна линија. Во последниве години градот, како и цела Македонија, страда од „белата чума“ – масовното иселување. Во последниве години од Кочани се иселени околу 10 илјади луѓе, најмногу млади во потрага по подобар живот и подобра заработувачка. Па така, Кочани, град од 30 илјади жители, остана на 20-ина илјади, на чии млади единствена утеха им останаа масовните квазизабави.

Тие, како млади, не можат да претпостават, ниту се должни да знаат во какви објекти влегуваат во нивната желба за забава. Едноставно, тоа не е нивна работа. Во принцип тие ѝ веруваат на својата држава дека таа води грижа за нив, дека на секоја педа од сопствената земја што ќе згазнат се сигурни, што би требало да биде логично, но тука се крие најголемата измама од страна на нивната сопствена држава. Сега сите сфативме дека тоа воопшто не било така.

Сфативме дека никој од државата не се грижел и не се грижи за никого. Единствено, државата, читај власта, се грижела само за тоа како да се награба пари со издавање фалсификат дозволи, како да направи шема за што поголемо грабање преку ставката за патни трошоци, како двојно да си ги зголеми платите, како на работниците да не им ги задоволи барањата за повисока плата, како да не ги спроведе проектите од витално значење во образованието, во здравството во превозот, како да ја земе под контрола судската власт и од сето тоа да има лична корист.

Контролите затаија! Во малите места провинцијалноста го прави своето, сите се знаат и не е убаво да не си веруваат на збор, а ако некој навистина инсистира да работи според законот, излегува смешен и омразен со етикета дека е надуен тип, дека си ја сфаќа работата пресериозно и дека сето тоа може да помине така, површно. Никому не му се верува во можноста од избувнување пожар, или некоја друга несреќа, а за последиците никој и не мисли, со убедување дека тоа нема да ни се случи нам.

Така, по „белата чума“ црната чума се надвисна над Кочани, а со тоа и над Македонија.
Кочани денеска е град на изгубени многу генерации поради тоа што немале можност да ги задоволат своите основни животни потреби, исто како и целата наша земја за која постојано се удираме во нашите патриотски гради, а ништо не направивме откако се осамостоивме на полето на подигнување на животниот стандард и на внатрешната безбедност.

Чудно е тоа што секоја голема несреќа кај нас ја потиснува меморијата за претходните големи несреќи, како што беше погибијата во поплавата во Стајковци, жртвите на бугарските туристи со несигурното бротче, жртвите во автобуските несреќи, во модуларната болница во Тетово, за кои, замислете, никој не е осуден. Па, каква е нашата сигурност, колкава е цената на животот на македонските граѓани?

По трагедијата во Кочани, секоја надеж дека Македонија еден ден ќе мрдне напред – е умрена. Македонската безнадежност е запечатена. Фалшиво звучат сите (не)уверливи закани на „главните“ дека виновниците ќе бидат фатени и казнети. Што имаат жртвите од тоа? А, жртви сме сите, сите што не изгоревме во пламенот на таканареченото диско, изгоревме до душата и во надежта. Проблемот е во тоа што никој не гледа „маж“ што ќе го поведе орото и ќе го развее знамето на слободата. На секоја слобода и на граѓаните и на бизнисот и на правдата. Никој не успеа да ги искрши прангите на корупцијата. Не се најде маж да признае дека за сè што ќе се случи во времето на неговото владеење виновен е самиот тој. Затоа и се борел за власт, за да ги исправи слабостите што се провлекувале до неговото доаѓање.

Моралот одамна не живее овде. Дојди сиромав – замини си богат!
Но, според психоаналитичарите, совеста е најсилниот судија и џелат. Таа ќе го натера злосторникот сам да се појави на местото на злосторството. Треба само добро да се набљудува! Ова не е обична смрт, ова е – карасмрт!

(Авторот е новинар)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот