Како што тргнало, Филхармонијата ќе ја крстат Дарко Панчев, а Порта Влае – Крсто Мукоски!

Малку подолго „гуглав”, барајќи ги имињата на спортските сали. Покрај најпознатите „Борис Трајковски”, „Јане Сандански”, тука се и „Гоце Делчев”, „Никола Карев”, „Тодор Александров”, „Јордан Мијалков”, па „Гемиџии”, „Македонски херои”, „Македонско сонце”, „Независна Македонија”… Се помачив барајќи спортист, но сепак најдов: салата во Чаир се вика „Шабан Трстена”. Јухууу!

Порано барем ги крстеа според локацијата (Кале, Градски парк, Расадник…), но денес се бркаат гласови. И тамам мислевме дека заврши мачната антиквизација заради популизам, пристигна предлог Националната арена „Филип Втори” да се вика Тоше Проески!? Што би било трето име на арената за 10 години (кусо беше и „Телеком арена”). Ќе дојде ли и четврто по изборите?

Ова ми личи на кумствата низ историјата на централната улица во центарот на Скопје. Во зависност дали сме биле под турско, српско или бугарско, „Македонија” се викала „Јени џаде”, „Краљ Петар”, „Цар Борис”, сѐ до „Маршал Тито”.

Најмногу поради ликот и делото на Тоше Проески, најголемиот спортски објект не треба да се нарече по него. Евентуална аргументацијата дека на својот концерт ја наполнил Јужната трибина би била смешна. По таа логика, и Филхармонијата треба да се вика Дарко Панчев затоа што неговата сопруга е пејачка, а и Даре пропеа со „Куку леле”. Или, да свртиме малку на мајтап, ајде тогаш Порта Влае да ја крстиме – Крсто Мукоски!

Бришењето на „Филип Втори” од арената требаше да се случи и без Договорот од Преспа. Колегата Атанас Костовски официјално до федерацијата предложи да се вика Кирил Симоновски – Џина, што е многу подобро решение, но ФФМ има поважни работи – како партиски фирми преку тендери да ги подели десетината милиони евра што стигаат, главно, од УЕФА.

За да нема лицитирање со имиња според расположението и симпатиите кон одредени имиња, стадионот треба повторно да биде Градски, макар сега бил арена, и тоа национална. Ова име најдолго го носеше (од 1947 година), период во кој се создаваше спортската историја на Македонија. На Запад израснаа „Комити”, Градски преполн како грозд се тресеше од радостите на успесите на златната вардарова шампионска генерација…

Конечно, на Скопје му недостига да се врати малку градско во овој општ напад на т.н. сељачизам.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот