Како Украина повторно го постави прашањето за формирање на армија на ЕУ

Знамиња на Европската унија / Фото: МИА

Луѓето постојанo прашуваат: Кога ќе заврши војната во Украина? Одговорот во главно лежи во самата Украина, но и кај останатите демократски земји низ светов, како ЕУ, САД и Британија

Пројдоа 168 дена откако Русија одлучи да ја нападне соседна Украина. Оттогаш, западните лидери упатија безброј критики до рускиот претседател Владимир Путин и повикаа да се стави крај на конфликтот.

Западните земји воведоа голем број санкции кон Русија во различни сектори, а на Украина и доделија огромна финансиска и воена помош. Во првите месеци од војната се одржаа неколку преговори меѓу завојуваните страни, но сето тоа згасна по ужасниот масакр во Буча на почетокот на април.

Крајот на војната во Украина е прашање на кое сите сакаат да го знаат одговорот. Таквиот одговор во главно лежи во самата Украина, но и во останатите западни демократии, како ЕУ, САД и Британија, пишува „ЕУОбсервер“.

Фото: Володимир Зеленски/Фејсбук

Како што пишува порталот, меѓу сите овие играчи, крајната одлука би требало да ја има ЕУ, чии соседи се најмногу погодени од руската агресија врз Украина.

Според „ЕУОбсервер“, Путин одлучи да ја нападне Украина бидејќи виде одлична прилика за тоа. Растот на Кина – една од главните соработници на Русија – како и другите проблеми со кои се соочува САД (Тајван, Хонг Конг, Јужното Кинеско Море, Иран), беа добра шанса за Русија да дојде до тоа што го сака. Самата почит на Кремљ кон САД почна да опаѓа, а онаа кон ЕУ веќе и како да исчезна. Потегот на САД да се повлече од Авганистан, исто така имаше важна улога во одлуката на Русија, наведува порталот.

„Корејско сценарио“

Некои западни експерти стравуваат дека Украина може да се соочи со „корејското сценарио“, односно една нација поделена на два многу различни исходи. „ЕУОбсервер“ пишува дека ваквото сценарио лесно може да се замисли. Особено кога ќе се размисли за тоа колку долго издржа Приднестровие, како Русите ги зацврстија Абхазија и Осетија и колку брзо Москва го освои Крим.

Ако Западот на располагање има некакво значајно решение, тоа би било „воскреснување“ на авторитетот и почитта што Западот ги уживаше за време на Студената војна. Со една клучна разлика што, овојпат, клучната улога за заштита на демократијата во Европа со Украина како еден од нејзините интегрални делови, мора да ја игра ЕУ преку ефективна соработка со Велика Британија и САД.

Ако ЕУ навистина сака да го избегне „корејското сценарио“ на Украина, тогаш таа мора да почне да гради ефективно воено одвраќање, бидејќи веќе помина времето на декларации, глобални стратегии или „стратешки компаси“.

Урсула фон дер Лајен и Володомир Зеленски/ Фото EPA-EFE/SERGEY DOLZHENKO

Американската поддршка

Во март, ЕУ објави дека ќе одобри создавање на сили за „брзо распоредување“ на 5.000 војници, независни од НАТО (потег на кој се работеше многу пред конфликтот во Украина), потсетува „Вашингтон пост“. Но, додека разговараше за тој развој, високиот претставник на ЕУ за надворешни работи, Жозеп Борел, брзо отфрли какви било посмели потези: „Ние не сакаме да создадеме европска армија“, рече тој. „Не се работи за создавање европска армија“.

Презирот на поранешниот американски претседател Доналд Трамп кон НАТО за време на неговиот мандат беше јасен: Тој дури, наводно, разговарал со помошниците за повлекување од алијансата, пишува „Њујорк Тајмс“. Со доаѓањето на претседателот Бајден на власт, САД ги уверија партнерите во Европа и пошироко во нивната посветеност кон нив.

Прес конференција на Бајден во Мадрид/Фото: EPA-EFE/JUAN CARLOS HIDALGO

Но, примерот на Трамп и даде до знаење на Европа дека способноста да се потпре на САД сега може да варира од едни до други претседателски избори. Откако дојде на власт, администрацијата на Бајден јасно ја кажа својата желба да го префрли фокусот на САД кон Кина и Индо-Пацификот. Со оглед на ваквата состојба, ЕУ би било мудро да ја зголеми својата воена ефикасност.

Скептичарите или „европските реалисти“ би рекле дека формирањето на европската воена сила не би значело стопирање на Русија. Секако, Европа со силна војска сама по себе не е доволен предуслов за завршување на војната во Украина. Но, нема сомнеж дека тоа е суштински предуслов. На Путин мора да му се даде до знаење дека ЕУ е способна не само да се исклучи од руската енергија, туку и да се брани себеси и своите сојузници кога тоа ќе биде неопходно, пишува „ЕУОбсервер“.

САД имаат и ќе имаат доста пречки решавајќи ги проблемите на Индо-Пацификот, како и со Северна Кореја и Иран. Затоа, ЕУ, која директно е погодена од војната во Украина, треба да биде таа што ќе ги земе работите во свои раце, објаснува порталот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот